Национализмот како алатка за бегање од личната одговорност или, пак, повторно лансиран како амбиција за поширока платформа на дејствување?!
- Индикативно е тоа што секогаш кога лидерите на политичките партии на македонските Албанци ќе отидат на координативни средби во Тирана, тие се враќаат со истата радикална идеја, за некакво преуредување на државата. По првиот состанок во Тирана, пред неколку години, се изроди Тиранската платформа, со која започна отворениот идентитетски атак врз македонскиот народ, со промена на името на државата. Сега, по неодамнешниот состанок во Тирана, почна да се пласира идејата за ново државно уредување
Во време на голема геополитичка неизвесност, кога буквално не се знае кон што се движи светот, внатрешната кохезија во општеството е повеќе од клучна за да се одредат заедничките цели кон кои ќе се стреми државата.
Но се чини дека дури и во едни вакви турбулентни времиња некои политички сили во земјава ја користат ваквата состојба одново и одново да ги пласираат идеите за разбивање на унитарниот карактер на Македонија.
„Тиранските платформи“ и амбициите за преуредување на државата
Имено, откако неодамна доби нова кривична пријава за „злоупотреба на службената должност“ од времето кога беше градоначалник на Сарај, високиот функционер од редовите на ДУИ Блерим Беџети најави ново читање на Охридскиот договор.
Тој порача дека Албанците имаат легитимно право да отворат широка дебата за ново државно уредување и сами да одредат како и каде сакаат да живеат, истовремено обвинувајќи ја Владата дека не го почитува Охридскиот договор, но и дека го блокира процесот на евроинтеграција, пренесуваат медиуми на албански јазик.
– Во државата навистина имаме сериозен проблем и ги поканувам и македонското население, но и Албанците, доколку е потребно, да разговараме за тоа како го читаме и како го разбираме Охридскиот договор. Ќе бидете сведоци дека целта на сите овие акции и политички притисоци е за ова и за процесот на интеграција, а доколку нема договор, Албанците имаат легитимно право да бараат ново државно уредување и сами да одредат како и каде сакаат да живеат – рече Беџети.
Токму со Охридскиот рамковен договор јасно и недвосмислено се потврдени унитарниот карактер на Македонија и државното устројство, така што ваквите повици не се ништо друго туку директна конфронтација со стратешкиот партнер САД.
Индикативно е тоа што секогаш кога лидерите на политичките партии на македонските Албанци ќе отидат на „координативни средби“ во Тирана, тие се враќаат со истата радикална идеја, некакво преуредување на државата. По првиот состанок во Тирана, пред неколку години, се изроди Тиранската платформа со која започна отворениот идентитетски атак врз македонскиот народ, со промена на името на државата. Сега, по неодамнешниот состанок во Тирана, почна да се пласира идејата за ново државно уредување, односно (кон)федерација преку која полесно би се реализирала крајната цел, отцепување на делови од Македонија и припојување кон соседните земји.
Политички маневар за дефокусирање на јавноста
Некои од домашните аналитичари сметаат дека во настапот на Беџети има одговор на поднесената кривична пријава, но истовремено, дека не треба да не се обрне внимание на големодржавните аспирации, кои постојано провејуваат, почнувајќи од неодамнешниот инцидент со настапот на деца на државната телевизија на чии маички имаше мапи со „голема Албанија“.
– Анализирајќи го последниот настап на Блерим Беџети, неминовно е да се забележи еден веќе добро познат, но исклучително опасен политички манир. Имено, наместо да се соочи со институционалниот одговор на кривичната пријава за злоупотреба на службената должност, тој избира да се засолни зад бедемите на етнонационализмот, претворајќи го личниот правен проблем во државна криза. Повикот за „ново читање“ на Охридскиот договор не е ништо друго освен политички маневар за дефокусирање на јавноста. Тоа е класична замена на тези: во моментот кога правната држава треба да профункционира за конкретни случаи на корупција, се активира ’националната алармна сирена‘. Пораката е јасна, ако го гоните политичарот, ќе го разнишате државното уредување – објаснуваат аналитичарите.
Според нив, повремените состаноци на албанските политичари од земјава во Тирана не може да се сфатат никако поинаку освен како директно мешање на една соседна земја во работите во Македонија.
– Што се однесува до улогата на Тирана, индикативно е тоа што секоја регионална „сеалбанска координација“ резултира со радикализирање на барањата во Скопје. Тоа создава оправдан сомнеж кај македонскиот народ дека евроинтеграциите не се вистинската цел, туку само параван за чекор по чекор да се редефинира Македонија од унитарна во некаква хибридна федерална форма. Тие луѓе земаат плата од македонските граѓани, треба тука да ги утврдуваат стратегиите за развој на државата, а не некој однадвор да им кажува што и кога да прават – посочуваат аналитичарите.
Парадоксот на ЕУ-интеграциите и одбивањето на европските модели
Аналитичарите со кои разговаравме за последните изјави на Беџети го истакнуваат уште и парадоксот на албанските политичари во земјава, кои заговараат уставни измени заради пробив во евроинтеграциите, но бараат жртвата да биде направена исклучиво од страна на македонскиот народ.
– Овде лежи и најголемиот парадокс: доколку овие политички елити се навистина искрени во своите проевропски стремежи, зошто тогаш „хрватскиот модел“ на Устав, модел на земја членка на ЕУ, за нив е апсолутно неприфатлив? Одговорот е едноставен: тој модел ја дефинира Македонија како национална држава на македонскиот народ со загарантирани права на малцинствата, што директно се судира со нивната крајна цел за бинационална држава – потенцираат аналитичарите.
За нив нема никаква дилема дека наместо конструктивност, гледаме политика на уцена.
– Пораката дека Албанците „сами ќе си го бараат патот“ доколку македонската страна не прави постојани отстапки, не е јазик на соживот, туку јазик на конфронтација, кој директно ги поткопува стратешките интереси на државата и нејзиниот унитарен карактер. Во вакви турбулентни времиња, кога ни е потребна внатрешна кохезија, ваквите изјави се само „гориво“ за дополнителна поларизација, направени исклучиво заради заштита на политичките кариери под превезот на „националниот интерес“ – заклучуваат некои од домашните аналитичари со кои разговаравме.































