Војната на претседателот Путин против Украина – слободна, независна и суверена држава – оди против сѐ што ни е суштински важно: меѓународното право и принципите на меѓународниот поредок заснован на правила. Најостро ја осудивме војната на руското раководство против Украина и затоа ја осудуваме вмешаноста на Белорусија.
Русија мора веднаш да ги прекине своите воени операции и безусловно да се повлече од целата територија на Украина и да се врати на меѓународно признаените граници. Истото важи и за Белорусија. Украина е жртвата и мора да ѝ се помогне на секој начин на кој можеме да помислиме.
Претседателот Путин е одговорен за спроведување на гаранциите за запирање на агресијата врз Украина. Не можеме да дозволиме Русија да се извлече за инвазија врз мирољубива земја. Оваа инвазија ќе го уништи меѓународниот поредок. Која било земја-членка на меѓународната заедница може да се соочи со иста таква закана врз нејзиниот суверенитет. Украина е жртва и мора да ѝ се помогне на секој начин за да остане суверена и слободна земја. Европската Унија, од своја страна, заедно со земјите-членки има преземено многубројни дејства, уште со дипломатската кампања пред да започне ескалацијата на воените дејства, од страна на францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шулц, како и другите сојузници и партнери. Дипломатската кампања продолжи, со цел да се обедини меѓународната заедница во осуда на дејствата на Руската Федерација.
Таквата мобилизација на меѓународната заедница продолжи преку дејствата на Советот за безбедност на ОН, Генералното Собрание на ОН, Советот за човекови права, Советот на Европа и другите форуми… Исто така, имаме усвоeно широки санкции, со цел да се направи притисок на тие што се одговорни за инвазијата врз Украина, вклучувајќи и санкции за повеќе од 700 личности и субјекти, како и лимитирање на енергетскиот сектор на Русија, транспортот, финансискиот сектор… На 70 отсто од руските банки им е исклучена можноста за пристап до СВИФТ-системот и на тој начин е изолиран рускиот банкарски систем, како и пристап до енергетските системи. Истите санкции се преземени и за Белорусија, за нејзиното учество во агресијата. Овие мерки беа координирани одблизу со САД, Канада, Норвешка, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија и повеќе од 30 земји. Го затворивме воздушниот простор за руските авиони, но и ги исклучивме руските медиуми како „Русија денес“ и „Спутник“, за да не ја шират нивната пропаганда во Европа. Тука не се работи за цензура, туку има цел да се спречи дејствувањето на тие медиуми коишто намерно шират дезинформации, како дел од агресијата врз Украина. За првпат ЕУ финансира набавка и испорака на оружје и воена опрема во Украина, за справување и одбрана од нападите. Обезбедуваме и значителна хуманитарна помош за украинскиот народ. Пред неколку дена Европската комисија најави помош од 90 милиони евра за Украина и за Молдавија. Од почетокот на украинската криза од 2014 година, ЕУ има испорачано хуманитарна помош во вредност од 248 милиони евра. Европската комисија планира да издвои 50 милиони евра од европскиот буџет, со цел да им излезе во пресрет на хуманитарните предизвици од оваа криза. Дополнително, ЕК најави 1,2 милијарда евра како помош на украинската економија, а исто така го активира и механизмот за цивилна заштита на ЕУ, механизам што ги координира одговорностите и акциите на ЕУ. Се сеќавате, тој механизам на цивилна заштита беше активиран за пожарите од минатата година, кога околу 24 земји-членки на ЕУ дадоа медицинска и противпожарна опрема. Им помагаме и на земјите-членки на ЕУ да обезбедат сигурни засолништа за бегалците од војната во Украина. Земјите-членки досега потврдија дека има околу 650.000 бегалци од Украина и таа бројка се зголемува. Денеска министрите за внатрешни работи на ЕУ разгледуваат можност за активација на привремена директива за заштита. Ова е дизајнирано да им даде брза и ефективна помош на луѓето кои бегаат од војната во Украина, што значи да им се даде привремен престој, право на образование, работни места, т.е. пристап до пазарот на трудот.
Ние не сме сами во ова. Во еден ваков историски развој на настаните, 141 земја во ОН поддржаа резолуција за осуда на руските дејства и осуда на сите прекршувања на хуманитарните меѓународни закони и апел за прекин на руската инвазија во Украина, односно Русија веднаш да се повлече од Украина, со повлекување на сите воени сили од меѓународно признаените граници на Украина. Само две земји гласаа против резолуцијата – Русија и Белорусија.
С. Македонија силно застана до луѓето и народот на Украина. Ја поздравувам солидарноста искажана од Р С. Македонија, имајќи предвид дека земјата веднаш се усогласи со итните санкции на ЕУ против Русија и Белорусија, со усвојување неколку мерки и јавни ставови. Оваа солидарност е во согласност со ставовите и дејствата на ЕУ и меѓународната заедница, за да се направи јавна демонстрација на меѓународна солидарност од страна на самата Р С. Македонија. На крајот сакам да им оддадам почит на луѓето на Украина, чијашто храброст и решителност, во овој тежок и мачен момент, се навистина извонредни.
Дејвид Гир амбасадор на ЕУ во Македонија