Чествувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Македонија помина во најдобар ред и без нарушување на јавниот ред и мир, со овозможен пристап на бројни официјални и граѓански делегации од Македонија, вклучително и на официјалната делегација на Република Бугарија и на бугарски граѓани, да му оддадат почит на великанот, оцени денеска Министерството за надворешни работи на Македонија.
– Сепак, со жалење, констатираме дека во пресрет и по одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Северна Македонија, радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Република Северна Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава – потенцираат од Министерството за надворешни работи.
Оттаму како што се наведува, укажуваат дека во согласност со Уставот на Македонија и законите, како и на меѓународното право, надлежните институции на Македонија се должни и ги превземаа сите неопходни мерки да се спречат провокации, тензии и инциденти кои можат да ја загрозат националната безбедност, јавниот ред, здравјето на луѓето и меѓународните односи на државата.
– И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија. Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки – се посочува во соопштението од МНР.
Истовремено, Министерството за надворешни работи ќе упати писмо до Европскиот парламент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник, Александар Јорданов на социјалните мрежи.
– Исто така, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија ги демантира наводите дека со Република Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев. Потсетуваме дека една од задачите на Заедничката експертска комисија за историско – образовни прашања, формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, е да изготви препораки за заедничко чествување на историски личности. До овој момент, Заедничката комисија нема изготвено препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев – потенцираат од МНР.
Како што се наведува во соопштението, истовремено, на официјалната бугарска делегација предводена од вице-премиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, како искрен и последователен гест ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
– Република Северна Македонија во континуитет негува добрососедски односи и се залага за воспоставување на одржливи пријателски односи и продуктивна соработка со сите соседни држави, вклучувајќи ја и Република Бугарија. Во склад со овие определби, очекуваме од властите во Република Бугарија, во духот на пријателството и добрососедството, принципиелно да се заложат и да ги превземат сите неопходни дејствија за деескалација на тензиите преку јавна осуда и преземање мерки против сите дејствија кои не придонесуваат за водење на конструктивен и добронамерен дијалог базиран на меѓусебно уважување и почитување – се потенцира во соопштението од МНР.