Арбен Таравари / Фото: МИА

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, пред средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, изјави дека денеска за првпат ќе зборуваат за преговори со мнозинството во Владата.

– Ќе разговараме за синхронизација на нашата програма со нивната. Ако можеме ова да го синхронизираме ќе продолжиме во следна фаза на преговори, евентуално можеби и кадровски – изјави Таравари пред средбата со Ковачевски.

Според него, првата и најбитна точка е пакетот на Алијанса за борба против корупција и криминал и функционирањето на државата.

-За другите точки мислам дека е некоректно сега да зборувам пред да ги презентираме пред партиите од Владата, рече Таравари.

Претходно денеска, премиерот Димитар Ковачевски, по конференцијата „Година на нови можности“ информира дека ќе разговараат по однос на политичките и програмските определби за идна можна соработка.

На средбата со Таравари, како што посочи, ќе се разговара за евроинтеграциите, за носење одлуки кои значат побрзо и поефикасно справување со енергетската криза, како и носење реформски закони.

Можното проширување на владината коалиција ќе биде една од темите на вечерашната седница на Извршниот одбор на СДСМ, информираат за МИА извори од владејачката партија.

Седницата на Извршниот одбор ќе започне во 19 часот и на неа, како што посочуваат истите извори, ќе стане збор за актуелни состојби и мерки, како и за можно проширување на владината коалиција.