Илустрација: „Нова Македонија“

Анализа во четири дела:

Во пресрет на изборот на новиот генерален секретар на ОН и во светлината на македонскиот преседан со името: Може ли ОН повторно да станат чувар на меѓународното право

  • Понекогаш една кандидатура за највисоката функција во меѓународната политика е важна не само поради човекот што ја поднесува туку и затоа што ја отвора вистинската тема. Кандидатката за генерален секретар на ОН, еквадорската дипломатка Ивона Баки со својот говор во ОН изненади многумина, затоа што храбро ја нападна архитектурата на Советот за безбедност (СБ), институција создадена во 1945 година, чија постојана структура, според неа, не ја одразува денешната распределба на светската моќ и население.
    Во пресрет на изборот на новиот генерален секретар на ОН, во анализата што следува ќе се обидеме да отвориме теми што поставуваат и одредена политичка и меѓународноправна дијагноза во насока на реформи од подлабока природа во ОН, но и да фрлиме нова светлина на сторениот преседан на нашата држава во врска со името

Во настапот пред Генералното собрание на 20 август еквадорската дипломатка Ивона Баки не зборуваше само за војните, превенцијата од конфликти и улогата на жените во мировните преговори. Таа го нападна самиот дизајн на Советот за безбедност (СБ), институција создадена во 1945 година, чија постојана структура, според неа, не ја одразува денешната распределба на светската моќ и население. Особено го посочи фактот дека Африка нема ниту едно постојано место во Советот. Таа вети и дека, доколку биде избрана, генералниот секретар нема да го води светот само од канцеларијата во Њујорк туку и лично ќе посредува во конфликтите. Со овој настап пред ОН се отвори нова страница. Прашањето веќе не е само кој ќе биде следниот генерален секретар на ОН туку и какви Обединети нации (ОН) сакаме да има светот во следните децении. Зашто ако ОН останат институција во која големите сили ја толкуваат Повелбата според сопствениот интерес, а малите и средните држави се повикуваат на Повелбата само кога тоа им одговара на моќните, тогаш проблемот не е само во Советот за безбедност. Проблемот е во целиот систем.

И токму затоа случајот со Македонија од 1993 година не е само македонска историска траума. Тој може да се чита и како тест на една многу поголема слабост на современиот мултилатерализам. Имено, што се случува кога политичката моќ ќе почне да создава свои правни правила внатре во институција чија основна задача е токму спречувањето на таквата произволност?


I. КОЈ ЌЕ ГИ ВОДИ ОН – И КОЈ ЌЕ ГО ВОДИ СВЕТОТ?

Во трката за наследник на Антонио Гутереш влегоа кандидати со исклучително различни биографии и политички пораки. Процесот официјално е поставен така што генералниот секретар го назначува Генералното собрание, но по препорака на Советот за безбедност. Тоа значи дека во самото срце на изборот на највисокиот меѓународен службеник лежи институцијата во која пет држави имаат право на вето. И тука се појавува првата иронија. Генералниот секретар треба да биде меѓународен службеник, а членот 100 од Повелбата експлицитно предвидува дека тој и неговиот персонал не смеат да бараат или да примаат инструкции од која било влада или надворешна власт.
Од друга страна, човекот што треба да ја претставува универзалноста на организацијата практично мора да биде прифатлив за сите пет постојани членки на Советот за безбедност. Тоа е институционалниот парадокс на ОН. Генералниот секретар е меѓународен службеник, но патот до неговата функција минува низ геополитичкиот интерес на големите сили. Оттаму и значењето на актуелната трка. Еквадорската дипломатка Ивона Баки е особено интересна бидејќи влегува во неа со порака дека Советот за безбедност мора да се промени. Нејзината теза е дека структурата од 1945 година не може да биде структура на светот во 2026 година.

