Двете алтернативи – прво избори, па уставни промени, или прво уставни промени, па избори, за нас, Македонците, се неправедни, нечовечки, понижувачки и беспредметни. Единствено решение е определбата: никогаш уставни промени или уставни промени само како полноправна ЕУ-членка. Објаснувањето е толку едноставно што сите ќе го разберат – неупатените, неутралните, младите, возрасните, партиски определените граѓани и партиски неопределените граѓани, со еден збор: СИТЕ. Сето друго е лага, манипулација, грозоморно предавство. Но медиумската војна е беспоштедна, вулгарна и неоправдана, па затоа, анализирајте и мислете објективно, зборувајте со вашите блиски роднини, пријатели, сопатници и критички размислувајте за вистината и за манипулациите.
Еве го, парафразирајќи го Блаже Конески, простото и строго објаснување. Договорот со Бугарија и обврските што произлегуваат од протоколите треба секогаш да се анализираат имајќи ја предвид рамковната позиција на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија – документ усвоен во Собранието на Република Бугарија, на 10 октомври 2019 година. Во тој документ пишува: „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република, по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавање од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ’македонски јазик‘, одвоен од бугарскиот“.
Фактот дека македонскиот јазик е различен од бугарскиот јазик е поткрепен со илјадници тома книги, научни анализи и неспорни сведоштва и записи на светските лингвисти и светските слависти – за тоа никаде не се спори, освен во Бугарија. Јас сум пишувал за тоа повеќепати и нема потреба да повторувам. Меѓутоа, ненаучниот став на Владата на Република Бугарија, поддржан од Бугарската академија на науките, во однос на македонскиот јазик е јасен и непроменет од 1949 година (по раскинувањето на Бледскиот договор) до денес. Според него, ако на територијата на денешна Република Македонија, до 1944 година, се зборувало бугарски јазик, којшто потоа се нарекол македонски јазик, тогаш голем дел од жителите на Македонија, до 1944 година, кои го зборувале тој јазик – бугарскиот јазик, биле, всушност, Бугари, за потоа, по 1944 година, да се преименуваат во Македонци.
Оттука, ако другата страна, во овој случај Република Бугарија, не ги признава македонскиот јазик, историја и идентитет, независно од постоењето на бугарскиот јазик, историја и идентитет, тогаш прашањата: дали треба воопшто да се водат разговори, усогласувања со таа страна, дали треба да се потпишуваат разновидни и недостојни договори за пријателство, добрососедство и соработка, и дали треба да се менува Уставот на Македонија по барање на другата страна, зарем не ви се чини дека се бесмислени, нелогични и неправедни? Зар тоа е пријателство, добрососедство и соработка? Дали, можеби, во таков случај, единствено решение за Македонија е раскинувањето на Договорот со Бугарија?
Ќе повторам уште еднаш, за да нема недоразбирање: ако страната со која се разговара, преговара, усогласува вели дека ние не сме Македонци, а рамковната позиција го прави токму тоа, што ни преостанува нам: да преговараме или, конечно, еднаш засекогаш, да речеме: ДОСТА. Тоа не се ниту рамноправни преговори, ниту разговори, туку потпишување безусловна капитулација. Сè има свој почеток и свој крај, а ова е крајот, ова е дното на сите дна и време е да кажеме: ДОСТА. Како е можно воопшто да ПОМИСЛИМЕ за преговори, да ПОМИСЛИМЕ за потпишување Договор за пријателство, добрососедство и соработка, да ПОМИСЛИМЕ или да САКАМЕ да ги внесеме во Уставот на Република Македонија оние што нас нè негираат, нè одрекуваат, оние што за нас велат: НЕ СТЕ МАКЕДОНЦИ. Приказните и ветувањата дека треба само да го смениме Уставот и да ги почнеме преговорите, а потоа сè ќе се среди и со магично стапче сите уцени на Република Бугарија ќе исчезнат, а Македонија ќе влезе во ЕУ до 2030 година, се приказни за мали деца или за наивни будали. Или, што е и најверојатно, имаат единствено лукративна повеќеслојна заднина.
