Во однос на (зло)употребата на европското знаменце при носењето на законите поврзани со изградба на коридорите, за што деновиве имаше многу реакции, премиерот рече дека европското знаменце го донела токму ЕУ и не мисли дека има негова злоупотреба
Брифинг на премиерот и владиниот тим за актуелни прашања со претставници на медиумите
Предизвиците поврзани со уставните измени, носењето нов изборен законик, инфраструктурните и енергетски проекти и проекции, користењето на европското знаменце за коридорите 8 и 10, кои ги гради „Бехтел и Енка“, беа клучни точки на кои се осврна премиерот Димитар Ковачевски на вчерашниот брифинг со претставници на медиумите во државата. На средбата, покрај премиерот Ковачевски, присуствува и вицепремиерот за евроинтеграција Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Премиерот се осврна на својата неодамнешна посета на САД, од каде што, како што рече, добил силна поддршка за продолжување на евроинтегративните процеси и носењето на уставните измени што претстојат.
На предизвикот со уставните измени се осврна и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој рече дека во таа насока има две опции, план А и план Б.
– Планот А е завршување на уставните измени. Планот Б е незавршување на уставните измени и прекинување на преговорите. Албанија да продолжи сама, а ние, според негово мислење, би влегле во декада на изолација. Ќе влеземе во период на изолација, во кој ќе нѐ третираат како трета група на земји, а ние внатре ќе се гушиме – истакна Османи.
Премиерот Ковачевски се осврна и на актуелната дебата во врска со измените во изборното законодавство, при што рече дека како партија застанале зад концептот на една изборна единица.
– Јас сум поборник за отворени листи, за граѓаните да изберат за кого ќе гласаат, иако некои политичари и партии мислат дека цел живот треба да бидат на функција или во политиката. Но треба да се размислува и за некој изборен праг – рече премиерот.
Во однос на (зло)употребата на европското знаменце при носење на законите поврзани со изградба на коридорите, за што деновиве имаше многу реакции, премиерот рече дека европското знаменце го донела токму ЕУ и не мисли дека има негова злоупотреба.
Инаку, како што најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, токму денес во Црна Гора ќе биде потпишан анекс со кој се проширува картата на паневропските коридори и од денеска коридорот 8 ќе влезе на картата на паневропските коридори.
На средбата со медиумите премиерот најави и редица нови инфраструктурни проекти, како на пример изградба и гасоводно поврзување со интерконекторот од Грција, изградба на голема гасна централа во Неготино, гасификација на еден блок на РЕК Битола итн.
Во врска со шпекулациите дека преговарачката рамка со Македонија не е донесена, вицепремиерот за европски интеграции Бојан Маричиќ појасни дека таа е донесена и нема да се менува, но дека ќе се објави на втората меѓувладина конференција, која ќе се одржи откако ќе бидат донесени уставните измени. А.Д.
Охрид станува меѓународен мировен центар
По дијалогот Србија – Косово, министерот за надворешни работи Бујар Османи ги поканил на дијалог за помирување и шефовите на дипломатиите на Ерменија и на Азербејџан во Охрид, брифираат од Владата.
Османи како претседавач со ОБСЕ има намера од Охрид да направи центар за помирување страни помеѓу кои имало конфликт, а тема за која би се разговарало е за тоа како да се интегрираат Ерменците од Нагорно Карабах.
Според информациите, поканети се тројцата министри за надворешни работи, на Азербејџан, Ерменија и Грузија. Понудени им се три термини за средба и во моментов се чека одговор кој датум би бил најповолен.