Карикатура: „НоваМакедонија“

Изјавата на државната секретарка на Франција, Лоренс Бун, дека „членство во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но не е нереална цел за Македонија“ беше со охрабрувачки, но непрецизно и педантно врамен рок, дадена од висок претставник на земја-членка на Унијата, а се однесува на зачленувањето на Македонија. Многу непознати се кријат во фамозната временска рамка Македонија до 2030 година да стане членка на Унијата, бидејќи сите показатели укажуваат на тоа дека станува збор за нереална цел, за која мисионери од ЕУ упорно продолжуваат да даваат лажни надежи. Ако ЕУ претходно не го исполни ветувањето за почеток на преговорите со Македонија кога земјава го промени уставното име, што, наводно, беше последен услов за отворање на европскиот пат, колку е извесно дека токму сега Европа ќе го испочитува она што го претставува како „амбициозно, но остварливо“

Последниот период зачести лицитирањето со 2030 година како рамка до кога Македонија би можела да стане членка на Европската Унија, иако земјава реално сè уште го нема започнато отворањето на преговарачките поглавја што е условено со внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, по што преговорите официјално би требало да започнат.
Реакциите што доаѓаат од официјални европски претставници во врска со можното зачленување на Македонија во ЕУ до 2030 година повторно се во насока на остварување на европските интереси и планови во земјава, кои сега се фокусирани исклучиво на потребата од уставни измени, па така и охрабрувачките изјави се со таква цел, уште едно лажно ветување за полесно да се проголта уште една отстапка кон Бугарија.

– Членство во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но не е нереална цел за Македонија – порача неодамна државната секретарка на Франција, Лоренс Бун. Пред извесно време слична порака стигна и од словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон.
– Искрено верувам дека со тоа што Македонија ги започна пристапните преговори за членство во ЕУ е на пат за цврсти реформи, макотрпна работа, што ќе ја внесат државата во ЕУ во 2030 година – истакна Фајон.
И заменик-амбасадорот на ЕУ, Џулијан Васало, вели дека целта што си ја постави македонската влада до 2030 година да биде подготвена за членство во ЕУ е остварлива, бидејќи земјата не ги почнува преговорите од нула.
Во целата оваа ситуација, амбициозноста и оптимизмот на кој се повикуваат европските, но и домашните официјални претставници не ги делат македонските граѓани, кои се убедени дека ваквото „храбрење“ не е ништо друго туку ново празно ветување само да се направат бараните уставни измени.

ЕУ да понуди реална и прецизна пристапна рамка што ќе даде силен импулс во македонското општество

Многу непознати се кријат во фамозната временска рамка Македонија до 2030 година да стане членка на Унијата, бидејќи сите показатели укажуваат на тоа дека станува збор за нереална цел што некој упорно ја турка. Ако ЕУ претходно не го исполни ветувањето за почеток на преговорите со Македонија кога земјава го промени уставното име, што, наводно, беше последен услов за отворање на европскиот пат, повеќе од извесно е дека ниту сега Европа нема да го испочитува она што го претставува како „амбициозно, но остварливо“.
Она што реално во овој момент ѝ е потребно на Македонија, тоа е ЕУ, наместо тапкање по рамо, да понуди стратегиски план за преговори со земјава што ќе вклучува утврдување прецизна динамика и рокови во кои ќе се реализираат поставените цели. Исто онака како што во преговарачката рамка го вметна бугарскиот протокол. Попластично објаснето, како што сега Брисел утврди краен рок до кога треба да се направат уставните измени, а тоа е пред завршувањето на скрининг-процесот следната година, така исто во документ да одреди и на пример до 2025 година Македонија да ја заврши реформата на администрацијата, до 2027 година да го прочисти судството, до 2028 да ја стави во нормални рамки корупцијата, до 2030 година да го подигне нивото на образованието и здравството, до 2033 да ја подобри состојбата во животната средина и да ги заврши клучните инфраструктурни проекти, да ги зајакне економијата и конкурентноста и на крајот во 2035 година да го потпише договорот за влез во ЕУ.
Ваква утврдена и прецизна преговарачка рамка ќе даде силен импулс во македонското општество дека постои реално временски остварлива цел што може да се постигне само ако посветено и вредно се работи на нејзиното остварување.
Од друга страна, немањето јасна европска перспектива уште повеќе ја турка државата кон сè поизразен евроскептицизам, кој за десетина години може да кулминира на тој начин што ЕУ повеќе нема да биде привлечна опција за мнозинството македонски граѓани.

