Фото: Игор Бансколиев

Македонија немаше резерви во однос на француското посредништво, та дури и со полна доверба го прифати посредништвото заради надминување на бугарското вето за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ. Се покажа дека повторно и повторно нашата држава и властите, како и многупати досега и претходните, многу лековерно настапија во процесот на (европското) посредништво. За разлика од нас, други држави не се воздржуваат да изразат сомнеж во (не)пристрасноста на посредништвото за решавање билатерални спорови, па дури и категорично да одбијат такви слични понуди. Ние и овој пат не ги искористивме сите механизми на претпазливост и повторно влеговме во сценариото на нам добропознатото асиметрично посредништво

Како Македонија ги пропушта своите адути за да обезбеди поцврсти преговарачки позиции

Француското претседателствување со Советот на ЕУ и нејзиното посредништво во надминувањето на бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија за пристапување во ЕУ резултира со контроверзниот т.н. француски предлог на македонската преговарачка рамка. Зошто контроверзен? Според соговорниците, одговорот е пред сѐ затоа што во посредништвото не беа препознаени принципите на посредништвото од страна на авторитетот што посредува, односно Франција. Од оваа временска дистанца, за соговорниците многу јасно е препознатливо француското отсуство при посредништвото, на принципот на непристрасноста и неутралноста, на независноста на посредникот, на застапувањето на принципот на еднаквост и рамноправност на засегнатите страни, на придржување кон прописите на меѓународното право, па дури и на отсуството на обид за правна помош или совети и искуство на неуката (помалку искусната) страна, се разбира македонската страна на преговарачите. Сите овие принципи беа изигнорирани од страна на посредникот, вклучувајќи го и највисокиот принцип на совесност и чесност во водењето на посредништвото. И наместо со едно коректно и принципиелно посредништво да се постигне ново ниво во евроинтегративниот процес за сите засегнати страни, фингираното француско контроверзно посредништво продуцираше основа за сериозно диференцирање, продлабочување и усложнување на политички и општествени разлики во земјава, поврзано со најсуштински идентитетски прашања.

Асиметрично посредништво со европска панделка на „тројанскиот коњ“ 

Според претставниците на Владата и владејачкото мнозинство во Собранието, благодарение на споменатиот предлог, започнат е скрининг-процесот од ЕУ, што од нивна страна се толкува како започнат преговарачки процес. Но, сепак, критичниот услов за реално и вистинско започнување на преговорите на Македонија со ЕУ е – промена на македонскиот устав. Имено, во преамбулата да бидат внесени Бугарите како малцинство, а итроманската стапица на овој предлог е во „трикот“ дека со неспроведувањето на уставните измени се создава перцепција пред европската јавност дека Македонија самата си го блокира патот кон ЕУ, па дури ја става под сомневање за непочитување на човековите права!? Преку вешто извртување на тезите, Бугарија, која не признава никакви малцинства во својот устав и држава, успеа да издејствува Македонија, која ги надминува и европските критериуми за почитување на правата на малцинствата, да биде ставена под сомнение за ксенофобичност. Голем дел од јавното мислење во Македонија, согледано преку повеќе анкети, во предлог-преговарачката рамка добиена со посредништво на Франција препознава само „француска амбалажа“ на целата содржина на тригодишното бугарско вето, кое настапи по 17-годишното грчко вето, и едносезонското (пак) француско вето. Само според последните искуства на Македонија со улогата на француското посредништво, во процесите за нашето меѓународно позиционирање, тешко може да се согледа придобивка што би била во заштита на македонскиот национален интерес.

