Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров продолжи да го критикува францускиот предлог, истовремено порачувајќи преку Фејсбук дека „претседателот Стево Пендаровски греши во клучен историски момент“.

Тој го цитираше експертот за управување со конфликти од Школата за напредни меѓународни студии на универзитетот „Џонс Хопкинс“, Едвард Џозеф, за да укаже дека со францускиот предлог Македонија останува изолирана, а Бугарија ќе продолжи да ги блокира македонските евроинтеграции.

– Едвард Џозеф: „Ќе ви ја кажам разликата. Ова е многу важно прашање и ќе бидам многу јасен во одговорот. Кога Бугарија сега блокира, вака, тие се изолирани. Изолирана е. Во ЕУ. Можат да продолжат да блокираат, ама се изолирани. Со францускиот предлог – тие веќе не се изолирани, Албанија е слободна да си оди напред, а Северна Македонија е таа што е изолирана и Бугарија ќе си продолжи да блокира. Што е подобро за вас? Да ве блокираат изолирани или неизолирани? Одговорот е многу јасен.” Немам што да додадам кон одговорот на Едвард – напиша меѓудругото Димитров во неговата објава, во која се осврнува на повеќе тврдења поврзани со францускиот предлог.

Поранешниот шеф на македонската дипломатија е еден од најгласните критичари на францускиот предлог, за кој претходно порача дека „е дебакл за македонската дипломатија што нѐ оддалечува од ЕУ“, како и оти „ја билатерализира преговарачката рамка. Тој тврди и дека ваквиот предлог нема да го реши спорот со Бугарија, како и дека „не се потрудиле многу во пакувањето на изменетата верзија на предлогот“.