Го слушам Мицкоски како вели „бугарски диктат“, каков бугарски диктат кога предлогот е француско-германски. Тука автоматски македонската нација добива меѓународен легитимитет, Бундестагот гласаше за признавање на јазикот, културата, македонската нација, има иницијатива во американскиот Конгрес, американскиот Сенат за чествување на културата, јазикот, историјата на Македонија, да не ја пропуштиме шансата бидејќи историски нациите и државите биле изградени со сојузништво, пријателство, ќе останеме сами, изолирани, губиме шанса за членство во ЕУ и потоа ќе се караме меѓу себе кој е предавникот, да ги бараме предавниците, истакна претседателот на ДУИ, Али Ахмети коментирајќи ги изјавите на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Ахмети вчера во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека кога ги внесуваш Бугарите како уставна категорија, автоматски „правиш поделба, Македонци и бугарското малцинство“. Вашингтон, Брисел и НАТО, според лидерот на ДУИ, четири години интензивно работеле за да направиме промена на Уставот и бугарското малцинство да стане уставна категорија.
-Добиваш меѓународен легитимитет, јазикот, традицијата, културата – и ова е историски момент, сите сме заедно за ова решение и да не бев убеден, воопшто не би апелирал до вас, до целата опозиција, соодветниот, клучниот момент е денес, утре ќе биде доцна и утре ќе влеземе во конфликт за тоа кој беше предавникот, дали беше Мицкоски, Зоран Заев или Ковачевски. Овој судир ќе се случи утре, бидејќи шансите доаѓаат еднаш и ова е соодветниот момент, меѓународен легитимитет на македонската нација, македонскиот јазик, македонската историја. Што добивме од грчката страна што не го решивме проблемот во дадениот момент? Деградиравме, бидејќи понудата најпрвин беше понапредна од решението што го направивме. Промена на името само за надворешна, но не и за внатрешна употреба, порача лидерот на ДУИ.
На новинарска забелешка дека Македонците може да речат оти на Ахмети му е лесно да зборува на тема уставни измени и односи со Бугарија зашто не е засегнат идентитетот на Албанците, тој потенцира сограѓаните Македонци да не мислат дека „ние ви работиме зад грб затоа што оваа држава е и наша, иднината сакаме да ја изградиме овде зашто тука сме родени“.
-Во оваа ситуација, јас како претставник на Албанците, зборувам затоа што знам како мислат Албанците и ги имате покрај вас за да се реши конечно прашањето и на идентитетот оспорен од еден сосед. Не е лесно да се оспори и да ти создаде проблем соседот затоа што злото секогаш доаѓа од соседот, а не од далеку. Ние сме се ангажирале без врева, без да бидеме бучни, туку секогаш со директен ангажман како да стигнеме до праведно решение, но без да се загрози и да се ризикува идентитетот на нашите сограѓани Македонци, вели лидерот на ДУИ.
Историски, како што рече Ахмети, двата народа имале многу работи кои ги поврзувале, но и работи кои ги разликувале, а кои најчесто биле резултат на политички грешки, а не на грешки на албанскиот и македонскиот народ.