Фото: Игор Бансколиев

Македонската јавност со право си го поставува прашањето дали Македонија стана „полигон за тренинг на дипломатијата“, каде што секој може да дојде и јавно да си каже што е „најдобро“ за неа и нејзините граѓани? Како може искусни странски политичари или дипломати од кариера да си го земаат правото да коментираат или да ни „советуваат“ нешта што се далеку од дипломатската практика или речник, па некојпат дури и со своите забелешки флагрантно да се мешаат во внатрешните работи на државава? Зарем некому не му е јасно дека Македонија е суверена држава и сама одлучува за својата иднина? Или, пак, некој од политичарите, странските државници или дипломати нема таков впечаток?

Странски државници, политичари и дипломати забораваат на начелата и правилата на дипломатијата при посетите на државава

Мешањето во внатрешните работи на Македонија стана вообичаена практика на секој странски политичар што ја посетува земјата и веќе сите си земаат за слобода директно да ни кажуваат што треба да направиме, дури и без да го употребуваат дипломатскиот речник.
Македонската јавност со право си го поставува прашањето дали Македонија стана полигон за тренинг на дипломатијата, каде што секој може да дојде и да каже што е „најдобро“ за неа и нејзините граѓани? Како може искусни странски политичари или дипломати од кариера да си го земаат правото да коментираат или да ни „советуваат“ нешта што се далеку од дипломатската практика или речник, па некојпат дури и со своите забелешки флагрантно да се мешаат во внатрешните работи на државава? Зарем некому не му е јасно дека Македонија е суверена држава и сама одлучува за својата иднина? Или, пак, некој од политичарите, странските државници или дипломати, нема таков впечаток?
Последна потврда што оди во прилог на оваа констатација е неодамнешната изјава на албанскиот премиер Еди Рама, дадена по заедничката седница на владите на двете земји во Скопје, дека за Македонија најдобро решение е да го промени Уставот за да не остане во изолација.
– Ќе биде фатално ако по толку напорна работа Македонија не го смени Уставот и се врати назад во изолација – порача Рама.
Неодамна и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов добронамерно го советуваше македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи што е добро да направи во врска со Законот за здруженија и фондации, со кој од неодамна се забранува употреба на имиња на личности поврзани со фашизмот.

– Наш совет е законот да се испрати до Венецијанската комисија. Не е наша работа да се мешаме, но поради него има тензија во бугарското општество. Сето добро што го имаме може да се изгуби за миг – му порача Борисов на Османи. Ако на ова се додадат и константните „совети“ на бугарскиот претседател Румен Радев за тоа што треба да направи Македонија ако сака да ги продолжи евроинтеграциите, како и изјавите на бугарските историчари и европратеници, тогаш Бугарија не само што отворено се меша во внатрешните работи на соседната земја туку ја насочува и овдешната политика во кој правец да се движи.
И не само Албанија и Бугарија, шлагот на тортата се и пораките што речиси секојдневно стигаат од Брисел за „неопходноста“ да се промени Уставот и да се внесат Бугарите за да може земјава да оди напред.
Сето ова е само мал дел од еклатантните примери за најдрско мешање во внатрешните работи на една суверена држава, што создава револт кај македонските граѓани, кои со право се прашуваат дали живеат во суверена држава за чија иднина одлучуваат тие или, пак, секој што ќе дојде од страна подобро знае што е добро за нив.
– Македонија како да стана „село без кучиња“. Секој може да дојде тука, да зборува што сака и да нема реакција. Така е кога работите не се решаваат навреме или, пак, ги решава погрешен човек. И сега ќе се нижат политичари од страна и ќе доаѓаат да ни кажуваат што е добро за нас. Наеднаш Балканот на сите им стана најважен, па се прашувам ако веќе толку доаѓаат тука и ни раскажуваат што е добро за нас, што не ги решат тогаш отворените прашања. Се знае зошто доаѓаат, само за да направат уште еден притисок врз нас да попуштиме – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Според него, сите тие што доаѓаат од страна и се мешаат во внатрешните работи на земјава само си го билдаат личниот рејтинг, а проблемите остануваат.

– Проблемите остануваат, а кормилото во државата го презема некој друг. Македонскиот фактор е ставен во трет план. На што личат веќе овие надворешни мешања? Тоа е надвор од секаква дипломатска практика. Ова веќе не е дипломатија, туку притисок – категоричен е Јањатов.
Тој додава дека државата мора да го зачува сопствениот суверенитет и самата да почне да одлучува што е добро за нејзината иднина, а не тоа да ѝ го кажуваат емисарите што секојдневно доаѓаат во посета.
– Тие ќе ни кажуваат дека било најдобро да се влезе во ЕУ. Лично се прашувам, која цена мора да ја плати Македонија за тоа и дали вреди воопшто? Сметам дека е прескапа цената што ќе ја платиме ако влеземе во таа унија, а нема да влеземе. Лека-полека дојде времето кога треба да кажеме доста е – истакнува Јањатов.
Тргајќи од неговото дипломатско искуство, тој смета дека мора да има реакција од земјава кога доаѓаат вакви изјави што се надвор од секакво дипломатско однесување.
– Треба без пардон да им ги кажеме работите на сите оние што ни солат памет. Ако не го направиме тоа, земјава навистина ќе ни биде „село без кучиња“. И народот веќе крена раце, така што ваквите „совети“ од страна ќе продолжат и во иднина – заклучува Јањатов.