Насловот на денешниов есеј е позајмен од извонредниот текст на професорката Билјана Ванковска, со наслов „Маратонците го трчаат последниот круг“. Се разбира, насловот е поврзан со безвременскиот драмски текст на Душан Ковачевиќ и со култниот истоимен филм во режија на Слободан Шијан. Ванковска точно забележува дека „иако дејството (на драмата/филмот) се случува во друг историски период (по атентатот на Караѓорѓевиќ во Марсеј), Ковачевиќ ја опишува состојбата во која на власт се гробари, кои ги погребуваат талентите, умешноста, умот, младоста – односно сè што вреди во земјата“. Но тоа што денес го прават македонските гробари е застрашувачко и непоимливо – тие го уништуваат МАКЕДОНСТВОТО, тие ја уништуваат државата Македонија. Токму фактот дека тие – гробарите, воопшто и размислуваат, во Уставот на Македонија, да внесат народ чија држава упорно и повеќе од седумдесет години тврди, манипулативно и невистинито, дека ние, Македонците – дел од жителите на денешна Република Македонија, но и дел од жителите на денешна Република Бугарија и дел од жителите на нашите соседни држави, до 1944 година, сме биле Бугари, а потоа, во еден ден, со „некаков“ декрет, сме станале Македонци, е застрашувачки и поразителен. Ним навистина им прилега името македонски гробари. Затоа, тие го трчаат последниот круг, но тој не е последен само за нив туку за сите Македонци и за оние што се чувствуваат како Македонци и како македонски граѓани, а потоа, по нив, Македонија засекогаш ќе ја снема.
Како понатаму? Пред речиси еден век, во статијата со наслов „Самоопределението на Македонците“, Мисирков ќе напише: „Мислам дека само во слогата, во соработката помеѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас. Србите и Бугарите спореа, печалеа Грците и Романците, ја загубија Македонија, Тракија и Добруџа. Најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е, меѓутоа, полната слобода во самоопределувањето на Македонците. И, ете, за последново прашање јас го истакнав принципот на македонскиот патриотизам и национализам, како наполно неутрален и задоволувачки и за Србите и за Бугарите и за Македонците“. Геополитичката карта на светот денес е целосно различна од онаа, во 1925 година, а Македонија е соочена со непринципиелни од ЕУ поддржани уцени и закани, врз основа на ненаучни аргументи, со бесмислено барање дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени, и со недостоинственото и понижувачко барање, Македонија да ја дефинира македонската национална генеза по барање на една соседна држава. Македонија, се надевам, нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет, на македонската историја и на македонскиот јазик. Оттука, ги повикувам Македонците да се обединат – од меѓупартиските и внатрешнопартиските неслоги, парафразирајќи го Мисирков: „другите печалат, а ние, Македонците, губиме“.
Две работи ќе порачам. Прво, време е, еднаш засекогаш, сите Македонци да се обединат и јасно да порачаат НЕ за промени во Уставот на Република Македонија. Време е, еднаш засекогаш, Македонците да порачаат: ние, Македонците, ниту сме биле, ниту некогаш ќе бидеме Бугари, па затоа, прво што треба оваа или идната влада да го стори е да го РАСКИНЕ билатералниот договор со Бугарија. Треба гласно и јасно да се каже НЕ: светите браќа Кирил и Методиј не се бугарски просветители, туку сесловенски; Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, а ревидирање на историјата по урнек на нашите соседи, условено со ништовни договори, нема никогаш да дозволиме, додека, пак, македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и се разликува од бугарскиот. Второ, време е денешниве политичари, заради иднината на нивните внуци и правнуци, ако воопшто претпочитаат да размислуваат за каква било иднина во Македонија, хм… па, веќе реков, да се обединат, оти „другите печалат, а ние, Македонците, губиме“, и повторно, за да не се заборави: „другите печалат, а ние, Македонците, губиме“. А илузијата за исполнување на ЕУ-сонот, или за парите со кои сте купени и ве купуваат, ќе се распрсне како меур од сапуница и ќе исчезне побрзо од времето што беше потребно илузијата да се создаде или парите „да се соберат“. Толку – ни трошка повеќе!