Ивона Баки е добар дијагностичар

Еквадорката дипломатка поставува добра дијагноза. Но не е доволна. Зашто Советот за безбедност не е единствената институција што заостанува зад светот. Целата архитектура на ОН е создадена во еден свет што повеќе не постои. Во 1945 година имало 51 членка. Денес има 193. Во 1945 година колонијализмот сè уште бил огромен светски политички систем. Денес повеќето од тогашните колонии се суверени држави. Во 1945 година нуклеарното оружје било нов феномен. Денес постои систем на стратешко одвраќање што може да ја доведе во прашање самата егзистенција на човештвото. Во 1945 година не постоеле интернет, вештачка интелигенција, сајбер-простор, глобални дигитални платформи, транснационални технолошки корпорации и глобални финансиски мрежи со моќ споредлива со онаа на цели држави. А институционалниот нервен систем на светот сè уште во голема мера функционира според логиката од 1945 година.

Потребна е реформа подлабока од проширување на Советот

Реформата на Советот за безбедност е неопходна. Но таа не смее да биде сведена на прашањето дали ќе има уште пет или шест постојани членки. Тоа само би значело проширување на клубот на привилегираните. Вистинската реформа треба да одговори на едно многу потешко прашање: Како политичката реалност да се стави повторно под меѓународното право, а не меѓународното право постојано да се приспособува кон политичката реалност?

Тука би требало да почне новата агенда на ОН. Потребен е систем во кој:

  • употребата на ветото ќе биде ограничена во случаи на геноцид, злосторства против човештвото и масовни прекршувања на меѓународното хуманитарно право;
    одлуките на Советот за безбедност ќе подлежат на посилен механизам на правна контрола;
  • Меѓународниот суд на правдата ќе има поголема улога во оценувањето на правните прашања што се појавуваат пред органите на ОН;
  • постапките за избор на генералниот секретар ќе бидат уште потранспарентни;
  • генералниот секретар ќе има поголема институционална автономија од дневните геополитички пазарења;
  • Генералното собрание ќе добие посилни механизми кога Советот за безбедност е парализиран;
  • секоја земја членка ќе мора да има реално еднаква правна положба, без разлика на нејзината воена, економска или политичка моќ.И, можеби најважно, мора да постои механизам за спречување преседани. Зашто најопасниот дефект на меѓународното право не е само незаконската одлука. Најопасно е кога незаконската или правно спорната одлука ќе стане модел што може повторно да се употреби. А тука Македонија е еден од најинтересните случаи во историјата на ОН.

II. ОН НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ САМО СИЛА СО СЕКРЕТАРИЈАТ, ТИЕ МОРА ДА БИДАТ АВТОРИТЕТ

Денес светот ги има Обединетите нации, но сè помалку има доверба дека Обединетите нации можат да го обединат светот. Тоа е многу посериозна криза од бирократската неефикасност. Кога државите почнуваат да веруваат дека институцијата има двоен аршин — едно правило за големите, друго за малите — мултилатерализмот почнува да се распаѓа однатре. Тогаш државите повторно се враќаат кон старата логика: кој е посилен, тој има поголемо право. Но токму за да се надмине таа логика е создадена Повелбата на ОН.

Во членот 2 таа тргнува од принципот на суверена еднаквост на сите членки. Од државите бара спорните прашања да ги решаваат со мирни средства и забранува закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на државите. Тој јазик не е застарен. Напротив. Светот денес има поголема потреба од него отколку во 1945 година. Застарен е начинот на кој понекогаш институцијата го применува. И затоа реформата не треба да биде само административна. Таа треба да биде уставна по својата амбиција, дури и ако формално не значи целосно пишување нова повелба.

Три нивоа на нови Обединети нации

Прво – политичка реформа
Да се промени распределбата на моќта во Советот за безбедност и да се обезбеди вистинска регионална репрезентација.

Второ – правна реформа
Да се создаде механизам со кој органите на ОН нема да можат политички да „измислуваат“ нови категории на права, обврски или статуси што не произлегуваат од Повелбата.

Трето – реформа на кредибилитетот
Секоја држава, од најмала до најголема, мора да знае дека кога ќе влезе во системот на ОН, нејзините основни права како суверен субјект нема да зависат од тоа кој моментално има поголема дипломатска моќ.

