Фото: ВМРО-ДПМЕ

Не можам да се согласам со една теза што се сака да се протне, а тоа е дека сите сме исти. Не сме сите исти. Нас измените на казнениот закон нѐ најдоа затечени и не знаевме дека таква работа ќе се случи, а очигледно некои други добро знаеле, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на вечерашното гостување во емисијата „Трилинг“ што се емитува на телевизија 24.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ објасни дека тоа што го стори СДСМ, а и ДУИ да има неказнивост на сторени кривични дела никому не му паднало на памет дека е можно.

– Ни на крај памет не ни падна дека на власта ќе и текне да носи закон што значи неказнивост. Ова не е случајна работа, каде една страна на брза лента ги пуштија измените, а од друга страна ја кочат експертската комисија предводена од експерти која треба да подготви нов казнен законик. И тука е јасно дека им е потребно да остане еден ваков закон определен период во кој ќе важи овој казнен законик и да се завршат работите. Или да остане овој актуелниот КЗ да се заврши тоа што треба да се заврши, а потоа да се донесе нов нормален казнен законик – рече Николоски.

Николоски заклучи дека приоритет на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ би било владеење на правото.

– Според мене и според партијата тоа ќе биде приоритет број еден. Проблем број еден е корупцијата и криминалот. Нема институција каде нема некорумпирани од најниско до највисоко ниво и никој не одговара, поради неказнивоста цвета криминалот и корупцијата – кажа Николоски.