Анализата на 45.000 соопштенија за печат од Европската комисија покажува дека тие се покомплицирани од оние на владите на земјите-членки

Научно е докажано дека никој не може да ја разбере ЕУ

Репутацијата на Европската комисија во однос на користењето фразеологија е неприкосновена, а сега и добиените податоци ја поткрепуваат оваа перцепција. Ваквата пресудата беше донесена по опширната анализа на 45.000 соопштенија за јавноста, а беше согледано дека комисијата го прави тоа на сложен начин, дури и во споредба со другите европски влади. Авторот на истражувањето, Кристијан Раух од Центарот за општествени науки ВЗБ во Берлин, тврди дека тоа не само што им ја отежнува работата на новинарите туку претставува и политички проблем. Неразбирливите соопштенија оставаат доста простор за евроскептиците и домашните политичари, кои сакаат да го обвинат Брисел во однос на преведената кореспонденција.

Комисијата сака да звучи „интелектуално“

Раух во Журналот за европска интеграција напиша дека „на овој начин, технократската комуникација лесно им оди од рака на оние што сакаат да изградат имиџ на бриселска елита, одвоена и незаинтересирана за европските граѓани“. Тој анализираше податоци од соопштенија за јавност на комисијата издавани во текот на 35 години, напишани на англиски јазик, проучувајќи притоа фактори како граматичка сложеност и жаргон. За споредба, тој вршеше анализа и на весници, извадоци од научно-политички текстови и преписки со британската и со ирската влада. Иако не е за изненадување фактот што комисијата се покажа како некој што употребува поформален јазик од таблоидите, националните влади имаат подобар резултат и во однос на разбирливоста на јазикот и употребата на обични зборови (елиминирајќи го на тој начин оправдувањето дека комисијата мора да звучи „интелектуално“, бидејќи се занимава со прашања од сферата на официјалната политика).

Тешки и обемни за читање

Во поглед на тоа колку текстовите се лесни за читање, полош резултат од комисијата имаа само политиколозите. А кога станува збор за жаргонот, луѓето задолжени за комуникација во комисијата ги надминаа дури и академиците. Раух смета дека барем делумно од ова се прави и намерно. На пример, пораките од типот „…предвидената флексибилност во правилата за државна помош…“ се однесуваат на трнливите разговори со европските престолнини, а „тријалозите“ се однесуваат на кореспонденција со Европскиот парламент и Европскиот совет (или, поедноставно кажано – со националните политичари). Комисијата е често на мака и се труди јавно да не ги налути главните градови, додека спорните прашања се разгледуваат и преговараат во дискреција.
Анализирајќи го квантитетот на соопштенија во периодот 1985 – 2020 година, Раух дојде до заклучок дека во раните 2000-ти, кога претседател на комисијата бил Романо Проди, месечниот обем на соопштенија достигнувал и до 150, а слични биле бројките и за време на двата мандата на Жозе Мануел Баросо. Меѓутоа, за време на својот петгодишен мандат, кој заврши во 2019 година, претседателот на првата „политичка“ комисија, Жан-Клод Јункер, во голема мера го намалил бројот на соопштенија за печат, кој се движел некаде околу 50 на месечно ниво (анализата на соопштенијата од ваков вид во текот на 2020 година покажа дека Урсула фон дер Лејен, како негова наследничка, воведе тренд за повторно зголемување на квантитетот на комуникација со печатот).