Фото: Маја Јаневска-Илиева

Она што е засега познато е тоа дека на министерскиот совет ќе се носат одлуки поврзани со натамошното функционирање на ОБСЕ, организација што во последниот период се соочува со криза предизвикана поради внатрешната поларизација и меѓусебните односи на земјите членки

ВО ГЛАВНИОТ ГРАД НА МАКЕДОНИЈА, СКОПЈЕ: МИНИСТЕРСКИ СОВЕТ НА ОБСЕ

Од денеска до 1 декември Скопје ќе биде домаќин на 30-от министерски совет на ОБСЕ, при што очите на светската јавност ќе бидат свртени кон македонскиот главен град, во исчекување да се донесат важни одлуки како за европската така и за светската безбедност. Присуство на настанот потврдија над 70 делегации со околу 1.000 члена, меѓу нив американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, за чие присуство Македонија и Бугарија претходно мораа привремено да ја укинат забраната за прелет на руски државни авиони.
Засега нема официјална потврда дали на маргините на советот ќе се случи и американско-руска средба на која Блинкен и Лавров ќе разменат мислења за повеќе горливи безбедносни прашања. Во игра беше средба и со украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба, но тој го откажа доаѓањето во Скопје откако стана јасно дека доаѓа првиот човек на руското МНР.
Она што е засега познато е тоа дека на министерскиот совет ќе се носат одлуки поврзани со натамошното функционирање на ОБСЕ, организација што во последниот период се соочува со криза предизвикана поради внатрешната поларизација и меѓусебните односи на земјите членки.

Веќе е извесно дека на министерскиот совет ќе се донесе одлука Малта да ја преземе улогата на претседавач со ОБСЕ за 2024 година, откако Русија претходно се спротивстави нов претседавач со организацијата да биде Естонија.
Министерскиот совет на ОБСЕ се случува во период кога во тек е војна во Украина, а голема неизвесност постои и дали ќе дојде до нова воена ескалација во Појасот Газа по завршувањето на примирјето постигнато меѓу израелските воени сили и Хамас.
Она што е особено интересно е тоа дека Македонија и Скопје, како нејзин главен град, се домаќини на настан од светски калибар, така што се вложуваат максимални напори организацијата да помине беспрекорно и да се донесат одлуки што ќе бидат важни во воспоставувањето на мирот во кризните подрачја.
Во таква констелација, претседавањето на Македонија со ОБСЕ и одржувањето на 30-от министерски совет се голем исчекор на македонската држава, по што навистина треба да следуваат чекори што ќе обезбедат подинамичен напредок на Македонија на нејзиниот стратегиски пат, без патем да ги загуби белезите и уникатноста на својата нација, држава и идентитет.

Инаку, технички, настанот е во организација на македонското МНР, во чија надлежност ќе биде целокупната организација, од пристигнувањето до заминувањето на делегациите.
Министерството за внатрешни работи ќе се грижи за безбедноста и за сообраќајните решенија во сите три дена, поради што изминатите денови имаше повеќе вежби поврзани со безбедносниот аспект.
– Ние се подготвуваме цела година за овој самит, постојат детални планови во ова, најавено е присуство на повеќе од 70 делегации, кои се предводени од нивните шефови, пред сѐ министри за надворешни работи. Целосно сме подготвени сите служби и секторот за внатрешни работи, одделот за заштита на одредени личности, објекти, единицата за службени кучиња и воздухопловната единица, сите учествуваме во рамките на својот дел, секако и другите институции – изјави неодамна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Координативен состанок беше одржан и со првите луѓе во Клиничкиот центар во Скопје, каде што се договорени посебни протоколи за функционирање на дел од клиниките за перидот на одржувањето на советот.
Во текот на овие три дена ќе има посебен сообраќаен режим низ градот, а изменети ќе бидат и автобуските маршрути. Денеска администрацијата ќе работи со скратено работно време, а утре е неработен ден за целата администрација, како и за училиштата на територијата на главниот град.

С.Т.


Стејт департментот: Блинкен ќе ја истакне улогата на ОБСЕ во обезбедувањето безбедност во регионот

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен, ќе учествува на министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје, каде што ќе зборува за главната улога на организацијата во промоција на продлабочената безбедност во регионот и ќе ѝ се заблагодари на Македонија за нејзината лидерска улога, соопшти во понеделникот вечер Стејт департментот.
Портпаролот Метју Милер изјави дека Блинкен вчера учествувал на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, а во посета на Македонија доаѓа денеска на состанокот на министрите на ОБСЕ.
– Во текот на посетата на С. Македонија, државниот секретар ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ за реафирмација на цврстите заложби на САД во ОБСЕ и главната мисија на организацијата да промовира безбедност, стабилност и соработка меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на споровите – рече Милер.
Во соопштението од Стејт департментот се наведува дека Блинкен исто така ќе ја истакне главната улога што ОБСЕ ја игра во промоцијата на продлабочената безбедност низ регионот и ќе ѝ се заблагодари на С. Македонија за нејзината лидерска улога.


