Фото: ЕПА

Во текот на целата година напорите за тестирање на ФИФА завршија со вкупно 1.592 контролни допинг-тестови на седум натпреварувања, што изнесува вкупно 2.616 собрани примероци, кои беа анализирани од 13 лаборатории во светот акредитирани од Светската антидопинг-агенција

ФУДБАЛ – ФИФА

Светската фудбалска федерација (ФИФА) го објави својот антидопинг-извештај за 2023 година, кој го опфаќа периодот од 1 јануари до 31 декември 2023 година. Извештајот дава квантитативен преглед на процедурите за тестирање, истовремено вклучувајќи дополнителни информации за образовните активности и понатамошната антидопинг-поддршка. Лани антидопинг-програмата главно се фокусираше на Светското првенство (СП) за жени (ФИФА), кое забележа невидено зголемување на бројот на извршени тестови по тим-учесник, со спроведени 860 теста во и надвор од конкуренција. ФИФА соопшти и дека зела примероци од 860 фудбалерки, од кои некои се тестирани и до седум пати. Кога станува збор за фудбалерите, ФИФА тестирала 732 играчи.
ФИФА исто така ги прошири своите капацитети за тестирање во изданијата на младинските турнири во 2023 година, Светското првенство (СП) на ФИФА за играчи до 17 години и СП до 20 години. Во текот на целата година напорите за тестирање на ФИФА завршија со вкупно 1.592 контролни допинг-тестови на седум натпреварувања, што изнесува вкупно 2.616 собрани примероци, кои беа анализирани од 13 лаборатории во светот акредитирани од Светската антидопинг-агенција. Од собраните примероци, само еден резултираше со позитивен наод, оправдан со валидно исклучување од терапевтска употреба – информираат од ФИФА.
Друг клучен аспект на антидопинг-програмата на ФИФА беше соработката со сите конфедерации преку работилници и едукативни иницијативи за подобрување на антидопинг-мерките на нивните турнири.
Особено значаен пример за оваа помош е тоа што ФИФА потпиша нов договор со Фудбалска федерација на Северна Америка (КОНКАКАФ) во 2023 година за проширување на својата програма. Тоа веќе резултираше со осум пати повеќе контролни тестови за допинг низ натпреварите во КОНКАКАФ во споредба со 2022 година. Преку тековната соработка со националните антидопинг-организации, ФИФА обезбеди дополнителна едукативна поддршка и ја подобри локалната антидопинг-инфраструктура. Антидопингот е еден од централните столбови на ФИФА за да се осигура дека фудбалската игра останува за спортска извонредност, страст и тимски дух. Г.И.