САМИТОТ НА НАТО ВО АНКАРА – СТРЕС-ТЕСТ ЗА АЛИЈАНСАТА ИЛИ НЕШТО ПОВЕЌЕ
- Патеката на трансформација на НАТО од 1949 година, па досега јасно кажува дека тој воен сојуз повеќе не може да се гледа како чувар на светскиот мир, статус обезбеден со потпис на ООН во 2008 година. Ова ново НАТО се прошири до граници што некогаш беа незамисливи, а тоа ширење бараше и нови воени стратегии и концепти, но и многу пари, особено од европските сојузници, каде што е и Македонија. Иако за тие трошоци кај нас и не се зборува најтранспарентно. Согледувајќи ги сите елементи што се јавно достапни, правиме анализа каде ќе се движи новото НАТО „плус“ и што може Македонија да каже во Анкара
Иако засега никој не користи термини „историски“ за самитот на НАТО во Анкара, според многу индикатори, тој би можел да биде токму тоа. Пред сѐ заради очекуваниот квантен скок на Алијансата, за кој и во дипломатските кругови многу малку се зборува. Тоа е секако полутајниот пакт меѓу ООН и НАТО склучен во 2007 година кога генерален секретар на ОН беше Бан Ки-мун, а официјален печат и потпис на тој пакт стави генералниот секретар на Алијансата, Јаап де Хооп Шефер, во 2008 година. Постојат многу причини и факти денес во ова време светот да се сомнева дека токму НАТО е воената организација задолжена за зачувување на светскиот мир. Насоката на движење на НАТО, особено во период кога американскиот претседател Доналд Трамп го игра воениот дамин гамбит не даваат аргументи во таа насока. Дотолку повеќе што и САД и ЕУ, а секако тука е и НАТО, се во отворена конфронтација со две суперсили – Русија и Кина. Ниту НАТО, ниту, пак, ОН не успеаја да го зачуваат светскиот мир. Напротив, светот денес е пред воена конфронтација меѓу најсилните, па дури не се исклучува ниту нуклеарен армагедон. Воените доктрини на сите овие големи блокови го кажуваат тоа. Империјалистичките апетити ги имаат сите на свој начин, некој за ресурсите, некој за влијание и територии.
НАТО – ОД БЛОК ВО СТУДЕНАТА ВОЈНА ДО ЕКСПАНЗИЈА НА ИСТОКОТ
Од своето основање во 1949 година, Северноатлантската алијанса (НАТО) доживеа повеќе трансформации, но историски гледано својот клучен пресврт го имаше во раните деведесетти години на минатиот век. Клучни се две точки од основачкиот акт, Вашингтонската спогодба – членот 5, кој вели дека напад врз една членка е напад врз сите, и членот 10, кој промовира политика на отворени врати. Клучниот пресврт, особено за Европа, е периодот кога американската администрација е раководена од двоецот Клинтон-Олбрајт и кога се отвора политичка битка за прашањето за проширувањето на НАТО. Падна Берлинскиот ѕид, падна Железната завеса и Америка беше принудена да одговори на основното прашање – односите со Европа, НАТО и Русија. И почнаа да се отвораат вратите на НАТО – Полска, Чешка и Унгарија во 1997 година станаа членки на Алијансата, со што ќе се означи историската пресвртница на почвата на европскиот континент – бивши членки на Варшавскиот пакт заиграа во нови дресови. Вистинскиот биг-бенг на НАТО се случи пет години подоцна, токму во Прага, кога во Алијансата влегоа дури седум нови членки: Бугарија, Романија, Словачка, Словенија и трите балтички земји. За Македонија тогаш останаа само ветувањата за отворена врата – истата онаа за која од НАТО уште во 1995 година ни порачаа дека ни е на располагање. Таа стана членка во 2020 година, со промена на историското име, на Уставот и на идентитетската лична карта, со што се отвори бришан простор за напади дека „Македонците се вештачка нација“.
СЕ СОЗДАВА НАТО НА 21 ВЕК
Ќе ги наведеме клучните моменти од трансформацијата на Алијансата. Пред сѐ тоа е Стратешкиот концепт од 2022 година: главниот политички документ што ги зацврстува трите основни задачи на НАТО: колективна одбрана, спречување и управување со кризи и соработка во безбедноста. Формално ја означи Русија како најзначајна закана за евроатлантската безбедност. Но во стратегиските документи на Америка, тоа е и Кина. А можеме ли да ги одвоиме САД и НАТО? Се очекува ова да биде одговорено во Анкара. Потоа, Декларацијата од Хашкиот самит, договор што ги обврзува сојузниците да инвестираат пет отсто од БДП годишно во основни трошоци поврзани со одбраната и безбедноста до 2035 година. Каде оди новото НАТО се гледа и од Стратегијата за примена на дигитална трансформација, каде што се користи и вештачка интелигенција, при што Американците ја развиле до енормни граници, но нема сите да имаат пристап до неа, наводно за да нема злоупотреби, а потоа и стратегии за војување во воздух, на копно, под вода, во вселената и секако во кибернетскиот простор. Проширување на сојузниците: Алијансата се прошири на 32 членки со прием на Финска (2023) и Шведска (2024), со што речиси целото Балтичко Море беше ставено под капата на НАТО, но и се смени балансот на силите во Европа со кој се гарантираше мирот по Втората светска војна (потврдено и со основачкиот акт на КЕБС, денес ОБСЕ). Алијансата со сите овие милитантни движења и престројувања е практично лице в лице со Русија на огромна територија.
