Фото: ЕПА

Ако Борусија Д. ја освои Лигата на шампионите сезонава, но биде петта во Бундеслигата, ќе има шест германски клуба во најсилното европско клупско натпреварување во сезоната 2024/2025, и тоа првите четири тима на табелата, Борусија како европски првак и најдобропласираниот бундеслигаш, кој уште нема билет за ЛШ

ФУДБАЛ

Борусија Дортмунд се пласира во своето трето финале и ќе игра за втората титула европски првак, откако го победи Пари сен Жермен со 1-0 на гости, а вкупно со 2-0, во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Германскиот тим беше првак во 1997 година (во финалето во Минхен славеше на дуелот со Јувентус со 3-1), а играше и во мечот за титулата во 2013 година (на тој меч во Лондон победи Баерн со 2-1).
Ривал на Борусија Дортмунд во финалето, кое треба да се игра на стадионот „Вембли“ во Лондон, ќе биде победникот на синоќешниот дуел помеѓу Реал Мадрид и Баерн (по првата средба одиграна минатата недела во Минхен беше нерешено, 2-2).
Германија, заедно со Италија, идната сезона ќе има пет претставници во Лигата на шампионите, откако тие две земји имаа најдобар вкупен ефект на сите клубови во трите европски купа сезонава, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига, што, според правилата на Европската фудбалска унија, им овозможи дополнително место во ЛШ. Но Борусија Дортмунд со триумф во Лигата на шампионите сезонава може да ѝ донесе на Германија и шести учесник.
Така, ако Борусија Дортмунд ја освои Лигата на шампионите годинава, но биде петта во Бундеслигата (тимот од Дортмунд на две кола пред крајот на сезоната е на петтото место со 60 бода, три бода помалку од Лајпциг), ќе има шест германски клуба во најсилното европско клупско натпреварување во сезоната 2024/2025, и тоа, првите четири тима на табелата, потоа Борусија Дортмунд како европски првак и најдобропласираниот бундеслигаш, кој уште нема билет за Лигата на шампионите.
Ниту една земја досега немала шест тима во една сезона во Лигата на шампионите, а во минатото имаше сезони во кои некои земји имаа по пет клуба, како, на пример, сезонава од Шпанија играа Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид и Сосиедад преку првенството на таа земја и Севилја како победник на Лига Европа, една сезона претходно Германија ја претставуваа Баерн, Борусија Дортмунд, Баер и Лајпциг преку домашниот шампионат и Ајнтрахт како освојувач на трофејот во Лига Европа… Н.М.


Рекорден осми пат меч за европската титула на „Вембли“

Финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) годинава се враќа на теренот во Лондон, на стадионот „Вембли“, рекорден осми пат, а трет во ерата на Лигата на шампионите, по финалињата одиграни во 2011 и во 2013 година, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
„Вембли“ претрпе огромна трансформација откако беше домаќин на финалето во 1992 година, познатата арена на кулите близначки што отвори место за нов стадион симболизиран со гигантскиот лак. Со капацитет од околу 90.000 седишта, новиот „Вембли“ повторно ги отвори вратите во 2007 година и повторно е дом на репрезентацијата на Англија, како и домаќин на финалињата на домашниот куп.
Стадионот „Вембли“, исто така, беше домаќин на сите три натпревари од групата Д на репрезентацијата на Англија на Европското првенство играно во 2021 година, како и два меча од осминафиналето, двете полуфиналиња и финалето.

ДОСЕГАШНИ ФИНАЛИЊА НА „ВЕМБЛИ“

ГОД. ДВОЈКА РЕЗ.
1963 Милан – Бенфика 2-1
1968 Манчестер јунајтед – Бенфика 4-1
1971 Ајакс – Панатинаикос 2-0
1978 Ливерпул – Клуб Бриж 1-0
1992 Барселона – Сампдорија 1-0
2011 Барселона – Манчестер јунајтед 3-1
2013 Баерн – Борусија Дортмунд 2-1


Ново финале за Ројс и за Хумелс со Борусија во Лондон

Матс Хумелс и Марко Ројс по 11 години одново со Борусија Дортмунд и одново на стадионот „Вембли“ ќе играат во финале на Лигата на шампионите. Во 2013 година тимот од Дортмунд загуби во мечот за европската титула од Баерн со 1-2.
– Неописливо. По повеќе од десет години, повторно сум во финалето со Борусија Дортмунд. Никој не го очекуваше ова. Тоа е едноставно неверојатно – рече Ројс, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Голот со глава на Хумелс на дуелот во Париз беше негов прв гол во Лигата на шампионите на 42 натпревари, по погодокот за Баерн против Ајакс во октомври 2018 година, пишува УЕФА. Н.М.