Кому му прекипи

Читајќи ги изјавите на политичките фактори кој кому и зошто му должи, се наметнува логичен заклучок дека во последните 25 години е создаден систем на легализирана политичка корупција како форма за намирување на политичките коалициски должничко-доверителски односи

Дури и со промена на Уставот, во овие услови и околности, патот кон ЕУ со рејтинг на носителите на власта од 0,2 отсто е просто невозможна мисија.
Ме чуди што досега никому од носителите на јавни функции со 78 отсто покачување не му текнало да ги прогласи овие анкети – анти ЕУ, бидејќи нели денеска ако немаш одговор на конкретно незгодно прашање, најлесно е да прогласиш дека е против ЕУ-интеграциите.
Ниту една приказна на национална основа или историски антагонизам одамна не поминува како дефокус, бидејќи и претставниците од ЕУ, колку и да имаат сервилни администратори што попримиле балкански навики или се наклонети на едната или на другата страна, нема да можат да ја сварат понатаму евидентната корупциска приказна издигната на ниво на правило, по однапред утврден коалициски редослед.
Читајќи ги изјавите на политичките фактори кој кому и зошто му должи, се наметнува логичен заклучок дека во последните 25 години е создаден систем на легализирана политичка корупција како форма за намирување на политичките коалициски должничко-доверителски односи.
Деновиве читаме кој сѐ од поранешните политички фактори и членови на нивните семејства се зафатил со сериозни милионски бизниси, струјата е најмодерна, а во тренд се и „шалтери“ за брзи пари.
Воспоставен е систем со кој е нанесена ненадоместлива штета за државата, а наедно неповратна лична корист за дел од политичките елити.
Скриениот имот на функционерите, вклучувајќи и на дел од судиите и јавните обвинители, не барајте го во ДКСК или во анкетните листови, доволно е да се заинтересира малку некој јавен обвинител или други надлежни органи задолжени за следење на патот на парите. Кој бара, ќе најде.
Тендерите и јавните набавки наместо да бидат форма на вистински натпревар на слободниот пазар, се користат како средство за намирување на должничко-доверителските политички односи, но и како оружје за елиминирање на неподобната конкуренција.

Воспоставен е систем со кој е нанесена ненадоместлива штета за државата, а наедно неповратна лична корист за дел од политичките елити. Скриениот имот на функционерите, вклучувајќи и на дел од судиите и јавните обвинители, не барајте го во ДКСК или во анкетните листови, доволно е да се заинтересира малку некој јавен обвинител или други надлежни органи задолжени за следење на патот на парите. Кој бара, ќе најде

Во судството одамна е спуштена магла, која никако да се подигне, а во меѓувреме со квазирешенија се прават обиди да се прикаже дека сѐ е во ред.
Но ЕУ и САД-амбасадорите не мислат така.
Почнаа прозивките и жестоките реакции за судството, токму од амбасадорите што до вчера ги поздравуваа сите наши судски реформи и ги оценуваа како успех и напредок на државата.
Но прозивките и критиките овој пат се надградени во форма на прашање каде се вложените силни милијарди во судските реформи.
На ова прашање одговор треба да дадат луѓето на кои им биле доверени овие пари заради реализација на судските реформи, како и организаторите на судските обуки и проекти, вклучувајќи ја и Академијата за судии и јавни обвинители, како и луѓето што ги подготвувале завршните извештаи што биле оценети и ги претставиле пред меѓународниот фактор како УСПЕШНО завршени проекти и обуки.
Треба да се одговори на прашањето кои се ефектите од вложените средства за судските реформи.
Затоа, сосема е небитно дали ќе се чекори рамо до рамо или „образ уз образ“, битно е дека токму на тие што се сега 78 отсто во предност, на наредните избори политичкиот опстанок ќе им зависи од огромното мнозинство анкетирани што го дале своето издвоено мислење со оценка на довербата од 0,2 отсто.

(Авторот е адвокат и поранешен судија)

Владимир Туфегџиќ