Фото Маја Јаневска Илиева

Министерот за надворешни работи несомнено ја злоупотребува својата функција така што ги користи дипломатските протоколи да ги покани амбасадорите во МНР и наместо да ги информира за одредена позиција на земјава во однос на меѓународната политика, да каже некои наши позиции, тој им зборува за проблемите на неговата партија на изборите

Со повикувањето на амбасадорите на брифинг во врска со проблемите на ДУИ е прекршен дипломатскиот комуникациски протокол

Министерот за надворешни работи во техничката влада Бујар Османи тврди дека неговата комуникација со странските амбасадори во врска со поплаките што ги упатил до нив околу изборните нерегуларности на штета на ДУИ не е никаква злоупотреба на функцијата.
Имено, според Османи, тој се пожалил кај амбасадорите во својство на министер на техничка влада задолжена да создаде амбиент за фер и демократски избори.
– Оваа влада е влада пред сѐ за организирање избори и надлежноста на оваа влада е да гарантира фер и демократски избори. Ако има поголемо нешто да се краде изборната волја, нема, но јас како министер во влада што е надлежна за спроведување на изборите морам да ги обзнанам овие работи – вели Османи.
Тој, во гостувањето во емисијата „Само интервју“, уште потсети дека слични прес-конференции држел и премиерот бидејќи задача на оваа влада е креирање амбиент за фер и демократски избори.

Во консултации со голем број експерти во оваа област, тие сметаат дека министерот за надворешни работи сепак излегол надвор од неговите ингеренции.
– Прво, министерот за надворешни работи несомнено ја злоупотребува својата функција така што ги користи дипломатските протоколи да ги покани амбасадорите и наместо да ги информира за одредена позиција на земјава во однос на меѓународната политика, да каже некои наши позиции, тој им зборува за проблемите на неговата партија на изборите. Што ги интересира американската амбасадорка или холандскиот амбасадор зошто не работеле пет уреди за отпечатоци од прсти во изборно место во Желино, Слупчане или слично. Имаше мисии на ОБСЕ\ОДИХР, тие ќе си реагираат за такви работи. На крајот од краиштата, ако имал забелешки, министерот можел да ги изнесе на прес-конференција. Вака, неговиот настап е мешање во работата на другите институции, во другите облици на власт, и е надвор од ингеренциите на актуелната техничка влада. Од друга страна, ако нема конфликт на интереси, како што вели министерот и дека единствена задача на техничката влада е да организира фер и демократски избори, зошто истиот тој министер се јавува како коспонзор на резолуцијата за Сребреница или во кое својство ја опоменува македонската претседателка да се држела до Преспанската спогодба? Значи, кога му одговара е министер за надворешни работи, а кога не, тогаш е технички министер за организирање избори. Не може така, дополнително се урива кредибилитетот на македонската дипломатија, бидејќи утре амбасадорите нема да знаат дали ги канат во МНР за споделување надворешнополитички ставови, или за нечии партиски проблеми – велат соговорниците.

Според нив, изјавата на министерот Османи дека тој пред амбасадорите настапил како технички министер во влада за организирање избори има и друга тежина.
– Ако министерот Османи се жали на изборни нерегуларности, тоа е потврда дека техничката влада, од која и тој е дел, всушност не си ја завршила својата работа, односно лошо ги организирала изборите. И тој како дел од таа влада носи дел од одговорноста. Ова е само уште дополнителна потврда дека на Македонија повеќе не ѝ е потребна техничка влада и дека таа треба што поскоро да заврши во историјата бидејќи генерира само проблеми и злоупотреби – истакнуваат соговорниците.
Министерот за надворешни работи во заминување Бујар Османи во еден од своите последни настапи, овој пат пред Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур, дел од говорот посвети за да лобира околу приемот на Косово во оваа организација. Османи рече дека косовските граѓани го заслужуваат тоа, додавајќи дека истовремено на тој начин ќе се поттикнат реформите во оваа земја и ќе се придонесе за регионалната стабилност.

С.Т.