По состанокот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ на седница на Извршниот комитет што се одржа утрово донесе одлука да го овласти претседателот на партијата Христијан Мицкоски да не се прифатат уставни измени под, како што велат од партијата, диктат.
– Уставни измени под диктат не смее да има. Носење на уставни измени кога е нападнат националниот идентитет на македонскиот народ, и се оспорува јазикот историјата и културата не е никаков чекор напред. ИК на ВМРО-ДПМНЕ во името на огромно мнозинство граѓани бара фер шанса иста како што ја имаат останатите држави кога пристапуваат кон ЕУ – изјави потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски.
Одговарајќи на прашање што доколку не успеат уставните измени, Муцунски кажа дека следниот чекор се предвремени парламентарни измени.
– Следниот чекор што треба да се случи доколку Владата мисли дека тоа е добриот план е овие амандмани што ги подготвуваа во една затворена работна група да ги достават до Собранието па да видиме дали постои тоа мнозинство. Очигледно е дека нема мнозинство. Следниот чекор по овој капитален неуспех којшто ја стави Македонија во подредена состојба овој процес на попустлива надворешна политика која што е континуитет на владеењето на ДУИ и на СДСМ во последните шест години е предвремени парламентарни избори. Сите да ја понудиме својата алтернатива за како ќе се поспеши европската интеграција – дали преку попустлива надворешна политика од страна на едниот блок или преку надворешна политика која што гарантира извесност врз основа на принципи најдобар одговор на тоа граѓаните ќе ни го дадат на тие две алтернативи преку одржување на предвремени парламентарни избори. Така што, тоа е очигледниот излез на оваа криза, на овој ќорсокак којшто го создаде актуелната Влада на ДУИ поддржана од СДСМ – рече Муцунски.
Додаде дека прашањето за предвремени парламентарни избори ќе биде една од темите коишто ќе се дискутираат помеѓу двајцата лидери.
Средбата на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за уставните измени ќе се одржи во 11 часот во Клуб на пратеници, а ќе се разговара за иднината на земјата во контекст на евроинтеграциите условени со уставни измени и вклучување на Бугарите во Преамбулата.