Фото: Игор Бансколиев

Досега, во меѓународната политика, Бугарија по сите линии имаше поддршка од Европската Унија, но тоа не беше случај и со САД, кои многу пообјективно гледаа на низа прашања од меѓународен карактер, вклучувајќи го и тоа за Македонија. Сега Бугарија со набавката на американски авиони на некој начин направи политички исчекор за да ја придобие наклонетоста на официјален Вашингтон. Таа наклонетост Софија ќе ја плати речиси две милијарди долари, колку што чинат авионите „Ф-16“ заедно со муницијата. Во време на светска криза се наметнува дилемата дали Бугарија итро ја купува поддршката од најголемата светска сила за да затвори некои регионални прашања

По најавите на Бугарија дека ќе набави осум авиони „Ф-16“ од САД

Бугарија е решена да го затвори македонското прашање единствено на начин како што неа ѝ одговара, па затоа повеќе не избира какви средства ќе употреби за да ја оствари својата крајна цел, бришење на македонскиот идентитет, јазик и историја.
Ако досега поддршката за оваа своја намера Бугарија несебично ја добиваше и ја добива од Европската Унија, истовремено наиде на сериозно спротивставување од страна на официјален Вашингтон, кој во повеќе наврати имаше сериозни забелешки за однесувањето на Софија кон Скопје, повикувајќи ги бугарските власти да престанат да ја блокираат земјава на нејзиниот евроинтегративен пат.  Очигледно бугарската страна увиде дека без да ги имаат САД на своја страна тешко ќе ги остварат своите планови за Македонија, па затоа целосно ја промени стратегијата и почна да игра на картата на купување влијание и наклонетост кај најголемата светска сила преку набавка на американско оружје.
Имено, американскиот Стејт департмент деновиве го известил Конгресот за својата намера на Бугарија да ѝ продаде осум авиони „Ф-16“ и муниција, по нејзино барање доставено уште пред две години, време што случајно или не коинцидира со почетокот на бугарската блокада на Македонија.
Повеќе од извесно е дека Бугарија со набавката на американски авиони на некој начин направи политички исчекор за да ја придобие наклонетоста на официјален Вашингтон, наклонетост што Софија ќе ја плати 1,673 милијарда долари колку што чинат авионите. Несомнено, Бугарија смислено ја купува поддршката од најголемата светска сила за да затвори некои регионални прашања и да ја заокружи својата хегемонистичка политика во овој дел на Балканот.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски е категоричен дека во политиката нема симпатии, туку само интереси.

– Оваа зделка со авионите е дел од политиката за купување влијанија. Треба да сфатиме дека сè е бизнис и дека никогаш никој од силните држави нема да застане зад нас бидејќи нема реално никаков интерес од Македонија, мала земја, корумпирана, едноставно нема што да ни продадат. Во светот интересот ја креира политиката – вели Пекевски.
Според него, кај нас само се создава погрешна перцепција дека земјава ужива некаква симпатија кај другите земји и дека утре тие ќе застанат и ќе ги бранат македонските интереси без да имаат некаква бенефиција од тоа.
– Бугарија отсекогаш ја имала симпатијата на ЕУ и на САД и не гледам зошто ние се лажеме дека можеби постои некаква симпатија кон нас. Ние никако не сме им во фокусот. Купувањето на американските авиони е дел од политиката на креирање суперодноси меѓу Софија и Вашингтон. Затоа на сите треба да ни биде јасно дека проблемот со Бугарија никогаш нема да се реши во наша полза, а претпоставувам дека многу брзо ќе се реши, за жал, на огромна наша штета – заклучува Пекевски.
Дипломатот Драган Јањатов се согласува дека со ваквите зделки Бугарија сака да стекне некаква симпатија кај Американците.

– Ова се бизниси преку кои се стекнува некаква симпатија и несомнено Софија сака да го постигне тоа со САД. Веројатно со оваа зделка со авионите, логично е да се помисли дека Бугарија сака да го намали на некој начин притисокот што врз нив го вршеа Американците, а кој беше поради Македонија. Факт е дека САД како повеќе да се заинтересирани Македонија да влезе во ЕУ отколку самата Унија, така што ништо не е чудно Бугарија да сака на овој начин да ги придобие САД на своја страна, да го намали притисокот, да ги намали тензиите врз себе, за да може полесно да преговара и да дојде до она што е во нивен интерес – вели Јањатов.
Негов впечаток е дека тој притисок врз Бугарија, особено откако се случи војната во Украина, како да ослабна.
– Овој момент Бугарија, најверојатно, ќе сака да го искористи. Таа си работи многу посериозно и многу поорганизирано да извлече максимум од целава ситуација и логично сака тој притисок врз неа малку да го ублажи, па и тука може да лежи една од причините за набавката на американските авиони – констатира Јањатов.


Тргувањето со интереси и влијанија како начин на функционирање

Тргувањето со влијанија е стара практика што ја користат земјите кога сакаат да добијат нечија наклонетост така што нешто ќе купат од нив, а потоа нивното влијание во врска со одредени прашања да го искористат во своја полза.
Грција потпиша договор за купување три поморски фрегати „белхара“ и шест дополнителни борбени авиони „рафал“ од Франција, со цел да ги зајакне своите вооружени сили во контекст на актуелните тензии со Турција, но зад сето тоа се препознава купување на француската наклонетост околу постојаните недоразбирања меѓу двете земји.
Турција, пак, за да ги оствари сопствените интереси, ги пушташе мигрантските бранови кон Европа за да издејствува финансиска помош од ЕУ, истовремено кокетирајќи и со Москва и набавувајќи руско оружје, иако е членка на НАТО.
Повеќе од јасно е дека во меѓународните односи нема сентименталности, туку само интереси и тргување со тие интереси, кои чинат многу пари.
Македонија е мала и сиромашна земја, која наклонетоста од други земји не може да ја плаќа со милијарди долари и евра, така што нема големи шанси да се справи со притисоците што ѝ се наметнуваат однадвор. Единствено оружје што го има е да се држи до стратегиските партнерства и да се обиде преку нив да ги брани своите позиции, колку што може.