Фото: Архива

Една од главните улоги на Уставниот суд е со своите дејства да превенира потенцијални опасности по уставниот поредок на земјата и аномалии што може да настанат внатре при секакви интервенции во највисокиот правен акт, особено ако се диктирани од страна. Со тоа што се занемарува политичкиот контекст при давањето изјави околу тоа дека нема правни пречки за внесување на Бугарите во Уставот, всушност Софија добива официјална потврда од македонска страна дека Македонија од нејасни причини прави правни опструкции и не ги внесува Бугарите во Уставот, што веќе се користи за блокирање на евроинтегративниот процес

Државните функционери секогаш и секаде треба да ги бранат националните и државните интереси

Задача на секој функционер е да работи во интерес на државата и да ги брани со сите сили нејзините национални позиции, оти единствено на таков начин и државата го гради сопствениот углед, како респектабилна и рамноправна со сите други.
За жал, многу години токму тие високи функционери наместо да се борат за интересите и за подобрување на позициите на државата, како внатре така и во меѓународни рамки, тие се приспособуваат на желбите и потребите на меѓународната заедница, занемарувајќи го она што значи национално достоинство и гордост.
Таков беше случајот со потпишувањето на Преспанската спогодба, а таков е случајот и со потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија. Домашните функционери, особено оние од повисок ранг, наместо да се обидат и од ваквата ситуација да го извлечат максимумот за државата, тие со своите изјави како да додаваат дополнителен ветер во едрата на соседните држави.
Имено, во време кога веќе на целата меѓународна заедница ѝ стана повеќе од јасно дека уставни измени под принуда нема да се случат, а спласна дури и ентузијазмот и кај најголемите домашни оптимисти дека е можно да се внесат Бугарите во Уставот до крајот на годината и веќе никој не говори за тоа, одеднаш некои високи функционери излегуваат со изјави што се спротивни на македонските национални интереси, но и на волјата на мнозинството македонски граѓани, од кои истите тие функционери земаат плата.

– Не постои никаква правна пречка за внесување на Бугарите во Уставот бидејќи не постои закон што би им забранил нешто на граѓаните што се чувствуваат како Бугари, а би им го овозможил на граѓаните што се дел од албанскиот, турскиот, српскиот и другите народи во земјава – изјави неодамна во интервју за бугарската телевизија Нова претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, притоа посочувајќи дека Македонија е мултиетничко општество и дека, според Уставот, немнозинските заедници ги уживаат истите права што ги ужива и македонскиот народ.
Настапувајќи од позиција на граѓанин и судија, претседателката на Уставниот може да тврди дека не постои правна пречка за внесување на Бугарите во Уставот, и во право е со таквата констатација, но го занемарува политичкиот контекст и наместо одговор во кој и од правен и од политички аспект ќе направи еден зрел интегрален приод при што ќе ги „смести работите на свое место“ со високоинтелектуален одговор, следуваше еден неочекуван квазимодо-став, во стилот „јас не сум оттука, ама правото вака може да се толкува…“.

Токму истиот Уставен суд, неколку години не се произнесуваше за уставноста на Преспанската спогодба, за воведувањето на двојазичноста, за територијалната поделба и за уште многу други поднесени иницијативи затоа што уставните судии тогаш го следеа политичкиот контекст и не сакаа да предизвикаат турбуленции во државата, избегнувајќи да даваат какви било изјави од правен аспект. Уставниот суд како највисока институција секогаш треба да го цени и политичкиот дел, бидејќи токму во него се гледа една поширока слика и во светлината на таа поширока политичка слика се толкуваат законите, се утврдува дали е нешто противуставно или е во согласност со највисокиот правен акт. Тука, всушност, се кријат елементите на заштита на националниот интерес и на интересот на државата, така што следејќи го политичкиот контекст, се изнаоѓаат правни формулации како да се елаборира тоа пред пошироката јавност.

