Обработка и колоризација: Дејан Јовески

Осумдесет и една година од трагичната смрт на македонскиот великан Коста Солев Рацин

Кочо Солев Рацин во македонската национална меморија останува запаметен како еден од највеликите современи македонски поети, како еден од основоположниците на современата македонска книжевност, како човекот што ја создаде стихозбирка „Бели мугри“, едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Но Рацин е многу повеќе од поет! Во услови кога македонскиот народ немаше сопствена држава и кога македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., беа најгрубо омаловажувани и репресирани преку различни методи на асимилација, Рацин манифестираше кристално јасна македонска национална свет и преку своите дела ги заштитуваше и афирмираше македонските јазични, историски и културни особености. Во деновите кога Македонија, како нација и држава, се присеќава на неговата трагична смрт, нашиот весник „Нова Македонија“ одлучи интегрално да објави два негови текста во форма на колумна. На овој начин, нашите читатели најдиректно ќе се запознаат со македонските национални стремежи на еден од нашите најголеми поети.

Развитокот и значењето на една нова наша книжевност

Во долгиот, мачен процес на формирање на свеста на народот од Повардарјето, современата народна книжевност е значајна културна појава и културна придобивка. Пишувана на јазик на кој тој народ најинтимно си мисли, најдлабоко ги чувствува и изразува своите вековни патила и најблагородните човечки стремежи, тесно поврзана со народниот живот и со неговите прогресивни струи, таа книжевност и не можеше да биде друго освен верен и жив одраз на сите тие патила, страдања и идеали народни, срце и свест и високо кренато знаме народно. Самиот процес на настанувањето на оваа книжевност покажува најдобро дека почетокот бил плодоносен – кога таа била инспирирана од потребите народни, кога го олицетворувала вековниот идеал народен и дека бил наполно залуден кога таа ја губела врската со народот.
Најновите постигања на повардарската книжевност, дури и оние најнезначителните, укажуваат, сепак, на два важни факта: 1) на неминовноста на појавата и понатомошниот развиток на оваа наша книжевност и 2) на единствениот правилен пат по кој може таа понатаму да се развива. Поетските творби на В. Марковски (збирката „Луња“), на пишувачот на овие редови („Бели мугри“), драмските творби на А. Пановиќ („Печалбари“), на Р. Крлевиќ („Парите се утепвачка“), потоа некои прозни и лирски обиди во списанието „Луч“ (и покрај ненародната линија на тоа списание), а особено обидите на младинците околу скопскиот весник „Наша реч“ предизвикаа жив интерес кај народот, којшто во нив го виде раѓањето на својата народна книжевност, а кај цел ред младинци се создаде жив интерес за нови обиди од таков вид. Тодор Павлов, еден од најдобрите напредни писатели – критичари на Балканот, во посебна студија за В. Марковски, не само што со воодушевеност ја поздрави појавата на оваа нова книжевност, туку се изрази и многу ласкаво за нејзините квалитети, посебно подвлекувајќи го нејзиното големо значење за формирањето на напредна народна свест. Следејќи го Горки, Павлов укажа тука на огромната улога на фолклорното книжевно наследство во развитокот на современиот, од повисок тип книжевен реализам, па и во творбите на В. Марковски виде една од залогите дека и новата книжевност на Повардарјето ќе биде реалистичка.
Од сето ова се гледа јасно дека најправилниот и единствено можен пат кон подем во развитокот на современата книжевност на Повардарјето е во цврстиот потпир врз неисцрпното јазично и изразно богатство на македонскиот фолклор и врз општествените погледи на напредниот општествен елемент. – Ова треба добро да се запамети, зашто тој пат претставува внатрешен закон на развитокот на оваа нова книжевност, и зашто одејќи само по тој пат, таа книжевност може да биде вистински народна.

