Украинската гранична служба потврди дека припадниците на приватната воена група Вагнер пристигнале во Белорусија од соседна Русија

Граничната служба на Украина наведува дека сѐ уште се проценува колку вагнеровци влегле во Белорусија. Освен нивниот број, за службите на Украина непозната е точната локација на распоредување на групата Вагнер, како и нејзините цели.
Меѓутоа, во непотврден извештај се наведува дека конвој од околу 60 возила на Вагнер во саботата рано наутро ја преминал границата со Белорусија.

Возила, камиони и автобуси, во придружба од белоруската сообраќајна полиција, се упатувале кон градот Осипович

Портпаролот на Граничната служба на Украина, Андриј Демченко, во кратко соопштение го потврди присуството на Вагнер во Белорусија. Тој рече дека украинските граничари „продолжуваат да ја следат ситуацијата“ преку северната граница, без да даде повеќе детали.
Каналот Телеграм објави дека голем конвој на возила на Вагнер влегол во Белорусија од Русија.
Белорускиот канал Хаџун соопшти дека возилата, вклучувајќи и камиони и автобуси, биле следени од белоруската сообраќајна полиција додека се упатувале кон градот Осипович, околу 85 километри југоисточно од главниот град Минск.
Белоруските власти, кои го сметаат белорускиот канал Хаџун за екстремистички, не ја коментираа оваа информација.
Министерството за одбрана на Белорусија во петокот објави дека војниците на Вагнер сега дејствуваат како воени инструктори на силите за територијална одбрана на земјата.

Вагнер ги обучува белоруските воени сили

Во соопштението се наведува дека борците ги обучуваат белоруските сили „во низа воени дисциплини“ во близината на Осипович.
Министерството објави видео на кое се гледа како борците на Вагнер ги обучуваат белоруските војници на воениот полигон во близината на градот Осипович, на околу 90 километри југоисточно од главниот град Минск.
– Вагнеровите борци се инструктори во неколку воени дисциплини – соопшти белоруското министерство.
Пентагон објави дека борците на Вагнер веќе не учествуваат „во значителна мера“ во борбите во Украина. САД веруваат дека „мнозинството“ од борците на Вагнер сѐ уште се на окупираните територии на Украина.