Повеќемина светски истражувачи и експерти, како што се Томек Јанковски, Ричард Рашке, Кристофер Симпсон и други, јасно посочуваат дека станува збор за екстремна албанска националистичка организација што се залагала за создавање голема Албанија и како таква соработувала со германските нацистички власти. За ова особено пишува Ричард Рашке во своето истражување „Корисни непријатели: Американската политика на отворени врати за нацистичките воени злосторници“, како и авторот Кристофер Симпсон во трудот „Повратен удар: Американското регрутирање нацисти и нејзиното деструктивно влијание врз нашата домашна и надворешна политика“, каде што ги образложуваат суштината на ова великоалбанско движење и поврзаноста со германските нацисти
Од историските архиви: Мало потсетување на неколку големи и актуелни историски вистини
Во изминативе две децении македонското општество е сведок на обидите за оживување на балистите преку релативизирање на нивната идеолошка матрица и нивно промовирање како албански национални херои. Последниот ваков пример беше свеченото преименување на една од скопските улици според Сул Хотла, односно Суљо Отља, воен командант на „Бали комбетар“ и борец против антифашистичкото движење. И покрај овие обиди, светската историска наука, вклучувајќи и голем број истакнати меѓународни истражувачи и експерти, јасно посочува дека „Бали комбетар“ била великоалбанска екстремна националистичка организација, која ѝ се придружила на нацистичката воспоставена албанска марионетска влада и се борела како сојузник против антифашистичкото движење во Албанија, Македонија, Косово и Грција. Како таква, „Бали комбетар“ извршила значителни акти на терор што кулминирале со злосторства врз цивилното население. Доколку се земе предвид дека суштината на современиот меѓународен поредок, вклучувајќи и на современата македонска држава, но и на Европската Унија, е поставена врз темелите на антифашистичката коалиција од Втората светска војна, загрижувачки се обидите за релативизирање и ревидирање на историјата. Повеќемина универзитетски професори и експерти посочуваат дека обидите за оживување на великоалбанизмот преку промовирање на „Бали комбетар“ и нејзини значајни водачи се во спротивност со вредностите на Македонија, но и на Европската Унија.
Идеолошка матрица
Еден подолг период повеќемина албански интелектуалци и историчари од Македонија, Косово и Албанија се обидуваат да ги релативизираат местото и улогата на „Бали комбетар“ во историјата, преку образложување дека во суштина станува збор за антикомунистичко движење. Меѓутоа повеќемина светски истражувачи и експерти, како што се Томек Јанковски, Ричард Рашке, Кристофер Симпсон и други, јасно посочуваат дека станува збор за екстремна албанска националистичка организација што се залагала за создавање голема Албанија и како таква соработувала со германските нацистички власти. За ова особено пишува Ричард Рашке во своето истражување „Корисни непријатели: Американската политика на отворени врати за нацистичките воени злосторници“, како и авторот Кристофер Симпсон во трудот „Повратен удар: Американското регрутирање нацисти и нејзиното деструктивно влијание врз нашата домашна и надворешна политика“, каде што ги образложуваат суштината на ова великоалбанско движење и поврзаноста со германските нацисти.
Балистичкото движење е истражувано и од страна на неколкумина македонски историчари. Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја вели дека идеолошката основа на „Бали комбетар“ била поставена врз база на идејата за голема Албанија.
– Иако во почетниот период настојувала да се прикаже како антиокупаторска организација, многу брзо ја покажала својата вистинска улога на поддржувач на политиката на италијанските и, подоцна, на германските окупатори. Нејзиното дејствување на теренот на Западна Македонија било изразито антимакедонско, нагласуваат неколку историчари – посочува Александар Литовски.
Стремежи за асимилација над Македонците
За цело време на окупацијата бил вршен интензивен процес на албанизација во сите сегменти на живеењето. Употребата на македонскиот јазик во службените односи била забранета, презимињата на целото население биле албанизирани, во училиштата се учело исклучиво на албански јазик. Дејствувањето на албанските вооружени банди на оваа територија станало редовна и вообичаена појава. Македонското население било изложено на особено силен притисок, поради кој било принудено да се иселува од своите вековни огништа.
Според проф. д-р Ѓорѓи Малковски од Институтот за национална историја во Скопје, кој го истражувал дејствувањето на балистичката организација во Македонија од 1941 до 1944 година, голем број топоними во западниот дел на Македонија добиле албанска форма како прв чекор од великоалбанската тенденција на квислиншките власти за тотална албанизација и создавање етнички чиста територија:
– На улица, дома и насекаде строго било наредувано да се зборува само на албански јазик, со цел населението постепено да се албанизира. За албанизација на возрасните се организирале курсеви за задолжително изучување на албанскиот јазик. На тој начин практично се спроведувал засилен и организиран процес за целосна албанизација на населението. Притоа со посебна наредба било побарано сите јавни натписи на установите, трговските и угостителските дуќани да се напишат на албански јазик. Називите на улиците биле обележани со албански имиња. Исто така, со посебна наредба, целокупната администрација на територијата под „албанска контрола“ морала да се води на албански јазик – пишува проф. Малковски во своето истражување на оваа тема.
Злосторствата врз македонското цивилно население
Kако команданти и водачи на балистичките вооружени формации во Гостивар и Гостиварско, се истакнале Џемо Хаса од Симница, Акиф Речани и Јусуф Абди од селото Речани, Мустафа од Трница, Феим Јонузи од Здуње, Исмаил Ваип од Требиште, Илијаз од Присојница, Осман од Ростуше, Зито Муарем од Горјане и други.
