Фото: Принт-скрин

Влегувањето на Алијанса за Албанците во владината коалиција ќе има најголемо влијание врз работата на Собранието. Колачот што партијата го доби не е голем, додека функциите што се очекува да ѝ припаднат се во согласност со политиките за кои се залага, според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, кој за „Нова Македонија“ се осврна на претстојното проширување на владината коалиција. Алијанса за Албанците (АА) ќе биде дел од Владата, одлучи синоќа највисокото тело на партијата, а зелено светло за нејзиниот влез во владината коалиција даде и Централниот одбор на СДСМ.

– Најголемо влијание ќе биде во работата на Собранието, бидејќи ќе има поголемо мнозинство. Не се очекува да доаѓа во прашање кворумот во парламентот, а пратениците би можеле и подобро да функционираат во извршување на обрските што не ја опфаќаат само работата во Собранието. Власта полесно би можела да дојде и до бројките што ѝ се потребни за одредени одлуки – вели Муслиу.

Претседателот на Алијнса за Албанците, Арбен Таравари, потврди дека влегуваат во Владата и ги објави функциите кои би требало да им припаднат, истакнувајќи дека Министерство за здравство, Министерство за правда, Министерство за информатичко општество или заменик-премиер за економски прашања, се договорени како ресори. Било договорено, како што рече Таравари, АА да добие и две заменички-министерски места, за одбрана и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претходно извори на МИА во АА информираа дека треба да добијат и двајца државни секретари, од кои едниот е во МТСП, а вториот ќе биде дополнително утврден. Меѓу директорските места што би ги добила Алијансата за Албанците се во „Пошта на Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменик-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и ЕСМ.

– Колачот што Алијанса за Албанците го доби не е толку голем во однос на нивните пратенички места. Алтернатива претходно доби и повеќе со помалку пратеници. Но министерските места се вистинска рефлексија на политиките за кои Алијанса за Албанците се залага, како што се борбата против корупцијата и владеењето на правото, па така и логично беше коалициските партнери да ги отстапат овие позиции. Ќе видиме како тие ќе се рефлектираат, а новите кадри ќе имаат пократок тест-период. Ќе се види дали ќе бидат на висина на задачата или ќе претставуваат партиски кадри. Ако добро се покажат според перцепцијата на народот, тоа ќе биде добро и за Алијанса за Албанците и за Владата – смета Муслиу.

Ова ќе биде прва реконструкција на Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски по промените во октомври минатата година, откако Горан Милевски од ЛДП поднесе оставка и на негово место за нов министер за локална самоуправа беше избран Ристо Пенов. Таравари за денеска најави средба со Ковачевски на која, како што рече, ќе ги објави имињата на идните министри и заменици-министри од редовите на АА. Седницата за реконструкција на Владата можно е да биде закажана веќе в понеделник, како што истакна претседателот на Собранието Талат Џафери, ако премиерот во текот на денов го достави до пратениците предлогот за составот на новиот владин кабинет. М.Ж.