Туку, природно, тоа не значи дека развитокот на современата книжевност на Повардарјето станува по ова отворен и сосем рамен. Напротив, токму на ваквото правилно поставување на работите му се противставуваат, логично, огромни и несовладливи пречки. Се разбира, тие пречки мораат да бидат надвиени, но мораат исто така да бидат и сериозно сфатени. Зашто и од тоа многу зависи дали оваа наша нова книжевност ќе тргне по навистина прав пат.
Објективните услови во кои денеска мора да работи и да живее современиот писател на Повардарјето особено се тешки, многу комплицирани и мачно совладливи. Тој мора да го издржи не само стократно тешкиот напор при изградувањето на една нова и напредна книжевност во околностите на една многу стеснета културна средина, на многу сиромашно или скоро никакво пишано книжевно наследство, опрен единствено врв својата фанатична волја и добронамерната помош од луѓето со напредни сфаќања, – туку мора да ја издржи и комбинираната навала од противникот, што си го присвојува правото на историска тапија врз срцето и свеста на народот од Повардарјето. Ќе се земе ли при ова предвид до која степен во таа навала се употребуваат, без какви и да се скрупули, сите можни средства, ќе стане јасно на колкави тешкотии и на какви искушенија е изложен еден македонски писател, којшто често живее во некаква зафрлена паланка, осамен, далеку од неопходната книжевна средина и нужните помагала при книжевната работа, и во колкава опасност е неговиот бескомпромисен став, без кој, се разбира, нема вистинска и народна книжевност. Бессилен да го запре неминовниот процес во развитокот на оваа нова книжевност (да се сетиме само за старската зла волја на еден Н. Byлиќ и дивниот му собрат Ј. Бадев), противникот демне секоја лична тешкотија, секоја слабост и пукнатина во личноста на еден писател и тогаш со сите сили настојува да го вовлече во своите мрежи, настојувајќи преку нето или да го попречи или пак да го сврти во своја полза формирањето на оваа нова книжевност.
Колку имаше вистински книжевни таленти што бедно свршија во тие стапици! Драстичниот пример на еден Цеко Стефановиќ, како и примерите на некои нему слични, коишто, поради своите слабости и условите, не можеа навреме да се противстават на таквите искушенија – најдобро покажува каде сè може да стигне писателот, кога ќе почне да соработува со „покровителите“. Овој пример треба и за во иднина да им послужи како будна опомена на сите тамошни помлади писатели – на опасноста што ги заплашува оттаму, како и на оние што сакаат искрено да не појде по крив пат развитокот на оваа наша нова книжевност. (Во мрежата на едно вакво искушение западна неодамна и писателот на овие редови, и, иако несвесно, го доведе во прашање позивот на напреден народен писател. Но, за среќа, таквата негова постапка навреме беше забележана од побудните пријатели и осудена е како недостојна за еден напреден писател. Признавајќи ја јавно таа своја грешка, во која западна поради недоволна будност и недоволно чувство на одговорност на напреден писател, писателот смета за своја должност јавно да ја осуди својата постапка, истакнувајќи ја како пример и предупредување за другите.)

Но иако тешкотиите на патот на развитокот на современата книжевност на Повардарјето се многустрани и огромни, вистинските и доследни писатели народни мораат да ги надвијат, мораат достојно да го носат својот позив. Длабоко предани на народните идеали цврсто опрени врз своите вистински будни и единствени пријатели од најнапредниот дел на својот народ, со успех ќе можат да одговорат на својата задача. – Пред нив лежи огромна и светла перспектива и навистина честит и возвишен позив. Огромното и неисцрпно поетско богатство на Повардарјето – идејниот резултат од вековните патила, борби и идеали народни, ќе се намери, порано или подоцна, на своите вистински трудбеници, што ќе го подигнат на степен на модерна народна книжевност. Врз самопожртвуваните одделни луѓе паѓа голема историска чест, но и голема општествена одговорност, да го извршат чесно својот позив. Тие мораат безобѕирно да ги надвијат сите лични и други тешкотии, сите искушенија и сите лични кризи, за да го заслужат достојно вистинското име – народен писател на овој храбар и напатен народ. Делото што го започнаа Пејчиновиќ, Миладиновци и Жинзифов, скршнато еднаш од историските неминовности по друг пат, ќе ѝ се врати сега на својата матица и ќе најде свои достојни следбеници.


Aвтор:Кочо Солев Рацин

До целиот македонски народ!