Други земји ги ставаат под сомнеж намерите на посредниците

Додека Македонија се чини без резерви, во однос на неутралноста и праведноста, дури и со полна доверба ја прифати улогата на француското посредништво, верувајќи дека ќе ги забрза своите евроинтеграции, други држави не се воздржуваат да изразат сомнеж во непристрасноста на посредништвото за решавање билатерални спорови, па дури и категорично да одбијат таква понуда.
Неодамна, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, јасно ѝ стави на знаење на меѓународната заедница дека неговата земја не сака Франција да учествува во мировните преговори со Ерменија. Алиев го одложи и состанокот договорен за 7 декември во Брисел, со Емануел Макрон и шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Всушност, Алиев го обвини францускиот претседател Макрон дека „го нападнал и навредил“ Азербејџан. Исто така кажа дека францускиот претседател зазел непријателски став кон неговата земја, порачувајќи дека е „јасно зошто во овие околности и со таков став Франција не може да биде дел од мировниот процес меѓу Азербејџан и Ерменија“.
Во септември годинава изби нов конфликт меѓу двете поранешни советски републики поради повеќедеценискиот спор за енклавата Нагорно Карабах. Таа енклава е меѓународно признаена како дел од Азербејџан, но е населена и под контрола на етничките Ерменци, кои имаат поддршка од Ереван.
Ерменија го обвинува Азербејџан дека зазел територија во границите на енклавата. Прекин на огнот беше договорен на крајот на септември, а минатиот месец двете страни во Прага се согласија на границата да се воспостави цивилна мисија на Европската Унија.
Алиев сега го обвинува ерменскиот премиер Никол Пашинјан дека се обидува да ја поткопа наредната фаза од преговорите, туркајќи го Макрон за посредник. Ерменското министерство за надворешни работи објави дека сака да го задржи „форматот од Прага“, кој ги вклучува Макрон и Мишел. Исто така ги отфрла обвинувањата дека Ереван сака да ги осуети мировните преговори, наведувајќи дека тоа тврдење „нема никаква врска со реалноста“. Макрон во телефонски разговор со Пашинјан дал поддршка за суверенитетот на Ерменија.

Во меѓународната практика, националните интереси и суверенитетот кај државите секогаш се над „геополитиката“

При градењето позиции во меѓународните односи, секоја држава, без оглед на својата големина и соочување со реалполитиката, треба да настојува максимално да ги искористи своите адути – од географската стратегиска позиционираност, природните ресурси, човечки потенцијал и интелектуални капацитети, притоа не отстапувајќи од своето национално достоинство и државен суверенитет. Поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети, правејќи споредба на ситуациите околу (не)прифаќањето на француското посредништво во билатералните соседски проблеми на Македонија, со оние на Азербејџан, заклучува дека појдовната разлика е во поставувањето на приоритетите поврзани со националниот интерес.
– Азербејџан е држава со речиси ист период на независност како Македонија, но и со исто толку долга историја. Геополитичкиот контекст на двете земји е во голема мера еднакво комплексен. Азербејџан секако има многу поголем економски потенцијал, со многу нафта, претставува енергетска траса, но и многу корупција, а лидерството на земјата се практикува според некаков формат на наследна династија (иако формално се спроведуваат избори). Сегашниот претседател Илхам Алиев го наследи својот татко Хајдар Алиев. Од времето на независност од Советскиот Сојуз, лидерите на Азербејџан вешто политички „играат“ и со Истокот и со Западот, а нафтената соработка со Русија им е базирана на 30-годишен договор… Спорот со Ерменија им е долгогодишен, но потпирајќи се на своите геополитички, економски, ресурсни и енергетски предиспозиции, наедно знаејќи ги и релациите на својот сосед (соперник) со посредникот што тие го бараат (Франција), Азербејџан реагира од позиција на својот национален интерес, изразувајќи недоверба во посредништвото. Истокот воопшто е скептичен во намерите за посредништво на старите колонијални сили – вели Мелпомени Корнети, која во својата кариера била и акредитирана амбасадорка во Азербејџан.
За разлика од Азербејџан, Корнети смета дека Македонија во споровите што ѝ ги наметнаа соседите не создаде позиција од која ќе преговара, заштитувајќи ги своите национални интереси.

– Колку и да мала една земја, во градењето на своите меѓународни позиции и на својот државен суверенитет мора да направи процена на сите свои потенцијали и капацитети, за мудро да ги искористи како адути во преговорите. Македонија не направи ништо од тоа. Сите свои адути, почнувајќи од геостратегиската позиција (која се споменува само како туристичка понуда), па до некои работи што не се даваат за ништо (националниот идентитет со сите негови атрибути и националното достоинство), Македонија како да ги прокоцка без никакви гаранции за некаков реципроцитет. Ништо од своите геополитички адути Македонија не искористи во тие процеси на преговори за споровите со соседите, кои беа и сѐ уште се наметнати и апсурдни. Во однос на францускиот предлог, секако, требаше да ни биде јасно дека Франција не е непристрасна страна во македонско-бугарскиот случај. И историски и актуелно во ЕУ, Франција во своите релации повеќе чувствува обврска спрема Бугарија. Едноставно, Македонија не создаде позиција од која ќе преговара во овие спорови, потпирајќи се на своите адути и штитејќи ги националните интереси. За жал, некои работи се неповратно дадени, но некои состојби со мудра политика и способна дипломатија поткована со знаење за преговори, интегритет, кредибилитет и искуство, можат да се исправат во интерес на Македонија – вели амбасадорката Корнети.