Истражување за зависност од играње игри на среќа во Македонија
Значаен процент од младите во Македонија веќе стекнале зависност од играње игри на среќа, беше истакнато на вчерашната прес-конференција на здружението ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје, која ги сподели резултатите од истражувањето „Младите и нивните навики за обложување во С. Македонија, во Србија и во Косово“, како и нивните препораки против зависност од игри на среќа кај младите.
Според податоците од истражувањето, 71 отсто од 214 учесници се изјасниле дека играле игри на среќа, а 17,8 отсто од нив рекле дека се зависни од играње. Половина од испитаниците од фокус-групата навеле дека играат игри на среќа секојдневно. Ваквите податоци укажуваат на голема веројатност дека значаен процент од младите во земјава веќе стекнале зависност од играње игри на среќа, беше споделено на настанот. Најголемиот дел од испитаниците (44,4 отсто) рекле дека играат игри на среќа заради забава. Сепак, не е мал бројот и на оние што одговориле дека играат за да заработат пари (24,8 отсто) и затоа што мнозинството од нивните пријатели и пријателки се обложуваат (16 отсто). Дванаесет проценти рекле дека играат игри на среќа затоа што се зависни од адреналин.
Врз основа на наодите од анализата на правната рамка за игрите на среќа во земјава и на разговорот со учесниците од фокус-групата и онлајн истражувањето со 214 лица помлади од 25 години што играат игри на среќа, утврдени се неколку препораки. Се наведува дека играчите треба да се информираат за опасноста од игрите на среќа, да се воведат превентивни програми, но и да се воведат програми за лекување зависност од коцкање. Се препорачува Министерството за здравство да отвори програми за лекување зависност од коцкање, Министерството за образование да воведе соодветна програма за превенција на зависности во наставната програма во основните и средните училишта, да се воведат построги санкции за непочитувањето на одредбите од законот, особено на оние со кои се забранува учество на малолетни лица во игри на среќа и забрана за послужување алкохол на малолетници и да се обезбеди построга примена на овие одредби. Да се забрани секаква форма на рекламирање на обложувањето во печатени и во електронски медиуми (по примерот на забраната за рекламирање цигари).