Братја, живееме во едно најсудбоносно време. Ретко кога во нашата и европејската историја стануеле оваквиа промени, кои можат да се упоредат само со продируењето на германските варвари у некогашната Римска империја и со продируењето на Турците на Балканот, пред петстотини години. Ние гледаме како потомците на некогашните варвари денеска ги куткајат цел ред стари културни европејски држави. Ние гледаме, исто така, што оставаат тиа варвари по себе, и во какво положение се народите, под нимната крвава чизма. Ние и самите видофме, со свои очи, како тиа варвари дојдова и овде, на Балканот, и на своја кожа осетифме, што добро ни носат. Ние видофме насекаде како таја нова варварска далга мина како веда, и државите на стари културни народи, изградуени со десетилетиа и векови ги смете како слама. И еве најпосле, пак со свои очи гледаме, како таја варварска далга се управи спроти најголемата и најкултурната славјанска држава, Сојузот на Совјетските Социалистички Републики, и како таму води, поеке от три месеца, најсудбоносната за светов војна. И јасно требе да ни биде како ден: Новите германски варвари наумиле да го пофторат походот на своите некогашни стари, да ги урнат сите европејски држави, да ги поробат за векови и векови сите културни европејски народи, да им ја земат слободата, да им ја згазат културата, да ги направат бесправни робови, и да владејат над ним!
Разбира се, секој честит човек, што мисли за своиот народ и за сопствениот живот, ке се праша за причината на това што стануе. Секој сака да си објасни, зошто толку држави и толку културни народи паднаја под крвавата чизма на бесните германски кучиња. И ако по рано издадените, измамени и продадени од своите капитулантски и петоколонашки управлениа, не дојдова до објаснуење на таја причина, денеска сите тија народи знајат, дека причината за нимното поробуење не е у Хитлеровата сила, ами у предателството на нимните управленија. Така стана и кај нас на Балканот!
Српската, хрватската и болгарската буржоазија, српскиот и болгарскиот двор и дворските камарили, нифните капитулантски генералштабови и петоколонашки управленија – ги отворија границите на своите држави и ги пуштија против своите народи бесните кучиња на Хитлера! Од Черномел и Косово поле, па до нашиве денови, не се памти такво народно издајство. И зошто стана сичко това? Затова оти, не бидујки никојпат народни, водејки постојано противнародна политика, скусујки ги крваво спечалените народни слободи, и вечно омразени од народот – кога пукна европејската војна и бесните кучиња на Хитлера им почукаја на врата, тија дворови и правителства, за да се спасат од народот, го повикаја на помоќ Хитлера и капитулираја пред него! Само така кучето Хитлер можеше да ги прегази толку држави, за да го исполни својот лудешки план – да го завлада целиот свет! Најстрашното Хитлерово оружие не се неговите тенкови и аероплани, ами лагата, измамата и издајството на неговите вазали спрема народот. Това требе да се запамти убаво, за еден ден кога ке се суди!
Братја Македонци! У какво положение сме ние?
Ние немафме самостојателна држава. Ние не можефме со оружие во рака да се бориме против Хитлера. Ние ецкафме под кундакот на српскиот војнофашизам, и кога тој капитулира, смачкан од кучето Хитлер, ние дојдофме у искушение да станеме жртва на една најгнасна измама и лага: да мислиме дека баш многонародниот поробител, кучето Хитлер, е наш ослободител! У толку повеке што таја измама и лага стана страшно оружие во раците на Хитлеровиот вазал од Болгарија, цар Борис Трети и Последни и неговото народоиздајничко правителство, кои почнава да го обезоружувајат народот со својата архилага: како баш нимната политика довела да се „ослободи“ Македонија и „обедини“ Болгарија…
Македонци! Таја архи-лага је отров над отровите, и вие не требе да и дадете место во вашата душа! Никога, ни кучето Хитлер, ни неговиот вазал Борис Последни, не можеле, не мислат, нити се пак достојни да мислат са слободата на Македонија! Подлеци по душа, крвопијци по занаат, најголеми непријатели на народните слободи – заре кучето Хитлер и вазалот му Борис да мислат за Македонија? Лага, и архи лага! Вистина е пак дека Борис Последни одамна се бореше против македонците во Болгарија, ги осудуеше на смрт и ги стрелаше по софијските улици како кучиња, и уште тогај за вечни времиња ја предаде Македонија на милост на великосрпските убијци. А подлецот Хитлер у свое време направи капитулантско споразумение со српскиот капитулантски двор и неговото петоколонашко управление, според кое и српска и грчка Македонија имаја да останат за веки веков под српска чизма. Што имајат они да зборујат за Македонија и што има да чека од ним македонскиот народ? Ништо повеке од ново и поцрно робство. Како што пред идењето на Турците, болгарскиот цар Шишман капитулира пред ним и ги пушти за да „поминат“ низ Болгарија, за да се бијат со Србите на Косово, така и сега направи со германските кучиња Борис Последни. И што стана тогај со Шишман? Тој стана турски вазал, додека Турците не го покорија целиот Балкан. После това и Болгарија изгуби секоја самостојителност, и благодарение на таква „политика“ Турците не владееа цели петстотини години. Не ли сега се пофторуе истата историја и со Бориса Последни?
Братја Македонци! Ете ја истината! Ние не требе и не смееме на никого од нас да дозволиме да стане жертва на лагата на „ослободена“ Македонија! Напротив, требе сериозно да се помислиме над това што ни мислат подлецот Хитлер и неговот гнасно орудие – Борис и неговото правителство! Нашето место не е на нимната страна, нашето место е кај онија народи што се борат против кучето Хитлер и неговите бесни орди!
Да погледаме околу нас!


