Фото: Емил Јовановиќ

Палењето на стрништата има повеќекратни штетни последици, како за луѓето така и за природата, а една од нив е загадувањето на воздухот. Како резултат на согорувањето се испушта поголемо количество јаглерод диоксид, кој е најголем предизвикувач на ефектот на стаклена градина, а со тоа се влијае и на климатските промени, кои, според научниците, предизвикуваат сѐ почести екстремни временски појави, кои ги оштетуваат и посевите

Палењето на стрништата како повод

Црвеникав густ чад над широките рамни полиња, кој под силината на ветерот се заканува да проголта сѐ околу себе, е честа слика што во овој период од годината ја гледаме низ земјава, особено на местата каде што се одгледуваат земјоделски и житни култури. Пред крајот на земјоделската сезона, особено во октомври и ноември, некои од земјоделците ги палат остатоците од бербата, со што предизвикуваат пожари, кои им штетат на почвата, но и на луѓето.

СОСТОЈБАТА ВО ЗЕМЈАВА Е АЛАРМАНТНА

Според досегашните истражувања направени токму со цел превенирање на ваквото неодговорно однесување на земјоделците, почвата е жив организам и запаленото стрниште ја уништува и ги деградира нејзината структура и микрофлора.
Со самото горење, според истражувањето, губиме зелено ѓубриво, кое е значајно за здравјето на почвата. Како последица на жетвата останува органска материја, која по орањето се распаѓа, а со тоа се подобрува структурата на почвата.
Изминатиов период беа евидентирани пожари речиси насекаде во земјава. Додека пожарникарите се обидуваа да го спречат ширењето на пламените јазици, земјоделците крајно неодговорно се обидуваа да се спасат од остатоците наместо да ги искористат.
– Палењето во полињата и ширењето на пожарите покрај патиштата се опасни за луѓето и животните, флората и фауната, но и за безбедноста во сообраќајот – велат експертите.
Само на средината на минатиот месец пристигнаа поразувачки податоци од Центарот за управување со кризи. Според нивните податоци, во септември, на територијата на Македонија имало вкупно 778 пожари на отворен простор. Од нив, за дури 43 пожари била потребна асистенција од воздух, поточно со „ер тракторите“. Освен „ер тракторите“, за дел од пожарите мораа да бидат активирани и хеликоптери на МВР.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, тогаш истакна дека состојбата со пожарите е алармантна, а пожарникарите и пилотите се исцрпени.
– Состојбата со пожарите на отворен простор е алармантна. Апелирам до сите земјоделци да не ги палат стрништата, а сточарите пасиштата. Пожари не се гаснат од воздух со „ер трактори“ и хеликоптери без поддршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма – истакна Ангелов.
Тој потенцираше дека и најмалиот пожар за миг може да прерасне во голем пожар што ги загрозува човечките животи.

Зошто луѓето палат стрништа?

Стрништата обично се палат по жетвата, а има неколку причини поради кои некои земјоделци се одлучуваат на овој чекор.
Најчеста причина се парите, бидејќи на тој начин им е поевтино и побрзо се ослободуваат од остатоците по жетвата.
– Не треба да ги палат тракторот и отпадното масло, да вршат агротехничка операција на лупење на стрништата, туку едноставно да го запалат, тоа исчезнува и нивното поле потоа е чисто – вели Киро Боцковски, земјоделец од Скопско.
Тој објаснува дека лупењето е агротехничка мерка за обработка на почвата, која се применува за подготовка на обработливото земјиште за сеидба на следната култура и, меѓу другото, вклучува и орање на остатоците од културата.
– Така, на пример, лушпите од слама или пченка стануваат еден вид ѓубриво. Палењето е „лоша практика“ бидејќи наместо органска материја, која би ја „хранела почвата“ при орањето, на теренот останува „пепел“. И покрај тоа, не користиме органско ѓубриво колку што треба, а поради недостиг од добиток, не ја одржуваме почвата како жив организам во добра состојба. За да може нормално да функционираат почвените агрегати, бактериите, микроорганизмите и сѐ што постои во почвата – објаснува тој.
Тој вели дека луѓето најчесто го прават тоа затоа што не размислуваат долгорочно.
– Тоа е нивна земја, не знам зошто ја деградираат и ѝ прават штета. Земјоделците треба да се обидат да ги зголемат нејзината вредност и содржината на органска материја за да имаат подобар принос во годините што доаѓаат – нагласува тој.
Освен што ги намалуваат трошоците, некои земјоделци го користат овој метод бидејќи, наводно, сметаат дека пепелта е корисна како извор на хранливи материи за растенијата.

Кои се последиците за природата и човекот?

Палењето на стрништата има повеќекратни штетни последици, како за луѓето така и за природата, а едно од нив е загадувањето на воздухот.
Како резултат на согорувањето се испушта поголемо количество јаглерод диоксид, кој е најголем предизвикувач на ефектот на стаклена градина, а со тоа се влијае и на климатските промени, кои, според научниците, предизвикуваат сѐ почести екстремни временски појави, кои ги оштетуваат и посевите.
Ефектот на стаклена градина е процес што доведува до прекумерно загревање на површината на Земјата, а во групата на овие гасови, освен јаглерод диоксид, спаѓаат и водена пареа, метан, азотен субоксид и хлорофлуоројаглероди.
Според истражувањето, со палењето на стрништата се уништуваат микроорганизмите од површинскиот слој на почвата, кои се исклучително важни за нејзиниот квалитет.
– Ова го уништува азотот, кој треба да се замени со ѓубриво, и ги намалува плодноста и содржината на хумус. Кога ќе го уништиме плодниот дел од почвата на површината или ќе го намалиме нејзиниот квалитет, во суштина уништуваме ресурс што не е обновлив од нашата гледна точка – се вели во истражувањето.
Во овие пожари умираат и разни животински видови што живеат на овие полиња.
Оваа застарена и штетна практика е исто така висок безбедносен ризик за луѓето, сообраќајот и имотот, често предизвикувајќи голема материјална штета.
Забележани се и случаи каде што поединци што се нашле на терен го загубиле животот, а и покрај тоа што овој акт е со закон забранет, луѓето продолжуваат да го применуваат.

ПРОЕКТ ШТО ИЗУМРЕ ВО СКОПЈЕ

Пред неколку години, во Скопје се спроведуваше проект што се однесуваше на бесплатно подигање на остатоците од берба на земјоделците, со цел спречување на нивното палење.
Според пожарникарите, овој проект треба сериозно да стане дел од локалните власти, не само во Скопје туку и во целата земја, за да се спречат пожари.
– Колку што се сеќавам, пред три години, градот даваше и бесплатно ѓубриво за сите земјоделци што ќе се јават и ќе побараат асистенција за стрништата. На тој начин тие беа мотивирани да не палат и добиваа некаква корист. Вака, најисплатливо им е да палат. За нив е бесплатно, но за безбедноста е прескапо бидејќи може да чини човечки животи – смета пожарникарот со кој се консултира нашата редакција.

[email protected]