Фото: Маја Јаневска-Илиева

Седорф е единствениот фудбалер со освоени европски титули со три клуба (славеше со Ајакс, Реал М. и со Милан). Со титулите со два клуба, Ковачиќ (Реал М. и Челси), новиот плејмејкер на Манчестер сити, сега е член на еден многуброен клуб со 28 фудбалери што освоиле европски титули со два тима

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Манчестер сити го ангажира фудбалерот за врска Матео Ковачиќ од Челси, како прво засилување на европскиот првак за новата сезона. Хрватскиот репрезентативец потпиша четиригодишен договор со освојувачот на три трофеи во минатата сезона, откако Манчестер сити, покрај триумфот во Лигата на шампионите, победи и во Премиер-лигата и во англискиот ФА-куп.
– Ова е брилијантен потег за мене и едвај чекам да почнам со Сити. Секој што го гледал овој тим под менаџерот Пеп Гвардиола знае колку е добар, за мене најдобар во светот. Трофеите што ги освоија се јасни за сите да ги видат, но тие се исто така најдобрата фудбалска екипа. Имам уште многу да учам и да се развивам и знам дека под раководството на Гвардиола можам да станам подобар играч, што е навистина возбудливо за мене. Мојот план сега е да одморам неколку недели пред да се вратам во Манчестер за да се подготвам за новата сезона. Сакам да му помогнам на овој клуб да остане на врвот и да освои повеќе трофеи – изјави Ковачиќ, пренесе „Би-би-си“.
Ковачиќ беше дел од тимот на Челси што ја освои Лигата на шампионите во 2021 година, влегувајќи како замена во финалето со Манчестер сити, во кое Челси победи со 1-0. Претходно Ковачиќ освои и три континентални титули со Реал Мадрид (во 2016, 2017 и во 2018 година), па со настапот за актуелниот европски шампион во новата сезона ќе се обиде да го израмни рекордот на Кларенс Седорф, кој засега е единствениот фудбалер со освоени европски титули со три клуба.

Холандскиот плејмејкер своите четири европски трофеи ги освои играјќи за Ајакс од Холандија (во 1995 година), Реал Мадрид од Шпанија (1998) и за Милан од Италија (2003 и 2007) и беше стартер во секој од четирите финални натпревари.
Со титулите со два клуба, Ковачиќ сега е член на еден многуброен трофеен клуб, во кој има 28 фудбалери што освоиле европски титули со два тима, во кој, меѓу другите, се Кристијано Роналдо (титули со Манчестер јунајтед и со Реал Мадрид), Тони Крос (Баерн и Реал Мадрид), Жерар Пике (Манчестер јунајтед и Барселона), Давид Алаба (Баерн и Реал Мадрид), Франк Рајкард (Ајакс и Милан), Самуел Ето (Барселона и Интер), Чаби Алонсо (Ливерпул и Реал Мадрид), Миодраг Белодедиќ (Стеауа и Црвена звезда), Дејан Савичевиќ (Црвена звезда и Милан), Владимир Југовиќ (Црвена звезда и Јувентус), Паоло Соуса (Борусија Дортмунд и Јувентус), Дидие Дешам (Марсеј и Јувентус), Марсел Деаси (Марсеј и Милан), Деко (Порто и Барселона), Роналд Куман (ПСВ Ајндховен и Барселона) итн. Од нив, Белодедиќ е првиот што влезе на оваа листа, Деаси е првиот што го направи тоа со титули во две сезони по ред, а потоа неговиот успех го повторија и Соуса, Пике и Ето…
Ковачиќ има 95 настапи за Хрватска, со која освои сребро и бронза на светските првенства во 2018 и во 2022 година. Н.М.