Јавноста бара одговор зошто во новата програма по предметот Македонски јазик за шесто одделение е изоставен делот за историјата на македонскиот јазик- Фото: Маја Јаневска-Илиева

Обуката за новата програма во наставата по предметот Македонски јазик за шесто одделение предизвика изненадување и збунетост кај наставниците, кои забележале дека во неа е изоставен делот односно подрачјето за историјата на македонскиот јазик. Според досегашната наставна програма, основните сознанија за историскиот развој на македонскиот јазик, како создавањето на азбуките (глаголица и кирилица) и улогата на Кирил и Методиј, наедно и значењето на македонскиот јазик за основите на словенската писменост, биле застапени токму во шесто одделение. Зошто сега тоа не е така?

Во новата програма за наставата по предметот Македонски јазик за шесто одделение изоставен делот за историјата на македонскиот јазик

Бирото за развој на образованието неодамна на својот официјален веб-сајт ги објави наставните програми за шесто одделение што треба да почнат да се применуваат во претстојната учебна година 2023/2024. Новата наставна програма за шесто одделение е всушност спроведување на Концепцијата за основно образование, поставена за време на мандатот на министерката Мила Царовска во Министерството за образование, како дел од планот за реформа на националниот образовен систем. Во изминатите учебни години беа воведни новите наставни програми во одделенската настава до петто одделение, а од наредната учебна година, од есен, според реформираната програма, ќе треба да се учи и предметната настава од шесто одделение. За одредени предмети веќе и се спроведуваат обуки на наставниците што треба да ја применат новата програма од страна на Бирото за развој на образованието.

Зошто е изоставено подрачјето за историскиот развој на македонскиот јазик, почетоците на писменоста и улогата на Кирил и Методиј?

Обуката за новата програма во наставата по предметот Македонски јазик за шесто одделение предизвика изненадување и збунетост кај наставниците, кои забележале дека во неа е изоставен делот односно подрачјето за историјата на македонскиот јазик. Според досегашната наставна програма, основните сознанија за историскиот развој на македонскиот јазик, како создавањето на азбуките (глаголица и кирилица) и улогата на Кирил и Методиј, наедно и значењето на македонскиот јазик за основите на словенската писменост, биле застапени токму во шесто одделение.
– Од наредната учебна година за првпат во предметната настава ќе биде применета новата реформирана програма, а од презентацијата, односно од онлајн обуката на Бирото за развој на образованието увидовме дека досегашните пет образовни подрачја за наставата по Македонски јазик за шесто одделение се фузирани во три подрачја, но и дека е изоставено подрачјето за историскиот развој на македонскиот јазик, односно почетоците на писменоста и улогата на Кирил и Методиј. Тие содржини досега на учениците им ги предававме во шесто одделение. На прашање од наставниците зошто е изоставено ова подрачје, ни беше кажано од претставниците на Бирото за развој на образованието дека тој дел ќе биде преместен во програмата за седмо одделение, наводно поради возраста на учениците, за кои е проценето дека во шесто одделение се уште млади за усвојување такви содржини, но и за усогласување со програмата за предметот Историја и општество, каде што овој историски период од средниот век и дејноста на Кирил и Методиј ќе се изучува во седмо одделение. Но сепак останаа многу непознати од ваквата промена, бидејќи не знаеме што се планира, кои содржини ќе бидат внесени во програмите до деветто одделение. Освен тоа, сѐ уште нема ни учебник по Македонски јазик за шесто одделение, а според новата програма треба да подготвуваме дневни планови за настава – вели наставничка по македонски јазик за дилемите со кои се соочуваат во ситуација кога мора да ја применат во практика новата наставна програма.
Во новата наставна програма по предметот Македонски јазик за шесто одделение се предвидени три подрачја: Јазик и комуникација, Литература и изразување и творење, како и Медиумска писменост. Нов момент во наставата по Македонски јазик, според оваа програма, е тоа што во предавањето на содржините се остава простор за креативност на наставниците, односно планирање на активностите преку своевидни сценарија на интерактивност со учениците. Но во наставната програма се наведени и голем број примери за организирање на таквите активности со учениците. Сепак, најголемите реакции кај наставниците од новата програма се за отстранувањето на наставното подрачје за историскиот развој на македонскиот јазик.

Професорка Алексова: Бевме едногласни во замислата дека учениците од шесто одделение треба да стекнат основни сознанија за дејноста на браќата сесловенски просветители

Универзитетската професорка по Методика на наставата по македонски јазик, Гордана Алексова, која била дел од стручната работна група на Бирото за развој на образованието, за наставните програми по македонски јазик и за одделенска настава во основното образование, како и за односната програма за шесто одделение, вели дека и таа е изненадена од изоставувањето на историското подрачје и делот со Кирил и Методиј.
– Учествував во изработувањето на сите наставни програми по предметот Македонски јазик од I до VI одделение, во надлежност на Бирото за развој на образованието, а во рамките на последната реформа на основното образование. Како универзитетски професор по предметот Методика на наставата по македонски јазик, ангажирана сум во работната група за односниот наставен предмет и мојата одговорност е во доменот на методичката оправданост и доследност на програмите. Својот стручен потенцијал треба да го насочам кон јазичната, лингвистичката и дидактичката правилност на наставните содржини, кон логичноста и системноста, како и кон екстензивноста на нивната застапеност. Оттука, за наставните содржини за историјата на словенската писменост, за македонската азбука и за делото на просветителите, браќата Кирил и Методиј, во согласност со неколкудецениската наставна традиција за започнување на предметната настава, токму, со овој тематски блок, работната група имаше изработено солиден сообразен материјал. Дилемите, помалку или повеќе, се јавуваа околу тоа дали да бидат или да не бидат застапени, како и во колкав обем да бидат застапени некои наслови или поднаслови, но безрезервно бевме едногласни во замислата дека учениците од шесто одделение треба да стекнат основни сознанија за дејноста на браќата сесловенски просветители. И јас бев изненадена од идејата да се поместат овие наставни содржини во следното, седмо, одделение, од едноставна причина што нивната трансверзалност со содржини од наставниот предмет Историја не може да биде нарушена ако со нив се започне во шесто одделение, едноставно, зашто тематскиот блок за историјата на словенската писменоста има доволно материјал што би се внесувал постапно од шестото одделение, па сѐ до матурата. Се разбира, во својата архива ги чувам сите работни документи од работната група, врз основа на кои одговорно тврдам дека во нив се содржани насловите и наставните единици што ги нема во одобрената наставна програма за VI одделение. Не сум повикана да ги коментирам мотивите поради кои наставните содржини од овој дел на историјата на македонскиот јазик не се застапени во овој документ и упатувам одговорот да се побара во надлежните институции. Сѐ уште се надевам дека сите тие ќе најдат начин да се надмине оваа ситуација и наставната програма по македонски јазик за VI одделение целосна да биде објавена на веб-страницата на Бирото за развој на образованието – вели професорката Гордана Алексова од Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ во Скопје.
Во јавноста и меѓу наставниците по македонски јазик постојат сомнежи дека отстранувањето на историскиот дел од наставната програма по предметот Македонски јазик за шесто одделение е под влијание на работата на заедничката историската комисија меѓу Македонија и Бугарија, која е своевиден анекс-услов во нашата преговарачка рамка со ЕУ. Работата на историската комисија е влезена во протоколот од втората седница меѓу Владите на Македонија и Бугарија (кој е поврзан со преговарачката рамка), во кој се предвидува и ревизија на македонските учебници во делот на историјата.