Спортски вести

ТРЕТ ОПЕН ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ „ВИЗИОНИ М“

Велјаноски победи на турнирот на Попова Шапка

Македонскиот млад и надежен шахист на Гамбит асеко СЕЕ, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Андреј Велјаноски (19) победи на третиот опен турнир во забрзан пах „Визиони М“ (10 минути, плус пет секунди по секој потег), кој во организација на ШК Ан пасан од Тетово, се одржа на Попова Шапка. Во конкуренција на 152 шахисти (четири ИМ, пет ФМ) од пет шаховски федерации (Македонија 120 учесници, Косово 24, Албанија шест и по еден од Италија и од Грција), Велјаноски (2.198 рејтинг-поени, рангиран петти пред турнирот), освои осум поени од девет можни, освојувајќи и нови 45,4 рејтинг-поени.
Второто место му припадна на интернационалниот мајстор (ИМ) и член на Алкалоид Тони Лазов (2.295, рангиран трети), исто така со осум поени, но послаб дополнителен критериум. Лазов (седум победи и две ремија) беше единствениот што го победи Велјаноски, освои и нови 26,2 рејтинг-поени. Третото место му припадна на ФМ од Албанија, Лоренц Рама (2.110, рангиран 11-ти), со 7,5 поени и нови 21 рејтинг-поен. Просечниот рејтинг на турнирот беше 1.605 рејтинг-поени. Г.И.


За време на ЛОИ 2024 не е дозволена продажба на алкохол на стадионите

Публиката на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година нема да може да купува алкохол на стадионите, откако организаторите одлучија да не бараат изземање од законот, пишува „Би-би-си“. ВИП-гостите ќе може да бидат послужени со алкохолни пијалаци. Францускиот закон забранува продажба на алкохол на стадионите, но дозволува исклучоци за ограничен број настани годишно. Портпаролот на Игрите изјави за „Ројтерс“ дека нема да бараат исклучок затоа што ќе требало да се прави измена на законот.
– На ЛОИ 2024 ќе има повеќе од 700 натпреварувачки настани во текот на 15 дена натпреварување. Строгата примена на францускиот закон дозволува кетеринг-услуги што вклучуваат обезбедување алкохол во хоспиталити областите, оти тие се регулирани со посебен закон за угостителство – рече портпаролот, пренесе „Би-би-си“.
На Светското првенство во рагби, годинава во Франција, гледачите ќе можат да пијат внатре откако организаторите преговараа за исклучок на овој турнир. На финалето на Лигата на шампионите лани исто така беше дозволено да се консумира алкохол на стадионот во Париз во текот на целиот натпревар од 18 часот по локално време, но пиењето и купувањето алкохол беа забранети на јавните места во околината на стадионот, пишува „Би-би-си“. Г.И.