Балистичкиот терор врз македонското население го спроведувале банди што на почетокот имале по неколку терористи, а потоа биле организирани таканаречени бригади што слободно крстосувале низ Западна Македонија, спроведувајќи терор врз македонското население. Во архивските документи пишува дека во Западна Македонија имало од 12 до 15 илјади балисти што вршеле ужасен терор врз Македонците. Така, во периодот од 1943 до крајот на 1944 година, балистите ги запалиле селата Малкоец, Попоец, Лактиње, Црвена Вода, Мешеишта, каде што биле убиени многу селани, потоа Врбјани, Турје, Kленоец. Било запалено и селото Заграчани, а во Радолиште биле убиени стотина селани, меѓу нив и муслимани што застанале на страната на македонската војска.
Паралелно со етничкото чистење на теренот, балистите ги уништувале и црквите и манастирите. Притоа биле ограбени и разурнати манастирот над селото Сидница, црквата кај селото Седларце, црквата во Ростуше, ја кренале во воздух црквата во Горна Река, а посегнале и по манастирот „Св. Јован Бигорски“, од каде што биле ограбени стари црковни реликвии за кои и ден-денес не се знае каде се однесени.
Балистичките вооружени формации вршеле масовни убиства на Македонци, како што е злосторството што го извршиле бандитите на Мефаил во Kарбуница, кога целото население било ликвидирано бидејќи во Kарбуница и во Буковик се одвивале големи битки меѓу партизанските единици и балистите. Во гостиварскиот крај биле запалени селата Маврово, Леуново, Никифорово, Железна Река, Тумчевиште, а притоа биле ликвидирани речиси 500 Македонци. На 19 септември 1944 година балистите го запалиле селото Беличица, каде што биле убиени 36 лица.
Во теророт вршен врз Македонците во западниот дел од земјата учествувале стотици балисти, како Џемо Хаса, Акиф Речани, Мефаил Зајази, Елез Јусуфи со синовите Цене, Јусуф Садик, потоа Селим Лока, Џемаил Меди, Зендел Kапори, Мурат и Мифтар Kаљоши, синови на злогласните Лан и Асан Kаљоши, потоа Шемси Земури, Шериф од Желино, Џафер Менедит, Џемаил Мегдин, Али Малиќи од Дебар, Исмаил од Требеште, Илјази од Присојница, Џафер Лита, Ремзи Шакир-бег, Асип Алија, Јусуф Илјази, Алип Ајдар, Илмија од Трница, Мемет Алија од Гостивар, Алил Ќазими, Адем Алил, Гавид Биљали, Сами Kолоси, Ахмед Биљали, Гафо Османи, Миџамид Kамил Руш, Ремзија Шебир, сите од Чегране, Рушко Весел од Добри Дол, Али Мислодежда, Демир Делогожда, Усеин Велешта, Емин од Франгово, Етем Kалеши, Адил Решад, Зендел од Kичево, Абиб Kаљоши, Раим Алими и Нешат Џабир од Лаквица, Ќазим Љуши, водач на тетовските балисти, и многу други.
Етничко чистење на западниот дел од Македонија
Во 1942 година, по формирањето на Големоалбанскиот комитет во Дебар, на чело со Али Реџа и Риза Афус Мемет, почнал планот за брзо иселување на Македонците од градот и околните села. Притоа целата административна власт била вклучена во проектот за протерување на Македонците.
– Се разбира, истиот притисок се спроведувал и во другите градови и села во западниот дел на Македонија, кој бил под окупација на Италија, односно Албанија – пишува проф. Малковски.
По одржувањето на Втората призренска лига, во септември 1943 година, доаѓаат тешки денови за македонскиот народ под албанска власт. Во Призрен, по обемни дискусии, биле прифатени, а потоа дадени и насоки што се преточиле во директиви „за борба против христијаните што сакаат да организираат своја држава“, со инсистирање „христијанското население да се уништува и протерува, а неговата земја да ја земаат Албанци“.
Притоа, на Kонгресот, на кој учествувал и Селим Шаип од Тетово, заедно со Хусеин Дерала, Идриз Имери и Неџбедин Селими, биле донесени решенија за „целосно истребување на христијанското население во новоприклучените краишта од западна Македонија… и целосна албанизација на сите краишта на Македонија“. Во таа насока, со помош на фашистичката власт во западниот дел на Македонија, на „исчистениот“ простор од балистите масовно се доселувале семејства од Албанија и од Kосово, со цел Албанците да станат помногубројни од Македонците.
Соработка со германските нацистички власти
– По капитулацијата на Италија, значи по 8 септември 1943 година, балистите веднаш склучиле спогодба со германските нацистички власти, тврдејќи дека Албанија е обединета и независна, а со тоа Албанците мора да останат на териториите што ги контролираат -посочува проф. д-р Ѓорѓи Малковски.
Kако благодарност за дозволата да продолжат со своите активности во Западна Македонија, доставиле понуда да се борат заедно со Германците против антифашистичката коалиција. Подоцна, по капитулацијата на фашистичка Бугарија, во септември 1944 година, балистичката организација се проширила и во Куманово, овој пат, се разбира, со помош и поддршка од Германците. Притоа оружјето го добивале од оџите, кои на организациски план одиграле голема улога во стратегијата за етничко чистење на Македонците.
Штабот на балистите бил во Матејче, а водач бил Суљо од селото Отља. Покрај Суљо, во штабот биле и оџите Џафер Азизи и Иљас Kерими, како и Ферат Ибраими и Џемаил Џемаили од Никуштак. Мобилизацијата на албанското население се вршела на верска основа и под паролата за создавање голема Албанија, а на лицата што им се приклучувале на балистите им било дозволувано да пљачкаат и да вршат терор врз Македонците. Д.Ст.