Поетско-преведувачката вечер со Зоран Анчевски ќе се одржи денеска, во 18 часот, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Разговорот посветен на неговиот поетски и преведувачки опит ќе го водат Калина Малеска и Милан Дамјаноски.
Зоран Анчевски (1954) е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Своето образование го стекнал во Македонија и во САД. Досега ги има објавено стихозбирките „Патувања низ скршени слики“, „Стратегија на поразот“, „Линија на отпорот“, „Превод на мртвите“, „Див мир“, „Избрани песни“, „Небесна пантомима“, „Збунети компаси“ и поемата „Коњски житија“ (2023), како и обемната критичко-теоретска студија „За традицијата“. Автор е, приредувач и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик. За своето творештво ја има добиено наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга (1985), „Браќа Миладиновци“ (двапати) за најдобра поетска книга меѓу две СВП (2018 и 2021), наградата „Григор Прличев“ (2023), како и престижното меѓународно признание за поезија „Џакомо Леопарди“ (Реканати, Италија, 2004). За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата „Григор Прличев“ на Друштвото на литературни преведувачи (2001).