Парадокс е дека државата не може да добие дозвола од општинските власти да подигне споменици за своите бранители, односно за оние што ја бранеа од агресивните напади над нејзиниот суверенитет и унитарност во 2001 година, а од друга страна локалната самоуправа во претежно албанските општини веќе му подигнала мегаломански споменици на агресорот ОНА (УЧК)?! Во едни такви околности, јавноста сепак се запрашува дали треба утешително да звучи соопштението од Министерството за одбрана дека е пронајдено соломонско решение за државата да ја заобиколи „надлежноста“ на локалната самоуправа

Дваесетгодишното потиснување и „ставање под политичкиот тепих“ на дефинирањето на карактерот на конфликтот, дистинкција меѓу бранител и агресор на Македонија, барањето одговори и одговорност за причините, настаните и последиците од конфликтот во 2001 година, сепак се чини не успева да го однесе во „заборав“ тој предефинирачки момент во историјата на независна Македонија.
Рака на срце, за тоа повеќе имаат заслуга поранешните припадници на ОНА (УЧК), кои, како агресори на државата, само по Охридскиот рамковен договор во ново политичко руво се претставуваат себеси како „борци за етничка територија“ и во таквиот контекст прават сѐ да ги одбележат своите „придобивки“ од судирот. Најсвежата таква манифестација е најавата за музеј на ОНА во Арачиново, како своевиден континуитет на мегаломанскиот споменик дивоградба во селото Слупчане, со иста намена и порака. Овие објекти со мемориски карактер се проекти со надлежност и иницијатива на локалната самоуправа, т.е. на македонски општини со доминантно етничко албанско население.

Споменици за македонските бранители само со дозвола од
локалната самоуправа со претежно албанско население!?

Парадокс е дека државата не може да добие дозвола од општинските власти да подигне споменици за своите бранители, односно за оние што ја бранеа од агресивните напади над нејзиниот суверенитет и унитарност во 2001 година, а од друга страна локалната самоуправа во претежно албанските општини му подигнала мегаломански споменици на агресорот ОНА (УЧК)?! Во едни такви околности, јавноста сепак се запрашува дали треба утешително да звучи соопштението од Министерството за одбрана дека е пронајдено соломонско решение за државата да ја заобиколи „надлежноста“ на локалната самоуправа.
– Со оглед на обидот на градоначалниците на општините до кои беше поднесена иницијативата да ја политизираат оваа иницијатива, министерката за одбрана Славјанка Петровска, сакајќи да се зачуваат ликот, делото и жртвата на загинатите бранители, започна со постапка за која не е потребна согласност од општините, а ќе овозможи изградба на овие споменици на споменатите локации. Со заклучок на седницата на Владата одржана на 28.9, Владата ги задолжи Министерството за одбрана и надлежните институции, местата на кои загинале македонските бранители да бидат доделени на Министерството за одбрана – се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Иницијативата од април, за споменик кај Вејце – тетовскиот градоначалник Касами експресно ја одби. Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу, кај когo беше доставено барањето за споменик кај Карпалак, по јавните преписки со министерката Петровска се прогласи за ненадлежен. Ова иницираше негативни реакции во јавноста, предизвикани од случајот со спомен-кулата на борците на т.н. ОНА во Слупчане, изградена со заобиколување на законските процедури.
Ваквите законско-процедурални „надмудрувања“ на институциите во Македонија покажуваат дека рефлексиите од 2001 година сѐ уште имаат потенцијал на предизвикаат општествена и институционална напрегнатост. Одредени аналитичари проценуваат дека ваквите институционални „инциденти“, кои влечат корени од „конфликтното наследство“ од 2001 година, се резултат на тенденцијата тој да се остави на „заборавот“, што, пак, придонесува за некаква општествена перцепција за изедначување на двете страни на конфликтот: на оние што ја нападнаа државата и на оние што ја бранеа.
По дведецениска временска дистанца постојат и мислења на политички експерти дека дефинирањето на конфликтот од 2001 година не е политички приоритет за иднината на Македонија.

– Зборуваме за 2024 година и сметам дека овие теми не се приоритетни. Од друга страна, односот на албанската заедница кон УЧК и односот на македонската заедница кон УЧК не е ист. И тоа не е спорно, бидејќи ние во 2002 година воопшто не се позанимававме со утврдување на заедничката вистина во однос на 2001 година, туку си продолживме со партиски политички наративи. Ние имаме Охридски рамковен договор чија задача е да ги сплоти двете страни. Во една држава каде што имало помирување помеѓу две страни, потребно е да се создаде заедничка вистина, а кај нас, за жал, тоа не е направено. И ние сега не можеме да имаме заедничка вистина затоа што во минатото никој не потрошил енергија и волја за да се дојде до таа заедничка вистина. Тоа е проблем во ова општество, но не е суштински проблем – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Според други наши соговорници, во последно време се засилува употребата на терминот „заедничка“: Софија инсистира на „заедничка историја“, сега се споменува флоскулата „заедничка вистина“. И токму со тие термини чекор по чекор се кинат суверенитетот и интегритетот на македонската нација и држава. Ќе остане ли нешто изворно, идентитетско и оригинално обележје, симбол, територија и држава за народот што е носител на државноста на современата македонска држава?