Тука е суштината на мултилатерализмот. Не во бројот на конференции, не во бројот на резолуции, не во бројот на дипломатски состаноци, туку во предвидливоста на правото. Ако правилото не е предвидливо, нема право. Ако правото не важи еднакво, нема вистински мултилатерализам. А ако нема мултилатерализам, тогаш ОН стануваат само огромна дипломатска сала во која моќните се договараат, а малите се надеваат дека договорот нема да биде на нивна штета.


III. МАКЕДОНИЈА: ПРЕСЕДАНОТ СТАНУВА ВИРУС ВО СИСТЕМОТ

Во контекст на сето горенаведено, токму македонскиот случај станува многу поголема и подлабока малформација.

Имено, на 8 април 1993 година Република Македонија беше примена во ОН врз основа на резолуцијата 47/225 на Генералното собрание, по препорака на Советот за безбедност содржана во резолуцијата 817. Официјалната македонска државна страница денеска сè уште го опишува тој процес така – членството било овозможено со препорака привремено да се употребува референцата „поранешната југословенска Република Македонија“ до конечно решавање на разликата околу името…

Но токму тука започнува и лавината што сѐ уште нема земено полн замав.

Професорот по меѓународно право Игор Јанев со години ја застапува тезата дека во случајот на Македонија ОН направиле правен преседан. Имено, државата, според неговото толкување, била примена со дополнителни услови што не се содржани во членот 4 од Повелбата.

Во своите анализи во нашиот весник „Нова Македонија“ професорот Јанев особено се повикува на советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 година. Таа е сериозна правна теза и заслужува многу посериозна меѓународна дебата отколку што некогаш добила. Зошто?

Затоа што Меѓународниот суд на правдата во 1948 година навистина утврдил нешто принципиелно, а тоа е дека условите за прием во членство наведени во членот 4 се исцрпни и земја членка не може правно да ја условува согласноста за прием со дополнителни услови што не се предвидени во тој член. Судот истовремено нагласил дека политичкиот карактер на органите на ОН не ги ослободува од почитувањето на Повелбата. Членот 4, пак, ги определува условите за членство. Имено, државата треба да биде мирољубива, да ги прифаќа обврските од Повелбата и да биде способна и подготвена да ги исполнува. Приемот се врши со одлука на Генералното собрание, по препорака на Советот за безбедност (СБ). Токму тука се наметнува македонското прашање.
– Дали една политичка разлика меѓу две држави може да стане услов за идентитетот под кој третата држава ќе биде третирана во универзалната организација?

Ако одговорот е „да“, тогаш се отвора огромен проблем. Затоа што следниот пат може да се појави друга држава или друг билатерален спор, а можеби и друг историски конфликт или едноставно друг притисок, па повторно да се каже: Извинете, приемот е можен, но под услов. (!?)

Тогаш членот 4 повеќе не е правило. Тој станува само почетна точка за политичко преговарање. А тоа е токму она од кое меѓународното право треба да ги заштити слабите држави.

Ex injuria jus non oritur (од неправда не може да произлезе право)

Професорот Јанев ја користи старата правна максима ex injuria jus non oritur — од неправда не може да произлезе право. Во неговата анализа суштината на проблемот е токму во тоа што евентуалното прифаќање на спорната постапка не значи автоматски дека постапката станала законита. Тој смета дека фактот што Македонија ги прифатила условите не ја легализира самата процедура ако условите биле спротивни на Повелбата.

Во друга анализа за нашиот весник „Нова Македонија“ професорот Јанев оди уште подалеку и тврди дека држава не може да биде прифатена како полноправна членка без свој правен идентитет, а привремената референца не можела да биде замена за таков идентитет. Токму тука се судираат два света – политичкиот реализам и правниот формализам. Политичкиот реализам вели: така се договорија големите сили, така функционираше Советот за безбедност, Македонија влезе во ОН и спорот продолжи да се решава.

