Фото: Игор Бансколиев

За повеќето наши граѓани, со просечни и минимални плати, продуктите од луксузната листа се недостапни. На нашите граѓани им се потребни поевтини леб, млеко, месо, јајца и масло. И ако сакале да им помогнат на граѓаните, тогаш можеле да се откажат од делот на даноците за овие производи, велат од синдикалните организации

Каков ефект ќе има повисокиот данок за луксузна храна за државата, а каков за граѓаните

Зголемените фискални расходи во услови на економска криза, кога од буџетските приходи треба да се покриваат низа социјални и економски потреби на граѓаните и на фирмите, ги принуди државите да се пренасочат на прибирање повисоки даночни приходи. Како логично решение на државите што им стои на располагање на даночните служби е оданочувањето на личната потрошувачка: преку одредување различна стапка на ДДВ, што се пресметува за секоја фаза на производството и прометот, а на државата може да ѝ обезбедува континуиран и сигурен прилив на приходи. Од финансиски аспект, наплатувањето на ДДВ има широк простор во даночните систем и на земјите од Европската Унија. Тој данок учествува и до 30 отсто во вкупните даночни приходи.

И македонската влада пристапи кон предлогот на закон за измена и дополнување на Законот за ДДВ

Во согласност со воспоставената европска даночна пракса и македонската влада пристапи кон предлогот на закон за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој се однесуваат на воведување повисоки стапки на ДДВ за прехранбени производи што не влегуваат во секојдневната потрошувачка кошничка на македонскиот просечен граѓанин.
Од Министерството за финансии неколку месеци работеа на усогласување на листата на луксузни прехранбени производи, за кои во рамките на даночните реформи го зголеми данокот од 5 на 10 отсто. Така, граѓаните што се со подобри финансиски можности, а кои можат да си дозволат на домашната трпеза да имаат и продукти како што се: кокосово масло, брашно од соја, путер од кикиритки, сушени риби, пармезан и сино сирење, гумени бонбони, слатки, тропско овошје, бисквити, вафли и обланди, но и тартуфи и месо од ирвас, ќе ги чини тоа поскапо, односно ДДВ-то за овие производи ќе биде повисоко за пет отсто. Наедно за да се направи „социјален“ даночен баланс, од Министерството за финансии предлагаат и намалување на стапката од 18 отсто на 5 отсто за прометот со менструални производи за да станат подостапни за сите социјални категории. Се намалува даночната стапка и за дигиталните учебници.
Воведувањето прогресивна даночна стапка за приходи, за различна висина на недвижен имот или, како во последниот случај, за луксузни прехранбени производи е позната даночна пракса во различни држави во светот. Покрај фискалниот аспект, зголемувањето на даноците за луксузни производи треба да оствари и одредени нефискални цели, како што е искажување социјална рамноправност и грижа за посиромашните слоеви на населението.

Зголемување на даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од 5 отсто на 18 отсто

Од невладините организации за заштита на правата на жените, веќе подолго време се залагаат за намалување на личните трошоци преку намалување на цените на продуктите за менструална хигиена и ваквата одлука на Владата е широко прифатена од јавноста. Но тоа на што забележуваат од синдикалните организации е нееднаквиот пристап на власта кон работниците и граѓаните што имаат пониски социјални примања.
– Не го разбирам однесувањето на власта во заштита на стандардот на граѓаните. Зголемувањето на ДДВ за месо од ирваси е во ред, но колку тие граѓани, што можат да го купат тоа, ќе го почувствуваат на нивниот месечен буџет! За повеќето наши граѓани, со просечни и минимални плати, продуктите од луксузната листа се недостапни. На нашите граѓани им се потребни поевтини леб, млеко, месо, јајца и масло. И ако сакале да им помогнат на граѓаните, тогаш можеле да се откажат од делот на даноците за овие производи. Наедно имаме и зголемување на ДДВ за струја на 18 отсто, па во конечните калкулации за цената на струјата ќе имаме и повисоки сметки – ни изјави Трпе Дејановски, од Синдикатот на УПОЗ.
Но наедно големи негативни реакции предизвика и одлуката за зголемување на даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластена даночна 5 отсто на редовната стапка од 18 отсто. Објаснувањата од ресорот за финансии се дека пониската стапка на оданочување за пелетите беше дел од мерките за справување со енергетската криза, која е веќе надмината, но и за преминување на други поеколошки извори на загревање на просториите на граѓаните.
Со даночната реформа, државата планира да собере дополнителни 140 милиони, за кои од Министерството за финансии напоменуваат дека ќе бидат наменети и за зачувување на животниот стандард на граѓаните. Половината од оваа сума ќе биде од солидарниот данок, кој компаниите имаат рок да го платат до крајот на октомври, а другата половина ќе биде од измените на Данокот на додадена вредност и данокот на добивка. М.Ј.