Фото: МИА

Италија секогаш давала и ќе продолжи да дава силна поддршка за патото на Северна Македонија кон Европа. Создавањето услови за неодамнешниот почеток на преговорите со Брисел претставува успех на кој оправдано треба да сте горди, во очекувањето да се достигне крајната цел за полноправно членство во ЕУ, како што впрочем се случи со вашата одлука да се приклчучите кон НАТО, рече во своето денешно обраќање во Собранието на Северна Македонија, претседателот на Италија, Серџо Матарела.

Според Матарела, местото на Македонија е во Европа заради вредностите, историјата и културата.

Тој во своето обраќање посочи дека пријателството меѓу Италија и нашата држава има длабоки корени, поттикнато од спонтана симпатија и од чувство на меѓусебно разбирање, кое никогаш не престанало.

– По Втората светска војна и покрај ограничувањата наметнати од тогашниот геополитички поредок, Италија продолжи да негува кон вашиот народ непроменета почит и постојан интерес. Доказ за тоа е силниот порив на солидарност, кој по страшниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, поттикна над 200 италијански уметници да донираат над 300 нивни дела кои денес се чуваат во Музејот на современа уметност во Скопје – рече претседателот на Италија.

Со 31-годишна независнот која државата ја прослави вчера, Матарела потенцираше дека се отворени дополнителни можности за развој на односите меѓу овие две земји во сите полиња, а меѓу нив и не помалку важното поле на културната соработка.

– Италија е горда на фактот дека на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје италијанскиот јазик се изучува повеќе од 60 години, и што во моментов многу македонски ученици од основните и средните училишта избраа да го учат италијанскиот јазик, што претставува знак на динамика и современост на врската меѓу овие две земји. Станува збор за чувство на искрено пријталество – додаде Матарела.