Она што прво паѓа в очи, тоа е помирливиот став на македонскиот претседател кон една неправда што системски и систематски перманентно се врши врз македонскиот народ. Ставот на Пендаровски дека не верува дека нешто може да се смени е крајно проблематичен. Уште попроблематично е што тој во својата изјава, под лага ги подведува и сите други ставови изнесени од разни општествени чинители, меѓународноправни експерти, интелектуалци, професори, активисти (кои на никаков начин не се партиски инволвирани) кои што сметаат (и рационално и емотивно и патриотски!) дека работите може да се променат и дека првиот човек на државата треба да биде последниот што ќе се откаже од борбата за националните и државните интереси!

Реакција на Изјавата на претседателот на Македонија Стево Пендаровски

Улогата на челните луѓе на државата е секогаш и секаде да ги бранат националните и граѓанските интереси по секоја цена, дури и тогаш кога работите на прв поглед изгледаат невозможно и неостварливо.
Тоа значи дека постојано мора да се бараат решенија и начини како државата да биде добитник во секоја ситуација, наместо да се форсира дефетистичкиот пристап дека работите се такви какви што се и не може никој да ги промени, дури ни светските сили.
Конкретно ваквиот пристап и наратив во последно време ги промовираат политичарите од власта, за кои францускиот предлог и преговарачката рамка се непроменливи и сите други што тврдат поинаку, едноставно, лажат.
Токму македонскиот претседател Стево Пендаровски неодамна во гостување на ТВ Сител кажа дека македонското малцинство во Бугарија во последните 70-80 години е малтретирано и преживува голгота, за потоа да застане во одбрана на бугарската позиција околу неменливоста на нивниот устав и да каже дека сите други што мислат и кажуваат поинаку, всушност, го лажат народот.
– Зошто утре, ајде денес да ги впишеме Македонците во бугарскиот Устав – нашето малцинство, кое е малтретирано со децении, најмалку 70-80 години, поминало низ страшни маки и голгота, но кажете ми каков е тој магичен начин? Како ќе ги внесете во Уставот? Преку Владата? Во бугарската влада денес клучен фактор е Бојко Борисов, кој го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година. И, сега, овој човек треба да каже дека овој договор не постои, ајде да направиме нов, подобар за Македонците? Не верувам во тоа. И морав на ВМРО-ДПМНЕ на таков пародичен начин да им кажам дека нѐ лажат, гледајќи нѐ в очи. За да ги вклучиме Македонците во бугарскиот устав, мора да се смени целосно, затоа што во него нема малцинства. Не мислам дека светските сили можат да го сменат бугарскиот устав како што мисли опозициската партија, која смета дека е фактор број еден во светот – рече во таа пригода Пендаровски.

Во изјавата, македонскиот претседател јасно ја посочува позицијата на македонското малцинство во Бугарија, иако не ја споменува сличната позиција на Македонците и во Грција, за потоа да каже дека работите едноставно не може да се сменат и дека немало светски сили што можеле да ги променат бугарскиот устав и фамозните три странички од Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.
Она што прво паѓа в очи, тоа е помирливиот став на македонскиот претседател кон една неправда што се врши системски врз македонскиот народ, кој само ќе каже дека не верува дека нешто може да се смени.
Уште пострашно е што, ако се изземат опозициските ставови по ова прашање, кои разбирливо одат во насока да спечалат поени кај гласачите, со својата изјава Пендаровски како лага ги подведува (ги сведува под ист поим и со таква квалификација) и сите други ставови изнесени од разни општествени чинители, меѓународноправни експерти, интелектуалци, професори, активисти што на никаков начин не се партиски инволвирани, а кои сметаат дека работите може да се променат и дека првиот човек на државата треба да биде последниот што ќе се откаже од борбата за националните и државните интереси.

Улогата на челните луѓе на државата, а особено на претседателот на државата, е секогаш и секаде да ги бранат националните и граѓанските интереси по секоја цена, дури и тогаш кога работите на прв поглед изгледаат невозможно и неостварливо. Тоа значи дека постојано мора да се бараат решенија и начини како државата да биде добитник во секоја ситуација, наместо како Пендаровски во својата политички амбивалентна изјава што форсира дефетистички пристап дека „работите се такви
какви што се и не може никој да ги промени,
дури ни светските сили“…

– Со ваквите дефетистички изјави дека ништо не може да се промени, всушност, нашиот претседател не нѐ брани нас, туку Бугарија. Не може да кажува дека сите што се борат и што гласно агитираат македонското малцинство да влезе во бугарскиот устав ја замајуваат јавноста. Новиот бугарски устав е донесен во 1991 година, а оттогаш е менуван уште пет пати. И поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов поднесе иницијатива за промена на бугарскиот устав во 2020 година, а слична иницијатива имаше и во 2023 година. Ова се факти што само потврдуваат дека бугарскиот устав не е света книга и дека и Бугарите го менувале, така што нашиот претседател повеќе треба да се бори да го оствари „невозможното“ во интерес на сопствената држава и граѓани, наместо да кажува дека само ние треба да го менуваме Уставот. Убава идеја и позитивен сигнал би било и Македонија и Бугарија во ист момент да ги променат уставите и да ги внесат, ние бугарското, тие македонското малцинство. Ете ни заеднички датум за славење. Ова што го прави и кажува нашиот претседател не е во интерес на граѓаните што му го дале мандатот и кои од него очекуваат умешност и вештина во остварувањето дури и на неможното, а не да се препушта на линијата на помал отпор под мотото „тоа е тоа“ – заклучуваат некои од соговорниците што прокоментираа за последната изјава на претседателот во врска со уставните измени.