Правниот аргумент на Јанев вели: Не може една политичка конструкција да стане правна норма само затоа што била политички издејствувана.
И тука македонското искуство станува релевантно за целиот свет.

ПРОБЛЕМОТ НЕ Е ЕДИНСТВЕНО ВО ИМЕТО, ПРОБЛЕМОТ Е ВО ПРЕСЕДАНОТ

Ова е точката во која македонската приказна треба да излезе од тесниот национален дискурс. Прашањето не е само дали некогаш ќе се употребува „Република Македонија“ или „Северна Македонија“.

Прашањето е дали една универзална организација смее еднаш да воспостави процедура што не би смеела повторно да ја примени.

Ако одговорот е ДА, тогаш тоа мора да биде експлицитно утврдено. Ако одговорот е НЕ, тогаш ОН мораат да имаат механизам за корекција на сопствените преседани.

Ете, тоа е вистинската лекција од Македонија. Зашто правниот систем не се руши кога ќе се случи една грешка. Се руши кога грешката ќе стане правило!


IV. КОЈА БИ БИЛА ВИСТИНСКАТА РЕФОРМА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ?

Новиот генерален секретар, без разлика дали тоа ќе биде Ивона Баки, Ребека Гринспен, Керолин Родригес-Биркет, Рафаел Гроси или некој друг, не треба да биде само администратор на постојната организација. На ОН им треба чувар на институционалниот интегритет.

Кандидатите за нов Генерален секретар на ОН – Фото: ЕПА

Генерален секретар што ќе може храбро да каже дека Повелбата важи и кога е непријатна за големите сили! Тоа би било вистинско лидерство. А не само посредување или пак патување низ светот, па НЕ и само „реформа на Советот за безбедност“.

Вистинската реформа на ОН би била во насока на воспоставување на принципот дека меѓународната организација не смее да бара од државите да веруваат во право што самата не го почитува.

  • На ОН им треба постојан независен правен механизам за проверка на законитоста на нивните институционални акти.
  • На ОН им треба постапка со која земја членка ќе може да побара преиспитување кога смета дека орган на ОН создал нова обврска што не произлегува од Повелбата.
  • На ОН им треба посилен статус на советодавните мислења на Меѓународниот суд на правдата.
  • На ОН им треба принцип дека ниту една резолуција не смее да создава „ново право“ само затоа што имала доволно политички гласови.
  • И на ОН им треба нешто што денес можеби звучи речиси револуционерно: Право на исправка на институционална неправда! Не затоа што секоја стара одлука треба да се отвора. Туку затоа што ниту една меѓународна институција не смее да биде толку горда за да признае дека никогаш не може да згреши.

И ТОГАШ МАКЕДОНИЈА ПОВТОРНО СТАНУВА ВАЖНА

Македонија не треба да биде само државата што три децении се жали дека ѝ било оспорено името. Тоа е премногу мала улога. Македонија може да биде случајот што го поставува прашањето дали ОН имаат механизам за сопствена правна самокорекција.
Тоа е многу поголема тема. Зашто ако една држава можела да биде ставена во специфична институционална положба поради билатерален спор, тогаш светот мора да знае каде завршува политичкиот компромис, а каде почнува правната злоупотреба на една универзална институција. И кој го одредува тоа? Советот за безбедност?
Генералното собрание? Генералниот секретар? Меѓународниот суд на правдата? Или, како што често изгледа во реалноста, комбинацијата од политичката сила на неколку држави? Ако е последното, тогаш мораме чесно да признаеме:
ОН не се правна организација со политички елементи. Тие се политичка организација што се обидува да ја одржи фасадата на универзалното, односно меѓународното право.
Тоа е разликата што новиот генерален секретар мора да ја прекине.

