Фото: ЕПА

Во класификуван документ на Бундесверот, до кој имал пристап германскиот весник „Билд“, се наведува дека НАТО се подготвува за голем руски напад на своето источно крило, односно кон источните земји на Европа што се членки на НАТО , односно на ЕУ

ВО МЕДИУМИТЕ ПРОТЕЧЕ ТАЕН ДОКУМЕНТ ОД ГЕРМАНСКОТО МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА

Во доверливиот документ („Тајни информации – само за службена употреба“), германското министерство за одбрана дава детали за можниот „пат до конфликт“ меѓу Русија и НАТО. Акциите на Русија и Западот се евидентираат месец по месец, кулминирајќи со распоредување стотици илјади војници на НАТО и избувнување на војна во летото 2025 година.
„Билд“ го опишува сценариото од документот, но од безбедносни причини не ги наведува сите информации за бројот и движењето на војниците на НАТО.
Сценариото на Бундесверот, „Одбрана на Алијансата 2025“, започнува во февруари 2024 година. Русија започнува уште еден бран на мобилизација и регрутира дополнителни 200 илјади луѓе. Кремљ потоа ќе започне пролетна офанзива во Украина, украинската армија ќе биде потисната до јуни.
Најпрвин таен, а потоа сè поотворен напад на Русија кон Западот започнува во јули. Се очекуваат сајбер-напади и други форми на хибридна војна, главно во балтичките земји. Следува конфликт, кој Русија го користи како изговор за да започне големи вежби на нејзината територија и во Белорусија.
Според сценариото, оваа ситуација може да се влоши во октомври доколку Русија префрли војници и ракети со среден дострел во Калининград. Од декември 2024 година, вештачки предизвикани „гранични конфликти“ и „немири со голем број жртви“ се случуваат во областа на коридорот Сувалки.
Во време кога САД нема да имаат лидер неколку недели по изборите, Русија со поддршка на Белорусија започнува операција на територијата на НАТО, се наведува во документот. Во мај 2025 година, НАТО презема мерки за задржување на „Денот X“. НАТО префрла 300.000 војници, вклучувајќи и 30.000 војници на Бундесверот, на источното крило.
Сценариото завршува 30 дена по „Денот Х“. Дали НАТО ќе ја запре Русија? Ова прашање останува отворено во сценариото.