СИТЕ НАРОДИ СТАНАЛЕ НА БОРБА ПРОТИВ ХИТЛЕРОВИТЕ ВАРВАРИ!

Насекаде кај што згазила крвавата германска чизма се пуши пепел и прав и никаде нема мир. По цела Европа трескајат пушки, бомби, адски машини и стануат невидени до сега саботажи – НИ ЕДЕН НАРОД ПОД КУЧЕТО ХИТЛЕР НЕМА ДА БИДЕ РОБ И СЕ БОРИ! Ако неговите подли варвари ја скршиле војната си[ла] на нивната држава – народите се борат и не мислат да бидат робови. И подлецот Хитлер никога нема да ја постигне својата огромна империја: зад неја е Америка, светски арсенал на сите што се борат против Хитлера. А на исток – најхрабриот народ на целит свет, народот на Совјетските републики, за секоа педа земја десет пати повеке зима диво варварско месо и нема да му позволи на кучето Хитлер да победи! И ако над Германија денеска влада еден улав човек, кој си вообразил да го покори целиот свет, а целиот германски народ да го направи вооружен џандар – народите нема да позволат да бидат робови. СИТЕ СЕ ДИГАЈАТ НА БОРБА!
И МАКЕДОНИЈА НЕМА ДРУГО МЕСТО!
Хитлеровиот вазал, Борис Последни, си ја поврзале својата судбина со Хитлера. Нимната штампа, нимното радио, нимните продадени човеци – сите сега у еден глас викајат: спасението на Болгарија и Македонија е у победата на Хитлера. Ако не поведи Хитлер, Англија ке не уништожи, а вас македонците србите ке ве исколат. НО СИЧКО ТОВА НЕ Е ВЕРНО а стара маска на подлец и униец! Тешко и горко за ним – они нема што да берат гајле за судбината на нашиот народ, они – што ни мислат ново пеивековно робство под крвавата хитлерова чизма. Македонскиот народ НЕМА ШТО ДА СЕ ПЛАШИ ОД СРБИТЕ: храбрите српски синови, кои денеска се борат по легендардните шумадијски шуми и планини, против бандите на кучето Хитлер и неговото вазално великосрпско правителство – најздрава се гарантија оти нема да се врати старата српска чизма. Со српските шовинисти, со болгарските шовинисти, со нифната политика на поделба на Македонија – се свршуе веке! Смртта на нифниот господар, подлецот Хитлер, е и нифна смрт! Над целиот тој џган и пепел и гар, над гробот на сите балкански кавги ке воскресне УНИЈАТА НА СЛОБОДНИТЕ БАЛКАНСКИ НАРОДИ, и
СЛОБОДНА, НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА!
Македонци!
НАЈГОЛЕМИОТ НЕПРИЈАТЕЛ НА НАШАТА СЛОБОДА е непријателот и поробителот на сите европејски народи – КУЧЕТО ХИТЛЕР!
НАШЕТО МЕСТО Е ДЕНЕСКА НА СТРАНАТА НА ТИЈА НАРОДИ, против Хитлера и неговите болгарски вазали!
ДА ЖИВЕЕ СВЕТСКАТА БОРБА ПРОТИВ КУЧЕТО ХИТЛЕР!
СЛАВА НА ЦРВЕНАТА АРМИЈА И ПАДНАЛИТЕ СОВЈЕТСКИ БОРЦИ!
ДОЛЕ БОЛГАРСКИТЕ ВАЗАЛИ НА ХИТЛЕР!
ЗА СЛОБОДА, ЗА НАРОДНИ ПРАВА, ЗА ПОАРЕН И ПО СЛОБОДЕН ЖИВОТ!
ЗА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА, ЗА УНИЈА НА СИТЕ БАЛКАНСКИ НАРОДИ!

Автор: Кочо Солев Рацин