Повторно се покажа на дело колку се грижиме за објектите од историско и културно значење - Куќата во Охрид пред „реновирањето“

Поради несовесност на поединци и на компании, како и неажурност на надлежните институции, македонското општество изгуби уште еден автентичен објект што е поврзан со македонската народноослободителна и антифашистичка борба во Втората светска војна. Во земјава има повеќе споменици, спомен-обележја и меморијални комплекси посветени на НОБ, како што е „Споменикот на слободата“ во Кочани или „Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата“ во Штип. Споменатите споменици имаат особена национална и државна вредност, а во тој контекст треба да се подразбира и значењето на охридската куќа, која во суштина е симбол на македонската борба за слобода и државност

Објектите од НОБ се симболи на македонската борба за слобода и државност

Повеќемина експерти во еден подолг период постојано ја нагласуваат потребата од оформување државна стратегија, но и проактивност на надлежните институции за да се заштитат објектите со историско и културно значење од уништување, кражба, проневера или друга загуба. Последните негативни примери со хотелот „Шар ан“, кој се наоѓа во рамките на старата скопска чаршија, како и охридската куќа, која има историско значење и е препознатлива градба, покажуваат дека македонското општество не ја научи лекцијата од немилиот настан со млинот на Исмаил-бег, кога Битола изгуби еден од своите најрепрезентативни културни објекти. Познавачите и експертите посочуваат дека објектите што имаат извонредно историско и културно значење, како општество ги губиме поради некоординација на институциите, но и поради недостигот од чувство за нивното значење за македонската држава и историја.
Дека како општество не сме ја научиле лекцијата покажува и последниот пример кога објект со историско значење и препознатлива градба и фасада на улицата Димитар Влахов во Охрид доби нов лик, откако инвеститорот отстапил од проектот за реконструкција, со што се нарушиле автентичноста и оригиналноста на градбата. Конкретно станува збор за куќа во која на 26 и 27 ноември 1941 година бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање оружено востание против бугарскиот фашистички окупатор. Пред куќата стои мермерна спомен-плоча како потсетник на тој историски настан.
Информациите велат дека Општината не дала одобрение, а од националната установа Завод и музеј – Охрид укажуваат дека објектот не претставува поединечно заштитено добро, меѓутоа се наоѓа во контактната зона на заштитената споменична целина прогласена за културно наследство од особено значење и, во согласност со законот, за реконструкција се издава конзерваторско мислење од Заводот и музеј – Охрид. Заводот и музеј дозволил промена на покривот, со препокривање со црвена ќерамида на веќе постојната конструкција, и промена на внатрешната и надворешната столарија во кафена боја, со дрвен финиш, по урнек на постојната.

Исто така, Заводот дозволил санација на фасадата, но со зачувување на истиот изглед и на белата боја. Меѓутоа, за доградените тераси од страна на НУ Завод и музеј не е издадено позитивно мислење.
Овластен градежен инспектор на предметната парцела извршил вонреден надзор и подготвил записник на 14 август годинава, според кој при увидот на самото место било констатирано дека инвеститорите изградиле нелегални доградби на објектот, спротивно на одобрението за реконструкција издадено од Општина Охрид. Градежниот инспектор во август донел решение за отстранување на доградбите, а градилиштето со полициска асистенција го затворил со лента и заштитен знак, но инвеститорот ја отстранил жолтата лента и продолжил со градбата.
Поради несовесност на поединци и на компании, како и неажурност на надлежните институции, македонското општество изгуби автентичен објект што е поврзан со македонската народноослободителна и антифашистичка борба во Втората светска војна.

Во Македонија има повеќе споменици, спомен-обележја и меморијални комплекси посветени на НОБ, како што е „Споменикот на слободата“ во Кочани или „Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата“ во Штип. Споменатите споменици имаат особена национална и државна вредност, а во тој контекст треба да се подразбира и значењето на охридската куќа, која во суштина е симбол на македонската борба за слобода и државност.
Споменатата охридска куќа е автентичен симбол на народноослободителната и антифашистичка борба, борба што е нераскинлив дел од ДНК-кодот на македонското битие. Оттука, според нашите соговорници, не смееме да забораваме дека куќата во која бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, всушност, треба да ги потсетува денешната и идните генерации дека Македонија како држава беше создадена преку антифашистичките заложби на македонскиот народ.
Од македонската влада имаше најава за реконструкција на сите споменици и спомен-обележја од периодот НОБ и антифашистичката борба, но надлежните институции мора да бидат поажурни во своето дејствување и во иднина да спречат уништување на автентичните објекти од тој период, како што е охридската куќа. Д.Ст.


Хотелот „Шар ан“ од старата скопска чаршија

Јавното обвинителство спроведе истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела злосторничко здружување и oштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, а петмина од нив сториле и кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Конкретно, првоосомничениот како претседател на одбор на директори на акционерско друштво, со намера за себе и за другите членови на групата да набави противправна имотна корист, не ги извршил своите службени овластувања определени во статутот на друштвото и предизвикал штета на буџетот на РСМ од значителна вредност. Тој, иако знаел дека хотелот „Шар ан“, кој се наоѓа во рамките на старата скопска чаршија, претставува културно наследство и е дел од заштитена споменична целина и не може да биде предмет на продажба, не ги презел своите законски овластувања за заштита на објектот, туку побарал од некои од припадниците на групата да извршат негово противправно уривање и уништување.
Во октомври и ноември 2022 година четворица припадници на групата како градежни работници, без да поседуваат документација за дозволеност за преземање дејства за уривање, употребувајќи механизација извршиле противправно уништување на автентичниот објект хотел „Шар ан“. Во исто време двајца од организаторите и еден припадник на групата во својство на службени лица, чија службена должност е преземање мерки за заштита на недвижните културни наследства, иако знаеле за насилното уништување на автентичниот објект хотел „Шар ан“, дозволиле негово целосно уништување и не презеле ниту едно дејство со кое ќе го запрат или спречат незаконското уривање на објектот од културно наследство.
Второосомничениот како еден од организаторите на групата во текот на целиот период на уривањето бил запознаен и се согласил со преземањето на противзаконските дејства, од кои требало да оствари директна корист. Тој до Агенцијата за катастар на недвижности поднел пријава за запишување промена од т.19 – бришење урнат објект, па кон пријавата приложил изјава за правна заинтересираност за купопродажба на катастарска парцела и геодетски елаборат. Геодетскиот елаборат бил изработен од правно лице сопственост на сопруга на еден од осомничените – поранешен заменик-директор на Агенцијата за катастар на недвижности, кому му биле познати законските постапки за вршење упис и промени во катастарската евиденција и кој презел низа дејства давајќи конкретни насоки и обезбедувајќи услови за извршување на промената во катастарската евиденција.