Не треба да има предвремени парламентарни избори. Во однос на националните интереси на сите граѓани на Република Северна Македонија, ние во моментов имаме Влада која се грижи за националните интереси, за достоинството на сите граѓани без оглед на тоа од која етничка, верска и национална припадност доаѓаат, истакна премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање на пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Истото, посочи Ковачевски, тоа се случи и во изминатиот период кога националните интереси на Македонија согласно одлуките и резолуциите донесени во ова Собрание беа застапувани од сите членови на Владата без оглед дали тие се Македонци, Албанци, Турци или од која било друга национална припадност.
– Тоа се потврди минатата недела кога на принципиелен начин ние ги искажавме нашите ставови пред сите наши партнери во ЕУ и пошироко. Меѓутоа, тоа не може да биде еднакво на однесувањето на опозицијата на Конгресот на Европските народните партии кога беше донесена резолуција во која се вградени барањата во однос на негирање на националниот и историскиот континуитет на Македонците и на тоа носењето на таа резолуција присуствуваше делегација на највисоко ниво на вашата партија. Никаде не видовме ниту прес-конференција во која сте се спротивставиле, ниту видовме записник, ниту говор, ниту нешто дека сте направиле против тоа. Лесно е некој да брани национални интереси дома, но кога треба да се бранат националните интереси пред 27 земји, тогаш очигледно на некого му е тешко, а некој тоа мора да го направи како што јас, претседателот на државата и коалициските партнери го направивме – рече Ковачевски.
Тој потенцира дека сите граѓани без оглед на нивната припадност се борат за својот национален, етнички, верски идентитет и континуитет. Меѓутоа, појасни премиерот, секогаш на еден му припаѓа честа да го брани тоа и пред други.
– Овој пат тоа на мене ми припадна како чест и сум горд на тоа што сите заедно застанавме и го кажавме тоа што требаше да го кажеме при тоа не навредувајќи никого ниту дома, ниту надвор, рече Ковачевски.
Што се однесува, пак до економските политики, премиерот рече дека му е сосема јасно оти една опозиција ќе ги зема само лошите работи кои се случуваат како резултат на војната во Украина, како резултат на здравствена пандемија која траеше и се уште трае, зголемените цени на енергенсите и историски најголемото зголемување на цените на суровините, електричната енергија и на храната.
– Владата уште од почетокот на својот мандат носеше антикризни пакети мерки, кои беа оценети како позитивни и успешни не тука, туку надвор од меѓународните финансиски институции. Во време на ковид кризата беа донесени шест антикризни пакет мерки од 1,2 милијарди евра, а сега за време на војната во Украина нови 26 пакети антикризни мерки во вредност од 400 милиони евра. Дополнително не дозволивме ценовен шок за граѓаните во однос на електричната енергија со оглед на тоа што таа за сите граѓани беше субвенционирана со 80 проценти од страна на државата – рече Ковачевски.
Топлинската енергија во Скопје, посочи премиерот, беше мој предизвик на првиот ден на 17 јануари оваа година како премиер, затоа што вашата Влада и вашиот премиер дозволил системот за загревање во Скопје, односно компаниите да бидат продадени на фирма од Кипар со основачки влог од 5.000 евра, која треба да снабдува со гас, а таа компанија во Кипар нема лиценца за снабдување со гас и затоа Владата мораше да го преземе управувањето со топлинскиот систем во Скопје. Според него, тоа е надлежност на Градот Скопје, меѓутоа градските власи тогаш преќутно, а сега јавно кажуваат дека нема начин, односно нема знаење, ниту има волја да управуваат со тоа.
Тој рече дека во однос на работниците, денес само минималната плата е зголемена за сто проценти, зголемени се платите и тоа од пет проценти на нелекарскиот персонал, до 25 проценти на лекарите, а наставниците имаат историски најголемо зголемувања на платите.
– Да не заборавиме наставниците за десет години од 2006 до 2016 година имаат пет проценти зголемување, а сега имаат 21 процент кумулативно само досега и со новиот договор со СОНК тоа ќе биде плус 14 проценти и дополнително зголемување идната година. Истото се однесува и на универзитетските професори, а додека со ССМ веќе се водат преговори кои верувам дека ќе вродат со плод и тоа не само зголемување на платите, туку и враќање на К15, воведување нов закон во кој ќе има нивелирање на платите и ќе се знае кој ќе има највисока плата, дали тоа ќе биде претседателот на државата, претседателот на Врховниот суд, како што е регулирано во најголем дел од европските држави, а не најголеми плати да имаат директори на јавни претпријатија, помошници во јавни претпријатија кои водат фирми со загуби и кои имаат некакви менаџерски договори, кои се измислени и не може да им се дознае колку имаат плата и колку бонуси имаат ставено внатре. Тоа ќе биде договорено со Синдикатот – рече Ковачевски, одговарајќи на прашање на собраниската седница на која се поставуваат пратенички прашања.