Продолжува билатералниот скрининг со ЕУ за поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални вредности“

Билатералниот скрининг-состанок за поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални вредности“, вчера официјално во Брисел го отвори заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, а состанокот продолжува и денес.
Во двата дена, работната група за преговори, низ 24 презентации, пред експертите од Европската комисија ги презентира позицијата и нивото на усогласеност на македонскиот правен систем во однос на европското право во областа на судството, антикорупциската политика, основните права, правата и заштитата на малцинствата и правата на граѓаните на ЕУ, пред експертите од Европската комисија.
Покрај вицепремиерот Маричиќ, дел од македонскиот преговарачки тим е и државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили.

Членовите на работата група за преговори се претставници од кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски сервиси, Агенцијата за заштита на лични податоци, Агенцијата за катастар на недвижности и Секретаријатот за европски прашања.
Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права“, ги покрива областите на правосудството, антикорупциската политика и фундаменталните права. Европските принципи за фундаментални права се утврдени во Повелбата за фундаменталните права, која со стапувањето на Лисабонскиот договор во сила е правно-обврзувачка за земјите-членки. Во оваа област фокусот на Европската Унија е ставен на борбата против дискриминацијата, расизмот и ксенофобијата, слободата на изразување, заштитата на личните податоци, како и на заштитата на ранливите групи, како што се децата, жените и малцинствата, информираат од Секретаријат за европски прашања.
Билатералниот скрининг по поглавјето 23 се случува во исклучително чувствителен период за Македонија, кога во земјава во последниот период се случија повеќе скандали поврзани токму со правосудството.

И Европската комисија во последниот извештај забележа умерен напредок, но она што е повеќе од јасно е дека Брисел не е задоволен од динамиката на реформите во правосудството, како и сè поизразеното мешање на политиката во судството. Тоа го нотираа и странските дипломати во земјава, но уште повеќе македонските граѓани, кои во правосудниот систем имаат доверба од само осум отсто.
С.Т.