Дел од експедицијата застана да закрепне под врвот Кале, пред да се спушти кон Горно Врановци

Девет часа потрошивме во дваесет километри, наљубувајќи се со чиста природа, Мокра Планина и златна есен во името на слободата и на нашата „Нова Македонија“

„Пред многоја лета во земјава света, во Врановци Горно и во време морно, печатница се стори и азбука в миг и весникот се роди со оловен жиг“.
Во такт на химната од Венко Андоновски, во чест на нашата „Нова Македонија“ и неизбришливата традиција од 79 години, по третпат инициравме и реализиравме роденденски планинарски марш од велешко Горно Врановци до врвот Кале на Јакупица, за да укажеме на величината на првиот македонски дневен весник, да се поклониме на импресивниот подвиг на партизаните, да потсетиме на 29 октомври 1944, кога на раце ја носеле еден тон тешката печатарска машина „бостонка“ од Црешово до огништето на „Нова Македонија“, Горно Врановци, каде што е отпечатен првиот број на весникот на осум страници во свирепи услови.
Трета година по ред Ирена Диков, овој пат со планинарскиот клуб „Убава“, е иницијаторка на турата и со овој наш скромен подвиг таа уште еднаш подвлекува дека имаме само една држава – Македонија. И никој нема да ја дочува ако ние македонските граѓани не дејствуваме, како знаеме и умееме. А ние, членовите на актуелната „Нова Македонија“, јас, Сања Јачевска, Гоце Цветановски, Биљана Стајковска Граоркоска и поранешниот колега Ласте Димитриевски, со радост го дочекуваме денот Д.

Сања Јачевска

Турата кон врвот Кале на 2.112 н.м.в. почна од веќе познатата локација на крајот на селото Горно Врановци (650 м). Планинарските водичи Ана Момировска, Љупчо Дебарлиев, Велимир Граоркоски, Филип Гирев и Кире Коцев спонтано нѐ поведоа кон нашата целна точка. А ние, учесниците на турата, секоја година се радуваме што се менуваат, со што успеваме на поголем круг да му ја доближиме важноста на „Нова Македонија“, архетипот на македонското новинарство.
Временската прогноза најавуваше нестабилен облачен ден, но во првата половина на турата успеавме да впиеме витамин Д и во полн сјај да ги доживееме боите на есента. Спонтано ја креиравме најкомпактната чета и нога пред нога пуштивме сами да вртат километрите.
Како и речиси секоја планина, газевме прво низ нискостеблест предел до Острика (812 м), а потоа влеговме во густа букова шума, до изворот Невестинец (1.373 м). Прескокнавме неколку потоци, компониравме смирувачка симфонија со шумот на лисјата под нозете, ја преминавме и Милевичка Река (1.572 м). Се чувствуваше како во секого од нас влегол мирот на планината.
Кога излеговме на сртот, расположението на времето почна да се менува, па нежното сонце го покрија магла и не толку пријатен ветер. Раскошната панорама кон околните планини и особено маркантната Солунска Глава беа покриени со ниски облаци, кои ниту ветрот не успеваше да ги поттурне. Продолживме смело, вооружени со капи, ракавици, бандани… и силно мотивирани успеавме да се качиме до сртот Јалоарник, на кој веќе му дадовме наше име „македонскиот Стоунхенџ“. Тука маглата ни го затвори патот, видливоста беше мала и секој следен чекор навестуваше ризик.

Биљана Стајковска Граоркоска

Ја прогласивме турата за успешна и исполнета. Посведочивме како маглата го менува составот и со каква брзина се движи, за миг дури нѐ почести и со видици кон Караџица, кон Папрадиште… Студениот допир на ветрот нѐ придвижуваше. Па, по кратко земање здив и редок воздух, четириесетбројната екипа со побрз чекор почна да го гази патот назад.
Девет часа потрошивме во дваесет километри, наљубувајќи се со чиста природа, Мокра Планина и златна есен во името на слободата и на „Нова Македонија“.
Го заокруживме денот со посета на музејот што ја чува еднотонска печатарска машина „бостонка“, каде што стојат сведоците и доказите дека од основањето до денес „Нова Македонија“ е нераскинлив дел од нацијата и непрекинливо ги штити националните и државните интереси.
Дваесет и деветти октомври е неизбришлив датум, а ние секоја година преку нова „Нова Македонија“ ќе потсетуваме и повторуваме за учебникот што ја испишувал и ја испишува македонската историја, за весникот што ја запиша вистинската историјата на Македонија, за секој нов ден, за секој нов запис и факт од македонската историја!

Екипата на „Нова Македонија“ што годинава
ја продолжи убавата традиција