Анализирајќи ја тогашната геополитичка поставеност на големите сили кон македонското прашање, Мисирков ја образложува можноста од поделба на Македонија од страна на балканските држави, нешто што ќе се реализира по Балканските војни и Букурешкиот мировен договор. Со намера да се избегне таа можност, Мисирков предлага ОБЕДИНУВАЊЕ НА СИТЕ МАКЕДОНЦИ околу заедничката татковина Македонија. Истовремено согледувајќи ги поделбите на македонскиот народ, поделби што се резултат на националистичките пропаганди, се залага за јасно одделување на македонските национални интереси, а како прв чекор во таа насока укажува на потребата од македонски литературен јазик

Сто и дваесет години од објавувањето на книгата „3а македонцките работи“

Во декември 1903 година од печат излезе книгата „3а македонцките работи“ од авторот Крсте Петков Мисирков. Во споменатиот труд Мисирков совршено јасно образложува дека процесот на националната афирмација на македонскиот народ треба конечно да заврши преку обединување околу македонските национални и политички интереси, односно кодифицирањето на македонскиот литературен јазик и зачувувањето на целовитоста на Македонија како нешто одделно од Србија или Бугарија.
„3а македонцките работи“ може да се разбере и како анализа на т.н. македонско прашање, како и обид за негово решавање преку јасна македонска национална програма. Мисирков во свој аналитички труд ја образложува тогашната бугарска, српска и грчка пропаганда, која имала цел да го асимилира македонскиот народ, но и негативните последици од овие дејства кон македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет. Анализирајќи ја тогашната геополитичка поставеност на големите сили кон македонското прашање, Мисирков ја образложува можноста од поделба на Македонија од страна на балканските држави, нешто што ќе се реализира по Балканските војни и Букурешкиот мировен договор. Со намера да се избегне таа можност, Мисирков предлага обединување на сите Македонци околу заедничката татковина Македонија. Истовремено согледувајќи ги поделбите на македонскиот народ, поделби што се резултат на националистичките пропаганди, се залага за јасно одделување на македонските национални интереси, а како прв чекор во таа насока укажува на потребата од македонски литературен јазик.
Таа негова заложба е очигледна од употребата на нов македонски фонетски правопис, како и заложбата за прогласување на централниот македонски говор за литературен македонски јазик. Мисирков го прифаќа кирилското писмо и составува азбука врз современи принципи. Во македонската кирилица тој воведува неколку нови графеми: i, к‘, г‘, н‘, л‘, со кои таа се разликува од другите кирилски писма.

Исто така, во согласност со фонетскиот правопис, настојува на бележење на едначењето по звучност. Во лексиката, а особено во зборообразувањето, настојува на народна лексика и на живи зборообразувачки модели: дележ, продолжаач, опитуачка и др.
Конкретно во „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“, последна глава од неговата книга, дава научно аргументиран, теориски поставен и практично разработен концепт за кодификација на македонскиот јазик. Во тој контекст Мисирков пишува: „Iазикот iет средство, со коiе ниiе познааме, шчо мислит, шчо осек’ат и шчо сакат нашиiот собеседник. Во iазикот се имаат оддел’ни гласовни знакои или зборои за сите мисли, осек’аiн’а и сакаiн’а на iеден чоек, затоа iазикот на iеден народ iет негоо дуовно богатство и наследство, во коiе се закл’учуваат, отпечатени во гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осек’аiн’а и сакаiн’а, со коiи имат живено и живит iеден народ и коiи се предаваат, као нешчо свето от iедно поколеiн’е на друго. Да сочуат некоi своiот народен iазик и да го бранит као светиiн’а, значит, да останит он верен на дуот на своiите предедовци и да уважаат се, шчо имаат они напраено за своiето потомство. Да се откажит чоек от своiо народен iазик значит, да се откажит он и од народниiот дух. Со тоа само се обiаснуат сакаiн’ето и усилиiата на покорителите, да напраат покорените, да се откажат от своiот iазик и да изучат на негоо место нивниiот; исто така со тоа се обiаснуат упортството на покорените народи да сочуваат сето своiе духовно народно наследство, а особито iазикот“.
Поради јасните македонски национални определби, Крсте Петков Мисирков и неговото дело „3а македонцките работи“ веднаш биле критикувани од страна на бугарското општество. Меѓу другото, веднаш по излегувањето на Мисирковата книга, списанието „Македонија“ ја објавило статијата „Нови кобни патишта и проломи,“ во која се наведува дека тоа се лудории од немакедонски фрази. Како автор на оваа статија се јавува извесен Грашев, кој меѓу другото нагласува дека тоа не е прво такво истапување, многу пред работата на Мисирков, Младата македонска книжевна дружина преку страниците на „Лоза“ се залагала за истото тоа. Според Грашев, идејата за која се залагале Мисирков и Младата македонска книжевна дружина била пропагирана во 1887 година од страна на рускиот реакционерен печат. Споменатиот автор исто така вели дека уште во 1886 година, Иван С. Аксаков ги советувал своите македонски ученици да создадат македонски литературен јазик и да го зачудат светот со својата независност. Д.Ст.


Кој е Крсте Петков Мисирков?

Мисирков останува запаметен како македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Тој е и автор на првата книга и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и во Софија, како и раководител на ТМОК. Тој е автор на книгата „За македонцките работи“, списанието „Вардар“ и голем број научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност, тој се занимавал и со превод на книжевни дела и со собирање народни творби.
Свештеникот Јурдан Ангелов во своите спомени истакнува дека во есента 1903 година, кога во Софија се водела дискусија за последиците од Илинденското востанието и за иднината на македонската „револуционерна борба, кај поединци веќе зреела мислата движењето да ги истакне и културните проблеми на својата борба. На помош на нашата идеја дојде Мисирков. Со него се зближи Димитар Мирасчиев и се беа согласиле кон политичкиот автономен принцип за слободата на Македонија да се прибави национална и јазична автономија на Македонија, почнувајќи со издавањето книги и весници на чист македонски јазик“.