За Македонија сега се лицитира со 2030-та, а соседите преговараат веќе деценија

За да се размислува во насока на потенцијално зачленување на земјава во ЕУ и кога би можело да се случи тоа, реално мора да се анализираат два аспекта, македонскиот и европскиот.
Ако Македонија го немаше проблемот за името, повеќе од веројатно е дека нејзиниот пат во Европската Унија ќе одеше паралелно со оној на Словенија, или во најмала рака, со тие на Бугарија и на Романија. Но земјава ја немаше таа среќа да напредува според исполнувањето на европските критериуми, па остана заглавена во евроинтеграциите поради анахроните барања од страна на нејзините соседи, најпрво Грција за промена на името, сега и Бугарија со промена на идентитетот, јазикот и историјата.
Реалноста е таа и сега сиот фокус е насочен како да се исполни уште еден услов, кој повеќе од јасно е дека нема да биде последен и конечно да започне отворањето на преговарачките поглавја.
Како што сега стојат работите, нема двотретинско мнозинство во Собранието за неопходните уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, така што имајќи го предвид распоредот на политичките сили, повеќе од веројатно е дека главниот услов за почеток на преговорите нема да биде исполнет наскоро. Но ако по некој случај во меѓувреме политичките чинители во земјава седнат и постигнат некаков консензус за уставните измени, отворањето на преговарачките поглавја би започнало следната година, поточно во 2023 година. Гледано од оптимистичката перспектива и рокот за зачленување до 2030 година, произлегува дека Македонија треба за седум години да ги заврши сите домашни задачи што не успеа да ги направи ниту за 30 години.
Дополнително што не оди во прилог на оптимистичките храбрења од Брисел е фактот дека Црна Гора и Србија преговараат со ЕУ десет години, а не завршиле ниту осум отсто од преговорите. За Турција воопшто и да не станува збор, која преговара со децении и повторно е на почетокот без шанси да мрдне напред. Понатаму, имајќи го предвид степенот на корупција во земјава, партизираната и тромава администрација, нефункционалниот правосуден систем, малку е веројатно брзо да се отворат и да се затворат овие поглавја без претходно да се направат сериозни реформи што бараат подолго време.
Сето ова погоре кажано наведува на единствен логичен заклучок, а тоа е дека храбрењата од страна на Брисел за реална амбиција за наше зачленување во ЕУ до 2030 година се наменски, односно се даваат само за да се постигне одредена цел, или во нашиот случај да се внесат Бугарите во македонскиот устав, па потоа ќе се лицитира со нови датуми.

ЕУ не знае дали сака проширување, а изнесува датуми за членство

Војната во Украина дефинитивно ја измести ЕУ од нејзиниот комотен колосек на бирократско продавање ветер и магла за некакви европски вредности, кои буквално на секој чекор, особено врз примерот на Македонија, постојано се погазуваат.
Високата инфлација, енергетската криза, како и економската криза што сè посилно ги притиска најмоќните европски земји, уште повеќе ги зголеми поделбите внатре во европскиот блок, кој многу повеќе е загрижен како да ја задржи внатрешната кохезија отколку да размислува за нови проширувања.
Додека Германија од една страна притиска за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, францускиот претседател Макрон веќе ја реализира сопствената замисла за европска политичка заедница, која многу веројатно ќе биде замена за полноправното членство.
Затоа е исклучително важно земјите-кандидати заеднички да извршат притисок врз Унијата, која ќе мора конечно да соопшти какви се нејзините планови за проширување, односно дали воопшто ќе го има во скора иднина, а не, пак, во 2030 година, како што се храбри Македонија.
Ако Европа е искрена, тогаш мора да излезе со реален план со утврдени рокови до кога мора да се исполнат сите критериуми и кога секоја земја ќе стане членка. Без таква рамка, целиот процес е само обична фарса што резултира со немање волја во ниту една земја за вистински суштински реформи.
Поранешниот амбасадор и вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски во никој случај не го дели оптимизмот дека во 2030 година Македонија може да се надева на членство во ЕУ.
– Во 2030 година ниту еден од актуелните носители на одлуки во Европската Унија, а ни во земјите-членки на ЕУ, дури ни во земјите-кандидати, како Македонија, нема да биде на функција. Самиот факт дека 2030-та се спомнува како датум јасно зборува дека нема конечна одлука за прием на која било нова земја во Европската Унија. Да не зборувам, пак, колку е навредливо за нас, а и за другите земји-кандидати, тоа што 2030 се спомнува уште како некаков оптимистички датум?! – вели Боцевски.
Според него, кога се случувале поранешните големи проширувања на ЕУ биле поставени јасни временски рамки и динамика до кога треба да се случи тоа, што кога станува збор за Македонија и другите земји-кандидати не е случај.
– Само да се потсетиме дека при големото проширување од 2004 година, конечна одлука за прием на земјите беше донесена некаде помеѓу усвојувањето на Амстердамскиот договор (1997) и почетокот на воената операција на НАТО против Србија (1999), вистинската работа околу преговорите се заврши некаде до 2002 година, па проширувањето се случи во 2004, односно во 2007 година. Значи кога постои конечна одлука за прием сета работа се завршува во еден политички мандат, односно во три-пет години. Да не зборуваме, пак, дека сите земји од Западен Балкан се подобро подготвени и за преговори и за влез во самата ЕУ отколку која било од новите земји-членки што биле во 1997, 1999, 2002, па и во 2004 кога влегоа во Унијата – категоричен е Боцевски.
Тој смета дека лицитирањето со датуми за влез, без суштинска желба тоа вистински да се реализира, е крајно понижувачко за земјите-кандидати.
– Секое лицитирање со датуми е неблагодарно, иритантно, а веќе и понижувачко.
Доколку сега, по руската инвазија врз Украина не се донесе одлука за членство, тогаш не гледам кога повторно ќе постои итност или потреба за заокружување на европската интеграција со земјите од Западен Балкан – заклучува поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски.