Фото: Архива

Не е Македонија таа што ја држи Албанија како заложник на интеграциите во ЕУ, туку корупцијата во која е потоната Албанија, смета демократот Гент Стразимири, актуелен пратеник во албанскиот Парламент.

– И да беше Северна Македонија, не знам каква надлежност има премиерот на Албанија во ЕУ да го одвои досието на Северна Македонија од тоа на Албанија. Албанија е земја која од 2013 година до денес постојано е на листата на земји кои се дават во корупција, сиромаштија, криминал. Сè повеќе се оддалечува од стандардите кои би требало да не доближат до Европа. Да најдеме такви вештачки изговори дека Бугарија не попречува затоа што се инаети со Северна Македонија не ми изгледа ни сериозно ни точно – изјави Стразимири, гостувајќи во телевизиска емисија.

Неговата реакција следуваше по изјавата на премиерот Еди Рама, на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шулс во Берлин, дека Албанија ќе се одвои од Северна Македонија доколку формално не се отворат преговорите со ЕУ во јуни, поради бугарското вето, додавајќи дека „не можеме да бидеме затворени дома поради проблеми меѓу соседите“.

Стразимири е еден од најпознатите албански политичари. Во перодот 2005-2009 година беше секретар на Демократската партија, 2007/2009 беше заменик министер за внатрешни работи во владата на Сали Бериша, а за пратеник првпат е избран во 2009 а реизбран во 2013 и 2019 година.


Холштајн: Важно е процесот на пристапување во ЕУ да биде заедно за Скопје и Тирана

Амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн, денеска потсети дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок вчера на маргините на средбата на министри за надворешни работи во Луксембург, уште еднаш потврдила колку е значајно за целата ЕУ да остане овој пат за првата меѓувладина конференција за Македонија и за Албанија и тоа веднаш.

– За нас е важно тоа што политиката на проширување сега е повеќе од кога и да било претставува политика за безбедност – нагласи Холштајн по денешното донирање на опрема и возила во вредност од 675 илјади евра за Граничната полиција на МВР.

Што се однесува до преговарачката рамка и што може да влезе во неа, амбасадорката е децидна дека постојат граници.

– Значи, исклучено е да постои таков некој случај на преседан што би имал последици за понатамошните чекори на проширувањето. Принципиелно билатералните работи не припаѓаат во преговарачката рамка. И во интерес на изнаоѓање на решение ќе се направи некој обид за исцрпување на можностите, но сепак не смее да се наштети на интегритетот на преговарачката рамка. За нас исто како и претходно, важно и централно е процесот на пристапување да биде заедно за двете држави, рече Холштајн.