ШТО Е НАТО „ПЛУС“?
Одговорот на ова прашање можеби ги исцртува контурите на нешто што ќе следува во блиска иднина, а тоа е како да се изнајде формула од трансатлантско НАТО да се претвори во глобален сојуз. И дали и такво НАТО во центарот ќе ја има Америка? На самитот во Анкара ќе се потврди постоењето на НАТО „плус“. Во Турција ќе дојдат и лидерите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и на Јужна Кореја, како и на земјите од Заливот: Бахреин, Кувајт, Катар и ОАЕ. На јубилејниот самит во Вашингтон во 2024 година, каде што учествуваше и Македонија, учествуваа и Јапонија и Филипини, кои претходно сковаа воен пакт, со што кренаа високи бранови во Индопацифичкиот Регион и се постави прашањето – дали е ова американски одговор на „кинеската експанзија“. Претходно беше создаден и АУКУС, класичен воен пакт меѓу САД, Велика Британија и Австралија, при што тогашниот американски претседател Џо Бајден „елегантно“ (повеќе брутално) ги исфрли Французите и неговиот колега Макрон од воената игра наречена француски воени подморници за Австралија. На тој пакт, повторно, реагираше Кина, сметајќи го за закана за својата безбедност и националните интереси. Светот по самитот во Вашингтон праша – дали се раѓа или, пак, се роди и азиско НАТО? Меѓународните односи станаа многу покомплексни.
Македонија може да потсети на опасност од повторувањена историјата
На годишниот самит на Алијансата, македонската делегација ќе биде предводена од претседателката и врховна командантка Гордана Сиљановска-Давкова. Се очекува таа да ја претстави „успешната македонска приказна“ во време на геополитички промени и притоа да ја потенцира важноста на коридорите што поминуваат низ Македонија, со особен акцент на коридорот 8, кој е од голема важност за НАТО, но и за Америка.
Сепак, како што историјата нѐ потсетува, тоа е можност да се истакнат и предизвиците за безбедноста на државата и на македонското општество, како што е тоа дипломатската војна на Бугарија против нашата земја. Таа веќе ги доби сите варијанти на хибридно војување против државата и нејзините интереси, што не придонесуваат за стабилноста и на Македонија, но и на поширокиот регион. На ова подучуваат турско-грчките односи. Така, на пример, уште во далечната 1964 година тогашниот американски претседател Линдон Џонсон му испраќа писмо на турскиот премиер Исмет Инени да се откаже од идејата за воена интервенција на Кипар. Па дури Џонсон предупредува дека таква интервенција ќе значи и повик за интервенција на Советскиот Сојуз. Десет години подоцна ќе се случи тоа. По провокација на грчката воена хунта, турските сили ќе интервенираат во заштита на своето турско малцинство на северот на островот. Кипар и денес е поделен. НАТО-чадорот не помогна, а меѓу двете држави сојузнички и денес има воени провокации, понекогаш до опасна точка. Х.И.
Трите клучни точки на самитот
Патоказот на Алијансата е јасен, тоа го кажуваат и трите клучни точки: инвестирање во одбраната, развој на воената индустрија и поддршка за Украина. Плановите за овие три точки се движат до 2035 година, клучна точка во која на пример Германија треба да се претвори во воена сила број еден во Европа во конвенционална смисла. Со тоа изгледа останува во Европа да има само две нуклеарни сили – Франција и Велика Британија, но за ова оставаме резерви.
Тоа е само една од резервите. Не помала загатка е како Вашингтон ќе реагира на тоа што неговите сојузници му свртеа грб во војната против Иран, кој е очигледен сојузник на Русија. Се поставува прашањето зошто членот 5 не беше применет во овој случај, а не е првпат да се случи тоа. Се очекува да се видат во Анкара поголеми пукнатини меѓу Европа и Америка. Неизвесно е дали сите членки ќе можат да ја исполнат обврската за издвојување по пет проценти годишно за одбраната. Некои економии, како Шпанија, на пример, велат дека тоа им е преголем товар. За италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, е премногу секоја година да се издвојуваат од 70 до 100 милијарди како воена помош или заем за Украина. Х.И.
Урнат уште еден стар мит
Посериозни заклучоци секако ќе имаме по завршувањето на самитот и по усвојувањето на завршната декларација. Во моментов, јасно е дека има сериозни проблеми повеќе на политичко ниво меѓу САД и Европа, но воениот концепт се одржува, но и тој не е цврст. Дали и тој ќе тргне по патеките на политичарите е неизвесно, иако и можно. Украина може да остане дупка без дно кога се во прашање трошоците за војната, особено по сѐ повеќето скандалозни откритија за корупција во високите украински редови. Дали таа сенка ќе го дофати и некој надвор од украинските кругови? И тоа е можно. Се очекува Турција да се потврди како важен партнер и клучен столб за регионалната стабилност, а не како актер што седи на две столчиња – меѓу Западот и Русија. Митот дека НАТО се бори за мир и демократија е урнат. Доаѓа времето на НАТО „плус“. Ривалите очигледно се добро подготвени. Македонија, како што рековме, треба да учи од историското искуство и да се грижи најпрвин за својот двор, за сопствената безбедност, за својот систем, оти ниту еден одбранбен чадор не е секогаш докрај ефикасен. Х.И.

































