Фото: Архива

Како еден од елементите што недостигаат во законската регулатива за поефикасно справување со коруптивните поведенија, според соговорниците, во прв план се споменува недонесениот закон за потекло на имот. Сепак, по сѐ погласните барања од меѓународната заедница, легитимно се поставува прашањето колку е можно со постојната законска регулатива и институции да се процесираат случаите во кои пред јавноста се изложени сериозни индиции за сомнителни бизнис-зделки, преку директна или индиректна злоупотреба на политичката моќ и влијание

Корупцијата може да се решава и со постојните закони и институции

Слабите резултати испорачани од борбата со корупцијата во Македонија, речиси секогаш забележани во извештаите на меѓународните институции и фактори за реформскиот напредок на државата, се чини дека креираат амбиент во државата соодветен на поговорката „ако не сакаш да завршиш работа, смисли добар изговор“. Сѐ повеќе се покажува дека „добриот изговор“ за ситуацијата со борбата против корупцијата е пронајден во недоволната законска регулатива и подготвеност на институциите за ваков предизвик.
Како еден од елементите што недостигаат во законската регулатива за поефикасно справување со коруптивните индиции е недонесениот закон за потекло на имот, кој во меѓувреме има добиено и друга формулација (закон за конфискација на имот без судска пресуда), од кој се отстранети некои решенија предложени од Државната комисија за спречување корупција. Сепак, по сѐ погласните барања од меѓународната заедница, а и во очекување на почеток на преговарачкиот процес на Македонија за членство во ЕУ, легитимно се поставува прашањето колку е можно со постојната законска регулатива и институции да се процесираат случаите во кои пред јавноста се изложени сериозни индиции за сомнителни бизнис-зделки, преку директна или индиректна злоупотреба на политичката моќ и влијание.
– Доколку има вистинска политичка волја за борба против корупцијата, постојните регулативи и институции го овозможуваат тоа. Носењето на законот за потекло на имот секако би било дополнителна поддршка и олеснети услови за расчистување со корупцијата, но и сега имаме многу сериозна регулатива за перење пари. Истражувањето на потеклото на имотот најчесто е поттикнато од сомневања за незаконски стекнат имот, дали како форма на корупција или друга незаконска активност, што е поврзано и со можноста изворот на истражуваниот имот да биде токму перењето пари – вели Гордан Калајџиев, универзитетски професор по кривично право.
Наедно, професорот укажува дека сите сериозни банки веќе имаат офицери за финансиски истраги, а и во рамките на Министерството за финансии постои оддел за финансиско разузнавање. Овие институции и луѓето што работат во нив имаат поминато сериозни обуки и се стручни во разоткривањето на перењето пари, особено што и на меѓународно ниво се работи посветено на соработка и вмрежување на финансиските истраги, како и на нивно стандардизирање според меѓународното право.

– Навистина, тешко се постигнуваат ефекти во финансиските истраги и со таа меѓународна соработка, но видлива е посветеноста да се спречи незаконското финансиско работење. Освен тоа, контролата на стекнатиот имот ефикасно може да се спроведе и преку данокот, односно надлежноста на УЈП за проверка на стекнат имот. Ако се сака, постојат механизми за борба против корупцијата, но државата треба да биде подготвена да ги применува неселективно – додава професор Калајџиев.
Претседателката на Транспаренси интернешенел-Македонија, Слаѓана Тасева, за справување со корупцијата препорачува подобро организирање на институциите во ефикасно следење на финансиските текови.
– Активностите околу купување на загубарот „Соравија“ претставуваат посебен предизвик за институциите што се задолжени за организирана превенција и борба против корупцијата. Овие дејства содржат елементи на меѓународна (прекугранична) активност и вклучуваат поврзаност со политички експонирани лица, како и со лица од бизнисот што дејствуваат во сфери на високопрофитна дејност заснована на трошење јавни пари и државни заеми, како што е изградба на патишта, а тесно се поврзуваат и со банкарскиот сектор што се јавува како кредитор. Мојата препорака е службите од двете страни на границата, па и пошироко, подобро да се организираат во ефикасно следење на финансиските текови поврзани со бизниси вклучени во развојни проекти – вели Слаѓана Тасева за еден од најновите случаи со менување на сопственоста на зграда на бизнис-центар во Скопје, што предизвикува сомневања за коруптивни активности.