Рокот за номинирање претставници во работната група за измени на Уставот што Министерството за правда им го даде на институциите и политичките партии истекува денеска.
Освен парламентарните политички партии во работната група при Министерството за правда претставници треба да номинираат и од Кабинетот на Претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и експерти од областа на уставно право.
И додека во јавноста викендов се лицитираше со можните имињата на членовите, дел од политичките партии на дописот од Министерството за правда одговорија негативно. ВМРО-ДПМНЕ, Алтенатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз информираа дека нема да учествуваат во работната група.
На дописот од Правда, први се одзваа претседателот Стево Пендаровски, кој потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник, додека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кажа дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени.
Премиерот Димитар Ковачевски, минатата недела порача дека процесот на уставни измени е внатрешно прашања на Македонија, што е и обврска поврзана со пристапните преговори со Европската Унија, согласно што и работната група во Министерството за правда треба да изработи предлог којшто одговара на македонското општество, на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја – членка на ЕУ.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како странски експерти.
Вицепремиерот Маричиќ рече дека СЕП активно ќе учествува во таа работна група и ќе номинира лице што ќе биде претставник од Секретаријатот и со допис до понеделник ќе го информира Министерството за правда.
– Од таа работна група да извадиме еден предлог кој потоа ќе најде свој простор за дискусија и во општеството и во Собранието. Многу е попрактично и поодговорно за државата да учествуваат сите политички партии, и јас ги охрабрувам да не се плашат и да учествуваат. Бидејќи јавно ги изнесоа ставовите, тие ставови да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до едно заедничко решение, најдобро решение, и да изградиме македонски модел за вградување на овие три заедници или колку и да бидат, што се заинтересирани да влезат во Преамбулата на Уставот, и да го овозможиме тоа. Сметам дека на тој начин ќе се демистификува процесот повеќе отколку ако го задржиме на ниво на дневни изјави и политички препукувања. Ние ја поставуваме масата за разговор и ги каниме сите да седнат на таа маса и да разговараме, рече Маричиќ на заедничката прес-конференција минатата недела со министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени, оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
– Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментиарат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандамни, се драфтираат, итн… Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со тоа прашање, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работатата на Комисијата која ја формира Министерството за правда а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Булачани за време на викеднот.
Социјалистичката партија на Македонија, во соопштение до медиумите, информираше дека нема да партиципира во работната група на власта која, како што наведуваат „нема мандат ниту легитимитет за вакви уставни промени“ и дека таа „треба да се формира дури откако ќе се изгласа потребата за промена на Устав во Собрание, со потребното двотретинско мнозинство“.
Демократскиот сојуз, исто така, информираше дека нема да партиципираат во работната група за промена на Уставот, посочувајќи дека „сѐ додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик, не треба да се почнува постапка за промена на Уставот.“
И Левица преку соопштение од медиумите, информираше дека партијата одлучно ја одбива поканата за учество во работните групи за уставни промени.
Генералниот секретар на Алтернатива, Зекирија Ибрахими, на прес-конфернција изјави дека Алтернатива нема да учествува во работната група за измени на Уставот. Причината за ваквата одлука, како што посочи Ибрахими, е што за нив не може да има работни групи за изготвување или подготовка на уставните измени додека не се постигне политички консензус меѓу политичките партии за поддршка на овие измени, преку кој мора да се отвори патот кон интеграција на државата во Европската Унија.
Сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – тоа да биде санкционирано, апелир
Министерството за правда, како што беше информирано, во барањето за номинација навело дека во интерес на исполнување на нашата обврска која произлегува од Преговарачката рамка што ја усвоија 27-те земји членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава, и дека за таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на Уставното право и кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени.
Според претходно објавените информации, постапката за уставни измени, односно промена на Преамбулата на Уставот, треба да заврши најдоцна до ноември годинава, по завршувањето на скринингот на ЕУ.