Фото: Принт-скрин

Се покажува дека албанските партии ќе имаат локални бастиони, но не и национална покриеност, додека барањата за предвремени парламентарни избори не се ништо ново, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, коментирајќи ги за „Нова Македонија“ изборните резултати од гласањето за нов општински совет во Тетово одржано изминатиов викенд.

Во новиот општински совет БЕСА ќе биде застапена со 12 советници, ДУИ со 11, ВМРО-ДПМНЕ ќе има четири, СДСМ два, а Алтернатива и ДПА по еден, според првичните неофицијални резултати објавени од Државната изборна комисија (ДИК). Поттикната од ваквите резултати опозицијата се погласно го истакнува барањето за одржување на вонредни парламентарни избори.

– Вонредните парламентарни избори еднаш се поврзаа со локалните. Нивното барање е легитимно право на опозицијата при што сега погласни ќе бидат БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ, а владејачката коалиција ќе одговори исто како и претходно. Ова е политички фолклор и тука нема ништо ново – смета Муслиу.

Според Муслиу забележителен е слабиот одзив на гласачите во Тетово (изнесуваше 33,04 отсто), што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, го посочи како причина за освојувањето на поголем број на гласови од страна на БЕСА.

– Забележителен е намалениот одзив на гласачите на изборите одржани викендов и тоа во ситуација кога Тетово е најнаселено, односно кога присутни се и оние што работат во странство. Извесно е дека граѓаните не одговорија на повикот на партиите. Исто така, граѓанската инцијатива не успеа да влезе во Советот на Тетово. А резултатите покажаа дека албанските партии ќе имаат локални бастиони, но не и национална покриеност – посочува политичкиот аналитичар.

БЕСА со зурли, тапани и со огномет завчера ја славеше изборната победата на плоштадот во Тетово, додека лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, наредниот ден поднесе оставка на партиската функција откако Алијанса за Албанците не успеа да освои ниту едно советничко место.

– Прво треба да видиме дали оставката на Села ќе биде прифатена. Во зависност од тоа ќе се види како ќе влијае врз внатрешното организирање на партијата и дали ќе има продолжување на нејзините инцијативи, како онаа за ново мнозинство – заклучува Муслиу.

Завчера се одржаа и избори за градоначалници во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, со што во тек се роковите за поднесување на приговори за изборите за градоначалник на Центар Жупа и на Маврово-Ростуше, како и за членови во општинскиот совет во Тетово.