Фото: „Нова Македонија“

Најновото рангирање на моќноста на армиите во светот и местото на македонската армија активира една хронична дилема – колкави си реалните капацитети на АРМ да дејствува одбранбено при евентуален напад на Македонија до активирањето на членот 5 од Повелбата на НАТО?

Најновото рангирање на моќноста на армиите во светот и местото на македонската армија

Според најновото рангирање на „Глобал фајрпауер“, специјализиран за воено-стратегиски анализи, моќноста на македонската армија е проценета за пласман на 108-то место, меѓу 145 армии во светот. Македонската армија по седми пат учествува во ова рангирање, а годинашното е најдобриот резултат што го има добиено откако е застапена во тие анализи на армиската моќ во светот. Минатата година АРМ беше пласирана на 135-то место, па скокот од 27 места е секако значителен, но сѐ уште не е направен пробивот меѓу 100-те најмоќни армии во светот.

Критериуми за рангирање и табела

Анализата и рангирањето на моќноста на армиите се прават според повеќе карактеристики: воената моќ, финансиите и логистиката, како и силата и големината на војската. Листата е направена врз основа на конвенционалното оружје, додека нуклеарните капацитети не се земени предвид.
Најмоќна во 2023 година е војската на Соединетите Американски Држави. По неа е војската на Руската Федерација, а треторангирана е армијата на Кина. На четвртото место е војската на Индија, а армијата на Велика Британија го зазема петтото место по моќност во светот. Од шестото до десеттото место на ранг-листата се Јужна Кореја, Пакистан, Јапонија, Франција и Италија.
Од земјите од регионот, најдобро рангирана е грчката војска, која го зазема 30-то место. Србија и Бугарија се рангирани на 58-то и 59-то место според моќта на војската, а армијата на Хрватска е позиционирана на 69-то место. По нив следуваат војската на Словенија на 86-то место и армијата на Албанија на 91-то место.
Македонија, како земја-членка на НАТО, освен што ја има привилегијата да биде дел од најголемиот воен сојуз и да се потпира во конципирањето на својата безбедност на партнерството во Алијансата, секако има и обврска да инвестира во својата армија за да ги достигне и одржува стандардите на НАТО во подготвеноста за дејствувањето. Обврската за издвојување 2 отсто од националното БДП за одбраната е веќе стандардизирана обврска за земјите членки на НАТО, па и за Македонија. Војната во Украина веќе ги подигна барањата и потребите за издвојување поголем процент од БДП за одбрана од земјите членки на Алијансата, но засега тоа е оставено на национална процена и избор на секој од сојузниците.

Дали целата безбедносно-одбранбена стратегија треба да се темели исклучиво на партнерството со НАТО?

Најновите резултати од рангирањето на моќноста на македонска армија, сепак, логично го наметнуваат прашањето колку се важни подготвеноста и моќта на армијата за безбедноста и одбраната на една држава, дури и кога е дел од моќен воен сојуз, Дали целата безбедносно-одбранбена стратегија треба да се темели исклучиво на партнерството во моќен воен сојуз?
– И малите држави имаат свој начин на одбрана според кој треба да се организира армијата. Првата Заливска војна на Ирак, во деведесеттите години на минатиот век, која беше предизвикана од нападот на Иран врз помалата соседна земја Кувајт, покажа дека и малите земји, без оглед на партнерствата и поддршката, мора да имаат сопствен систем на одбрана. Не би сакал Македонија да се најде во ситуацијата на Кувајт, односно воопшто да биде воено нападната, а уште помалку да биде уништена (како што беше Кувајт од Ирак) бидејќи немала сопствен систем на самоодбрана да реагира додека се активира партнерската помош – вели генералот Митре Арсовски, човекот што ја создаваше армијата во независна Македонија.
Генералот Арсовски се сеќава дека на почетокот на независноста на Македонија речиси никој не верувал дека може да се создаде македонска армија, но неговиот концепт бил да се организира армија на мала земја, подготвена и наменета за безбедносно дејствување и начин на одбрана, соодветни на капацитетите и потребите за евентуална самоодбрана при воена закана. И покрај финансиските и политичките предизвици за членството во НАТО и сите реформи на македонската армија за да ги постигне стандардите на Алијансата, генералот Арсовски смета дека е добра стратегиска позиција што Македонија е дел од најмоќниот воен сојуз.
– НАТО со внимание и соодветна важност гледа на партнерството со Македонија. Иако стратегиски можеби сме вториот ешалон на НАТО, во Македонија се вкрстуваат сите одбранбени артерии за Југоисточна Европа, но и за Блискиот Исток. Евентуалната слабост на армијата во таков артериски центар на Алијансата може сериозно да влијае во спроведувањето евентуални стратегиски акции на НАТО во овој регион. Затоа Македонија, иако мала држава и со армија според државната димензионираност, е важен сојузник во НАТО – вели генералот Митре Арсовски.
Најновото рангирање на моќноста на армиите во светот и местото на македонската армија активира една хронична дилема – колкави си реалните капацитети на АРМ да дејствува одбранбено при евентуален напад на Македонија до активирањето на членот 5 од Повелбата на НАТО?

– Македонската армија има капацитет да одговори на определен вид борбени дејства, но јасно е дека на масивни напади од далечина нема начин како да се реагира и да се даде некаков брз отпор. Затоа од голема важност и придобивка како превентива и практика е членството во НАТО за Македонија. При евентуален, сепак хипотетички напад врз Македонија, автоматски се активира членот 5 од Повелбата на НАТО, според кој нападот врз една земја членка е напад врз целиот сојуз. За да реагира сојузот, не е потребно носење одлуки и состаноци на земјите членки, туку одлуката за дејствување ја носи командата на НАТО. Сепак, ситуацијата е мошне хипотетична, бидејќи Македонија е опкружена со земји членки на НАТО, освен од север. Мала е можноста дека партнер од НАТО ќе нападне, тоа би значело класична агресија. И покрај сета воено-политичка напрегнатост меѓу Грција и Турција за одредени прашања, сепак никогаш не дошло до директен воен судир. Но, во секој случај, Македонија и секоја земја членка на НАТО имаат своја национална одбранбена концепција, во која е вградена концепцијата на НАТО – вели Оливер Андонов, професорот на Воената академија во Скопје.