Кирил Петков со отрезнувачка изјава за граѓаните на Бугарија
Во амбиент на разгорени политички превирања во Бугарија, за чиј развој на настаните секако е заинтересирана Македонија, заради евентуалното повлекување на ветото за македонските евроинтеграции, сепак, големо внимание за аналитичарите привлече обраќањето на премиерот Петков, кој изјави дека е решен од Бугарија да направи „нормална и европска земја“, но во идно време. Со едноставна аналогија на изјавата на Петков, на политиколозите и воопшто на јавноста, недвосмислено им се наметна логичниот заклучок дека во актуелниов миг Бугарија воопшто не е „нормална и европска земја“, иако уште од 2007 година е членка на Европската Унија!
Со таквата изјава во својство на премиер, Кирил Петков на отворена сцена ја призна контрадикторноста на Софија, која не почитувајќи и не имплементирајќи ги европските вредности и стандарди и погазувајќи го меѓународното право, веќе три години уценува со вето и го блокира почетокот на евроинтегративниот процес на Македонија
На првиот ден од „превратот“ во бугарското собрание, четврток 17 јуни, премиерот на Владата на Бугарија, Кирил Петков, заедно со пратениците од владејачката коалиција, излезе пред парламентот во Софија на протест поради смената на дотогашниот собраниски спикер, Никоја Минчев. Обраќајќи се преку мегафон на собраните на протестот, Петков порачал дека „Бугарија ќе биде нормална и европска земја“.
– Само заедно можеме повеќе. Нема да ве предадеме, ќе победиме. Нема да ѝ ја предадеме државата на мафијата – рекол Петков на протестниот собир во Софија.
Со смената на претседателот на Собранието на Бугарија, премиерот Петков всушност го изгуби мнозинството во парламентот, а за доверба на неговата влада, Собранието ќе треба да се изјасни оваа седмица.
Во амбиентот на разгорени политички превирања во Бугарија, за чиј развој на настаните секако е заинтересирана Македонија заради евентуалното повлекување на ветото за македонските евроинтеграции, сепак големо внимание за аналитичарите привлече обраќањето на премиерот Петков, кој изјави дека е решен од Бугарија да направи „нормална и европска земја“, но во идно време. Со едноставна аналогија на изјавата на Петков, на политиколозите и воопшто јавноста, недвосмислено им се наметна логичниот заклучок дека во актуелниов миг Бугарија воопшто не е „нормална и европска земја“, иако уште од 2007 година е членка на Европската Унија!
Со таквата изјава во својство на премиер, Кирил Петков на отворена сцена ја призна контрадикторноста на Софија, која не почитувајќи и не имплементирајќи ги европските вредности и стандарди и погазувајќи го меѓународното право, веќе три години уценува со вето и го блокира почетокот на евроинтегративниот процес на Македонија.
Петар Богојевски, лидер на движењето Македонски концепт, познавач на политичките состојби во Бугарија, проценува дека главната причина за доминацијата на неевропскиот амбиент во оваа земја (иако членка на ЕУ) е корупцијата.
– Односите меѓу Македонија и Бугарија се обременети од еден главен фактор – корупцијата во бугарското општество. Корумпираните политичари во Бугарија секогаш бараат оправдание за своето поведение и обично тоа го покриваат со надворешен непријател – во случајов со македонското прашање. На оние корумпирани политичари што ја држат Бугарија да биде на маргините на ЕУ како најсиромашна и најкорумпирана земја, со години, главна тема што ја наметнуваат во бугарската јавност им се односите меѓу Македонија и Бугарија. Единствен начин да дојдеме до нормализација на односите меѓу двете земји е на политичката сцена во Бугарија да победи новата просперитетна и политичка елита. Во моментот таа е претставена во две партии: новоформираната Продолжуваме со промените, на премиерот Петков, и Демократска Бугарија, која е онаа стара и проевропски ориентирана модерна десница – вели Петар Богојевски.
Тој потенцира дека тој и неговиот политички субјект развиваат односи за соработка со тие структури и интелектуалци во Бугарија, кои немаат проблем со прифаќањето на денешната реалност во Македонија.
– Во Бугарија, во моментов се обединија сите структури блиски на мафијата, за да ја симнат актуелната влада, која им нанесе тешки удари со низа антикорупциски мерки. Сосема очекувано, за да ја прикријат вистинската причина за нивното обединување, тие во фокусот повторно го ставија македонското прашање. Сепак, очекувам евентуалното гласање за францускиот предлог (за решение за македонско-бугарскиот спор) да помине во бугарскиот парламент, без разлика на новото парламентарно мнозинство, бидејќи партијата на Турците, ДПС, ќе гласа за повлекување на ветото за Македонија во ЕУ. Но Владата на Кирил Петков, сепак, ќе падне и во Бугарија којзнае по кој пат повторно ќе има предвремени парламентарни избори – прогнозира Богојевски за еден од исходите од случувањата во бугарското собрание, кои би имале директно влијание за македонските евроинтеграции.
Сепак, Петар Богојевски смета дека кога станува збор за прифаќање на францускиот предлог како решение за надминување на ветото, Македонија не смее да се потпре на безрезервна доверба во тој документ.
– Следна на потег ќе биде Македонија, дали ќе го прифати француското решение или не. Доколку тоа значи внесување на сите бугарски услови во европската преговарачка рамка за Македонија, сакам да го изразам ставот дека Македонски концепт е против француското решение, бидејќи на тој начин Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ – порачува Богојевски, кој предвидува дека гласањето за францускиот предлог во бугарското собрание ќе се случи пред гласањето за доверба на владата на Петков и пред одржувањето на самитот на ЕУ, на 23 и 24 јуни.
Кога станува збор за темата „Бугарија како европска и нормална држава“, Стојко Стојов, претседател на ОМО Илинден – Пирин, организација во Бугарија што се бори за малцинските права на Македонците во таа земја (негацијата на постоењето на Македонците во Бугарија е еден од условите што бугарската страна сака да бидат внесени во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија), без подолго размислување кажува дека таа никогаш и не била нормална европска држава!
Европската Унија свесно ја прими Бугарија, знаејќи дека ни оддалеку не ги исполнуваше нејзините критериуми и стандарди, само поради геополитички причини. Иако 15 години е членка на ЕУ, Бугарија никако не може да се перципира како нормална европска држава, што никогаш и не била. За овие 15 години не беше спроведена лустрација во бугарското општество на политичките личности и одлуки од претходниот систем, сѐ уште не се реформирани безбедносните служби во кои големо влијание имаат елементите од комунизмот. Всушност, таквите комунистички елементи во безбедносните структури ја создадоа и ја одржуваат мафијата во политиката и во бизнисот. А тоа го знае и ЕУ, дека Бугарија е прикриено тоталитарна земја, со контролирани политички процеси, со магнати под влијание на кланови од времето на комунизмот, со проблеми во слободата на говорот. Бугарија не е реформирана земја, а работата на реформските комисии е „потемкинови села“. Ако по некое чудо Бугарија излезе од ЕУ и треба повторно да се кандидира за членство во Унијата, би била многу поназад во оцените за исполнување на критериумите за проширување од Македонија. Во моментов, според спроведените реформи, Македонија е многу поевропска земја од Бугарија – вели Стојко Стојков.