ЕДНА НОВА ПОВЕЛБА НЕ Е НУЖНО ПОТРЕБНА, НО АПСОЛУТНО Е ПОТРЕБЕН НОВ КОДЕКС ЗА ПОЛИТИЧКИ И ПРАВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ТОЛКУВАЊЕ КЛУЧНИ ОДРЕДБИ ОД ПОВЕЛБАТА

Можеби најголемата грешка би била да се очекува дека утре 193 држави ќе седнат и ќе ја напишат Повелбата одново. Тоа веројатно нема да се случи. Но може да се направи нешто друго. Генералното собрание може да усвои нов политички и правен консензус за толкувањето на клучните одредби на Повелбата. Советот за безбедност може да прифати ограничувања на употребата на ветото. Може да се воспостави систематска правна контрола врз најконтроверзните одлуки. Може да се зголеми независноста на генералниот секретар.

Може да се воспостави институционален механизам за review of precedent — преиспитување стари институционални практики кога тие создаваат опасен преседан.
И, пред сè, може да се врати една заборавена идеја: еднаков третман на државите не значи еднаква моќ на државите. Големите сили секогаш ќе бидат големи сили. Но во институцијата што треба да го претставува човештвото, тие не смеат да имаат и поголемо право само затоа што имаат поголема сила. Тоа е разликата меѓу мултилатерализам и дипломатски клуб на моќните.

ИВОНА БАKИ И ПРАШАЊЕТО ШТО ТРЕБА ДА Ѝ СЕ ПОСТАВИ

Затоа најинтересното прашање до секој кандидат за генерален секретар не би требало да биде: Како ќе го реформирате Советот за безбедност? Туку: Што ќе направите кога Советот за безбедност или кој било друг орган на ОН ќе донесе политички корисна, но правно спорна одлука?
Тоа е вистинскиот тест. И второ: Дали генералниот секретар ќе има храброст да каже дека Повелбата важи и кога петте постојани членки не се согласуваат?
А трето: Дали ОН имаат право да создадат преседан што би бил недозволив доколку утре се примени врз друга држава?
Ако одговорот на овие три прашања е „ДА, но…“, тогаш реформата ќе биде само ново име за старата политика.
Ако одговорот е: „НЕ. Повелбата е над политичката погодност“, тогаш можеби навистина почнува новата ера на Обединетите нации.

МАКЕДОНИЈА КАКО ТЕСТ ЗА УНИВЕРЗАЛНОСТА

Името на една држава на крајот можеби изгледа како мал проблем во споредба со војните во Украина, Газа, Судан или со нуклеарната закана. Но институциите не се мерат само по тоа како ги решаваат најголемите проблеми. Тие се мерат и по тоа како се однесуваат кон послабите.

Токму затоа македонскиот случај е важен. Не затоа што Македонија е најважната држава во светот (иако, се разбира, ние си ја сметаме за најважна). Туку токму затоа што не е. Ако универзалното право важи само кога неговата примена не им пречи на најмоќните, тогаш тоа не е универзално право. Ако државата е суверено еднаква само додека не влезе во конфликт со интересот на посилната држава, тогаш суверената еднаквост станува декларација. Ако органите на ОН можат да создаваат исклучоци што потоа стануваат политичка реалност, тогаш секој мал член на меѓународната заедница мора да се прашува кој е следниот. Тоа е вистинската опасност од преседанот. Не што му се случило на оној пред вас. Туку што може да се случи кога „мечката ќе тропне и на наредната врата“!

И затоа изборот на новиот генерален секретар во 2026 година не смее да биде само кадровско прашање. Тоа треба да биде референдум за иднината на мултилатерализмот. Дали сакаме ОН што ќе бидат продолжение на светската политика каква што е? Или сакаме ОН што ќе имаат доволно институционален авторитет да ѝ кажат на светската политика дека постојат граници што не смеат да се преминат? И можеби токму тука лежи најголемата македонска поука. Не е доволно ОН да имаат Повелба. ОН мораат да имаат сила да ја почитуваат. А ако сакаат повторно да бидат кредибилни, мораат да покажат дека Повелбата не е книга за свечени говори во Њујорк, туку правило што важи и за најголемите, и за најмалите, и за оние што имаат право на вето, и за оние што немаат ништо освен своето право. Р.Н.М.