И сега е ист случајот, но нејасно е зошто претседателката на Уставниот суд овој пат го занемарува поширокиот контекст во односите меѓу Македонија и Бугарија и го истакнува само голо – правниот аспект, говорејќи дека не било проблем да се внесат Бугарите во Уставот, занемарувајќи го фактот дека за да профункционира правото, потребно е опфаќање на широкиот спектар на факти и околности, за да се дојде до – правдината. Така функционираат судии и правни експерти од висока класа.
Во една ваква констелација на македонско-бугарските односи, секој функционер на кој му се важни македонските национални интереси, треба секогаш да поаѓа објаснувајќи ја генезата на самиот проблем, од она што е пречка политиката да се преточи во право.
Она што секој државник во ваква ситуација треба да го истакне е да ги посочи резервите зошто не се направени уставните измени, а тие резерви во македонското општество несомнено се предизвикани од однесувањето на официјална Софија. Но ако политиката го направи своето, на пример, во Бугарија се повлече спорната декларација со која се негира постоењето на македонскиот народ, јазик и историја, тогаш се отвора можноста политиката и во Македонија да се проектира во правото, односно Собранието како законодавен дом да ги озакони политичките одлуки и тие како такви да бидат основа за уставни измени. Токму Уставниот суд треба да биде институцијата што ќе инсистира на строго придржување до ваквата процедура, како чувар на уставниот поредок на државата, а луѓето што се во него треба со лични примери, било да се работи за изјави или, пак, дела, постојано да го потврдуваат интегритетот на ова највисоко тело.

Токму тие највисоки функционери, за кои „нема правна пречка Бугарите да се внесат во Уставот“, треба да бидат свесни дека македонскиот устав беше највисоко оценет од Роберт Бадентер, што е недвосмислено признание за демократскиот капацитет на највисокиот државен правен акт. Тоа признание требаше да се искористи како можен аргумент пред бугарската, грчката и секоја друга страна што инсистира на уставни измени, со забелешка дека многу други држави што себеси се декларираат за демократски треба да се угледаат на македонскиот устав и да преземат некои делови од него, особено делот што се однесува на правата на малцинските заедници.
Една од главните улоги на Уставниот суд е со своите дејства да превенира потенцијални опасности по уставниот поредок на земјата и аномалии што може да настанат внатре при секакви интервенции во највисокиот правен акт, особено ако се диктирани од страна. Со тоа што се занемарува политичкиот контекст при давањето изјави околу тоа дека нема правни пречки за внесување на Бугарите во Уставот, всушност Софија добива официјална потврда од македонска страна дека Македонија од нејасни причини прави правни опструкции и не ги внесува Бугарите во Уставот, што веќе се користи за блокирање на евроинтегративниот процес.

Затоа е важно да се следи политичкиот контекст кога се даваат изјави, за да се превенира штета по државните интереси. Неоспорен е аргументот дека нема правни пречки за допишување на Бугарите во преамбулата, но во ваков политички контекст, тоа би значело загрозување на уставниот поредок на државата и затоа е потребен поширок поглед на целата ситуација. Зошто? Прво и основно, оние што бараат да бидат впишани во Уставот не го признаваат државотворниот и уставотворен народ, односно македонскиот. Имајќи ги предвид однесувањето на Софија и асимилаторските процеси врз македонското малцинство во соседните земји, тогаш онаа малцинска заедница што во ваков политички контекст би била впишана во Уставот, утре може прекуноќ да стане мнозинска заедница чии апетити неколкукратно ќе пораснат и ќе станат закана за државниот суверенитет и интегритет.

– Од геополитичка гледна точка на Балканот, кога една наша соседна земја тврди дека на нејзината територија нема Бугари, а на запад од неа има Бугари, очигледно е дека Скопје греши во тие тврдења. Не е возможно во Бугарија да живеат Бугари, во Албанија да живеат Бугари, а во средината да нема ништо – вели во интервју за Бугарското национално радио доц. д-р Спас Ташев од Бугарската академија на науките (БАН) и автор на книгата „Бугарите во Албанија“.
Токму ваквите изјави што доаѓаат од луѓе во највисоката бугарска научна институција се најдобриот пример за крајните бугарски цели и уште една потврда зошто е потребно да се следи политичкиот контекст пред да се даваат правни оценки дали има или нема пречки за впишување на Бугарите во Уставот.

Затоа, македонските функционери, особено оние од повисок ранг, мора со секоја своја изјава да го истакнуваат исклучиво македонскиот државен интерес, да се држат до политичкиот контекст кога ги објаснуваат правните процедури, оти овие две работи една без друга не одат. Нивното одвојување, секогаш ќе биде на штета на државата и на националните интереси.