Се засилуваат градежните активности за обнова на планинарскиот дом на Пелистер
Планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер доби чатија по 11 години од големиот пожар, откако градежните работи се интензивираа во изминатите три години. По бетонската конструкција се работеше на покривната конструкција, а предвидено е продолжување на изградбата со ѕидарски работи. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, најави дека се очекува внатрешното уредување на објектот да биде завршено до крајот на идното лето.
– Градежните активности на планинарскиот дом „Копанки“ влегуваат во финалната фаза. Моментално се привршуваат активностите за заокружување на карабината со покрив. Во следните две недели ќе се продолжи поставувањето лим на покривот, како и ѕидањето на страничните калкани. Следна фаза е застаклување и внатрешно уредување на објектот, кое се очекува да биде завршено до крајот на идното лето – изјави Коњановски по увидот на терен.
Планинарскиот дом „Копанки“ изгоре до темел во катастрофален пожар, кој се случи на 29 јануари 2013 година, а осум години подоцна и помалиот планинарски дом „Ловечка куќа“, по што посетителите на Пелистер останаа без капацитети за преноќевање на Баба Планина.
Обновата на „Копанки“ долго време тапкаше во место. Првично беше ветена брза обнова, но потоа дојде до оспорување на легализацијата на објектот и почна маратонски судски процес, за на крајот, по неколку години судење на локалната самоуправа и ПСК Пелистер, Вишиот управен суд да пресече дека домот му припаѓа на планинарско-спортскиот клуб Пелистер.
Од Општина Битола нагласуваат дека планинарскиот дом „Копанки“ е особено значаен објект за сите битолчани, како и за развој на туризмот. Градежните активности за обнова на планинарскиот дом во голема мера ги израдуваа битолчани, кои се надеваат дека по повеќе од една деценија „Копанки“ ќе биде обновен и дека не само тие туку и сите посетители на планината во блиска иднина ќе можат да ги користат неговите капацитети. Н.М.