Лавров доби привремена дозвола за прелет низ бугарскиот воздушен простор, доаѓа во Скопје

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, доби привремена дозвола да лета низ бугарскиот воздушен простор за да може да учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје. Како што соопштија од Министерството за надворешни работи на Бугарија, дозволата важи 3 часа пред и 72 часа по наведениот датум и време на прелетување и не се однесува на членовите на неговата делегација.

Врз основа на барање добиено од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, во својство на претседавач на ОБСЕ за 2023 година и организатор на 30-от состанок на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, од 29 ноември до 1 декември 2023 година, за да обезбеди дозвола за прелетување на делегациите за учество на претстојниот совет на министри на ОБСЕ, Министерството за надворешни работи на Република Бугарија даде дозвола за лет на специјалната авијација за единицата „Русија“ преку воздушниот простор на Република Бугарија да изврши лет за транспорт на делегација за учество на меѓународниот форум – се наведува во соопштението.
Дозволата за дипломатски прелет е од привремен карактер и важи 3 часа пред и 72 часа по наведениот датум и време на прелетување.

Дадената дозвола е за учество на состанокот на советот на министри на ОБСЕ во Скопје на министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, и спаѓа во исклучоците од примената на режимот на санкции на ЕУ против него. Од Министерството додаваат дека дадената дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација, кои се санкционирани лица, според важечкиот закон на ЕУ.
Претходно и портпаролот на Европската комисија соопшти дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров може да отпатува во земја на ЕУ или во Македонија, и покрај тоа што е на европската листа на санкции наметнати на Русија поради војната во Украина. Портпаролот објасни дека оние што се погодени од санкциите имаат право да патуваат, особено кога нивното патување е поврзано со причината поради која се санкционирани.

– Лавров е санкциониран, но санкциите предвидуваат исклучоци од учество на меѓународни состаноци. Земјите од ЕУ можат да дозволат прелетување на авионот на Лавров, како и властите во Скопје да издадат дозвола за слетување и учество на состанокот, тоа нема да биде прекршување на санкциите. Ова ќе ни даде можност да застанеме очи во очи со Лавров и да разговараме за лагите што тој ги шири – рече портпаролот.
Според него, на ваквите средби ЕУ може да ја претстави својата визија, а санкционираните да одлучат да го променат своето деструктивно однесување.
Портпаролот не можеше да потврди дали високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ќе присуствува на состанокот на ОБСЕ поради неодамнешните настани на меѓународната сцена.
– Планирано е Борел да патува барем на дел од состаноците, а доколку не успее, ЕУ нема да биде претставена на соодветно ниво – прецизира портпаролот.


Украина, Естонија, Летонија и Литванија нема да учествуваат на самитот на ОБСЕ

Министрите за надворешни работи на Естонија, Летонија и на Литванија во заедничка изјава објавија дека нивните земји нема да присуствуваат на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, на министерски совет во Скопје поради присуството на нивниот руски колега Сергеј Лавров.
– Присуството на Сергеј Лавров на министерството на ОБСЕ, исто така, ризикува легитимирање на агресорот Русија како законски член на нашата заедница на слободни нации, тривијализирање на свирепите злосторства што Русија ги прави и поднесување на руското грубо прекршување и непочитување на основните принципи и обврски на ОБСЕ – изјавија министрите.
Претходно, Украина потврди дека нема да учествува на самитот на ОБСЕ по истата основа. Во образложението на украинските власти се укажува дека „Русија го уништува ОБСЕ, а доаѓањето на руска делегација ќе ја влоши кризата во организацијата“.

Официјален Киев се заблагодари за напорите на Македонија и на министерот Османи и порача дека се благодарни за високиот професионализам, но, и покрај тоа, Украина нема да учествува на состанокот на ниво на министер.
– Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложништво на своите каприци и агресија. Во такви услови, присуството на руската делегација на министерскиот состанок на министерско ниво за првпат од почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина само ќе ја влоши кризата во која Русија го воведе ОБСЕ. Заедно мораме да работиме на спасување на ОБСЕ од Русија, а не со испраќање сигнали за можноста за враќање на формите на соработка што постоеја до февруари 2022 година на државата што ја спроведе најголемата оружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите принципи на завршниот акт на Хелсинки – порачаа од Амбасадата на Украина.